Фото: МИА

Алта банка АД Битола пред воведувањето администрација била солвентна и ликвидна банка, која ги исполнувала супервизорските стандарди, а одлуката на Народната банка не значи дека е утврдена несолвентност или дека ѝ е одземена дозволата за работа. Ова го истакна привремениот администратор Илија Андовски на денешната надзорна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, посветена на причините за воведување администрација во банката.

Андовски појасни дека станува збор за посебна супервизорска мерка предвидена со Законот за банки, чија цел е да се спречи понатамошно влошување на состојбата, да се заштити имотот на банката и да се зачуваат интересите на депонентите и доверителите.

Според законските одредби, администраторите имаат обврска во рок од 21 ден од именувањето да ја утврдат состојбата на банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

– Приоритет во текот на администрацијата е да се заштити имотот на банката, да се управува со нејзиното работење во рамки на утврдените ограничувања со решението и да се зачува континуитетот на дозволените банкарски активности во согласност со интересите на депонентите и доверителите – изјави Андовски.

Како клучна причина за воведувањето администрација тој го посочи одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград од страна на Народната банка на Србија на 30 октомври годинава. Српската банка била доминантен акционер во Алта банка АД Битола, со учество од над 95 проценти во акционерскиот капитал.

Андовски објасни дека со одземањето на дозволата, Алта банка Белград престанала да го исполнува законскиот услов за акционер со квалификувано учество во домашната банка. Поради тоа, на 1 ноември 2026 година, Извршниот одбор на Народната банка донел одлука за повлекување на претходно издадената согласност за стекнување квалификувано учество.

– Повлекувањето на согласноста отвори прашања во однос на идната сопственичка и управувачка структура на домашната банка, континуитетот на нејзиното работење, функционирањето на органите на банката, како и довербата на депонентите и другите доверители. Имајќи ги предвид овие околности и потенцијалните влијанија врз солвентната позиција на банката, Извршниот одбор донесе решение за воведување администрација, бидејќи настанаа околности кои можат да ја загрозат нејзината солвентност – појасни Андовски.

Мерката е предвидена да трае три месеци, а за нејзино спроведување се именувани тројца администратори, сите вработени во Народната банка, кои настапуваат како тим и имаат еднакви овластувања согласно Законот за банки.

Со воведувањето на администрацијата, тие ги презеле и овластувањата на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери. Андовски посочи дека веќе се преземени активности за заштита на имотот и документацијата на банката.

Одговарајќи на прашањата на пратениците Благој Бочварски од СДСМ и Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ за финансиската состојба на банката, привремениот администратор ги презентираше последните расположливи супервизорски показатели.

Според нив, стапката на адекватност на капиталот изнесувала над 26 проценти, додека законскиот минимум е осум проценти. Учеството на ликвидната во вкупната актива било околу 40 проценти, а стапката на покриеност на ликвидноста достигнувала околу 566 проценти, при законски лимит од 100 проценти.

Квалитетот на кредитното портфолио, според презентираните податоци, бил на ниво на банкарскиот систем, со стапка на нефункционални кредити од 2,9 проценти.

Во однос на финансискиот резултат, Андовски информираше дека во третиот квартал од годинава банката забележала загуба од 48 милиони денари. Според неговото објаснување, загубата произлегла од зголемените инвестиции на акционерот во информатичка опрема, сервери, нови дигитални канали и нови вработувања, што довело до раст на оперативните трошоци.

Тој нагласи дека негативниот финансиски резултат не произлегува од резервации за кредитен ризик, оценувајќи дека банката има квалитетно кредитно портфолио и висока стапка на адекватност на капиталот, која овозможува апсорбирање на загубата.

На расправата беше отворено и прашањето за улогата на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање во постапките за издавање дозволи и согласности. Андовски појасни дека оваа дирекција ги обработува сите барања поврзани со дозволи и согласности за банките, при што во Народната банка постои строго воспоставен систем на интерни контроли.