Фото: Министерство за правда

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и понатамошните приоритети во процесот на европската интеграција, соопшти Министерството за правда.

– За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентираше на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен акцент на оценките и препораките што се однесуваат на надлежностите на Министерството за правда. На средбата беше поздравен досегашниот напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, како и подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатата година. Истовремено, беше нагласена важноста од одржување на реформската динамика и продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда – се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека министерот Шасивари изразил благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки претставуваат потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите насочени кон зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.

– На крајот од средбата беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел евидентираниот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните – се вели во соопштението.