Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на работната посета на Литванија оствари средба со својот литвански колега Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Македонија во главниот град Вилнус.
На билатералната средба, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, биле разгледани можностите за унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, европската интеграција, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.
Посебен акцент бил ставен на европската интеграција на Македонија, надминувањето на постојните пречки и забрзувањето на пристапниот процес. Муцунски изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на земјата – полноправно членство во Европската Унија.
Тој ја потврдил посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и подготвеноста за конструктивен пристап во изнаоѓањето заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано врз европските вредности и принципи.
Централен дел од посетата беше отворањето на првата резидентна македонска амбасада во Вилнус, со што се создаваат нови можности за развој и продлабочување на политичките, економските и институционалните односи меѓу двете земји.
На свеченоста, Муцунски истакна дека Македонија и Литванија повеќе од три децении градат пријателски односи засновани на меѓусебна почит, доверба и заеднички вредности.
Тој упати благодарност и за солидарноста што Литванија ја покажа по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти беа примени на лекување во Вилнус и Каунас.
-Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа – порача Муцунски.
Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе овозможи дополнително поврзување на двете земји во економијата, образованието, културата и технологијата.
Муцунски посочи дека постојат можности за зголемување на трговската размена и инвестициите, поврзување на студентите, академските заедници и уметниците, како и за заедничка соработка во областа на иновациите и дигиталната трансформација.
Тој нагласи дека новата амбасада ќе претставува мост меѓу Скопје и Вилнус, нивните институции, бизнис-заедници и граѓани, создавајќи основа за поинтензивен дијалог и конкретни придобивки за двете држави.
































