На македонскиот филм можеби му недостигаат пари и стратегија, ама не и идеи!

  • Филмовите се скапа работа, велат оние што ги прават, но често тоа е само изговор, зашто најчесто проблем се идеите, а не парите. Овие македонски успеси потврдуваат дека нам како држава можеби ни недостигаат пари и стратегија, но не и идеи! Очигледно и со ограничен буџет за филм во споредба со остатокот од светот може да се создаде квалитетна продукција што ќе биде конкурентна со онаа во развиениот свет. И новите генерации филмаџии, покрај реномираните автори како Манчевски, го потврдуваат тоа
  • За малите кинематографии, големите фестивали и награди значат многу, тие ги подгреваат надежите и ја подигаат нашата самодоверба, отвораат многу порти и прават многу повеќе за авторите, но и за државата, од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика. Она што сѐ уште треба да го учиме е како и дома да ги почитуваме нашите успеси затоа што токму филмот и културата се тие што најдобро ја промовираат земјата намеѓународно ниво

Еден од најголемите последни меѓународни успеси за македонската кинематографија е главната награда за новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, во натпреварувачката програма на неодамнешниот 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио – фестивал од А-категорија. Филмот го освои гран прито на фестивалот и со тоа стана вториот македонски филм што победил на фестивал од А-категорија, по „Пред дождот“, исто така на Манчевски, во Венеција во 1994 година. За важноста и големината на овој успех доволно говори податокот дека годинава на Токискиот меѓународен филмски фестивал пристигнаа дури 1.892 филма од 112 земји и региони, а по ригорозен процес на селекција, во натпреварувачката програма беа избрани само 15 филма.
И минатата година македонските филмови успешно се претставија на филмските фестивали во Венеција, Санденс, Сараево и во Лондон, со што нашите автори и авторки го потврдија својот талент во создавањето исклучителни дела што публиката, и тоа не само домашната туку и светската, ги сака. Македонската кинематографија последниве години доживува исклучителен креативен и продукциски подем, истовремено освојувајќи престижни меѓународни фестивали и поттикнувајќи нова продукциска енергија дома. Само лани, филмовите „Силјан“ на Тамара Котевска и „Диџеј Ахмед“ на Георги Унковски беа меѓу најнаградуваните балкански остварувања со учество на фестивали како Венеција, Сараево, Санденс и Торонто, со освоени признанија од критиката и од публиката. „Мајка“ на Теона Стругар Митевска продолжи да го утврдува авторскиот статус на македонските филмаџии, додека „Планината не оди никаде“, „Ветената земја“, „Антигона“ и „Сенките на месечината“ ја проширија присутноста на македонскиот филм во светот, особено во доменот на документарниот и студентскиот филм. Годинава, пак, документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска испиша нова страница во историјата на македонската кинематографија, со две номинации за 78. „Еми “, најпрестижните награди во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонски филм да биде номиниран за „Еми“, со што успехот на „Силјан“ доби историско значење не само за Македонија туку и за документарниот филм во регионот. Македонската кинематографија имаше голем успех и на годинашното 32. издание на „Сараево филм фестивал“, кога филмот „17“ во режија на Косара Митиќ освои дури четири награди, а филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума ја освои специјалната награда за млади перспективни автори. Оттука, иднината на македонскиот филм се чини посветла не само благодарение на реномираните и веќе признаени автори како Манчевски туку и на новите генерации што сѐ почесто освојуваат признанија на големите меѓународни филмски фестивали.

Многубројните фестивалски настапи, награди, критичките оцени и меѓународниот дистрибуциски потенцијал се доказ дека во Македонија во последниов период има подготвеност за снимање филмови, дури и такви со потенцијал да стигнат до најважните филмски фестивали во светот, и покрај неопходноста од лобирање, што не е наша силна страна, како задолжителен дел од пробивот и промоцијата на филмските дела, бидејќи на овие фестивали пристигнуваат илјадници филмови, а голем дел од нив селекторите воопшто и не гледаат. Ако се знае дека без силно лоби и препораки и добар филм може да помине сосема незабележано, успесите на македонските филмови се уште поголема потврда за нас дека знаеме да направиме филм што може да влезе во натпреварувачките програми на големите фестивали, но и да освои награда, а понекогаш, како што е тоа случајот со Токио, и највисоката! Оттука успехот понекогаш може да се освои и само со многу труд и работа, особено што доаѓаме од регион каде што кинематографијата не наидува на особен меѓународен прием, што е вистинска гордост за една мала и помалку позната национална кинематографија.

Филмовите се скапа работа, велат оние што ги прават, но често тоа е само изговор, зашто најчесто проблем се идеите, а не парите. Овие македонски успеси потврдуваат дека нам како држава можеби ни недостигаат пари, но не и идеи! Очигледно и со ограничен буџет за филм во споредба со остатокот од светот може да се создаде квалитетна продукција што ќе биде конкурентна со онаа во развиениот свет. Новите генерации филмаџии го потврдуваат тоа. И тоа е за секаква пофалба. За малите кинематографии, големите фестивали и награди значат многу, тие ги подгреваат надежите и ја подигаат нашата самодоверба, отвораат многу порти и прават многу повеќе за авторите, но и за државата, од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика. Она што сѐ уште треба да го учиме е како и дома да ги почитуваме нашите успеси затоа што токму филмот и културата се тие што најдобро ја промовираат земјата на меѓународно ниво.