Русија не гледа можност за размена на територии со Украина во рамките на евентуален мировен договор, порача главниот руски преговарач Владимир Медински. Тој нагласи дека Москва ќе биде задоволна дури откако ќе оствари победа и ќе биде потпишан договор според руските услови.
Можноста за територијален компромис меѓу Москва и Киев повторно е отфрлена од руска страна. Владимир Медински изјави дека Русија не ја разгледува опцијата за размена на територии, и покрај тоа што оваа идеја периодично се појавува во дипломатските иницијативи на различни земји, пренесе „Ројтерс“.
– Темата за можна размена на територии периодично ја иницираат различни земји. Не гледам никаква можност за размена на територии – изјави Медински.
Тој се осврна и на пошироките безбедносни прашања во Европа, оценувајќи дека воспоставувањето, како што го нарече, фер безбедносен систем би можело да обезбеди мир на континентот во наредните децении, па дури и векови.
Москва најавува проширување на тампон-зоната
Медински посочи дека тампон-зоната што Русија ја воспоставува долж границата со Украина веќе е значајна и дека нејзиното проширување ќе продолжи.
Во својата изјава тој употреби и остар тон во однос на териториите под руска контрола, нагласувајќи дека Москва нема намера да се откаже од нив.
– Затоа, таму каде што е кренато руското знаме, тоа не треба да се симнува. Задачата е друга, за тоа разговаравме денеска – рече рускиот преговарач.
Тој додаде дека руската страна смета оти цврстиот пристап и самодовербата во минатото секогаш доведувале до надминување на пречките и воспоставување долгорочна стабилност.
Мир само под руски услови
На крајот од изјавата, Медински беше дециден дека Русија нема да биде задоволна со каков било договор, туку само со постигнување победа и потпишување мировен договор што ќе ги исполни руските услови.
Изјавите доаѓаат во време кога територијалните прашања, безбедносните гаранции и идниот статус на окупираните украински области остануваат меѓу најголемите пречки за постигнување мировно решение.
Ставот на Москва дополнително укажува на длабокиот јаз меѓу руските и украинските позиции, особено во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.































