Најдобрите просветни работници имаат збор: Габриела Мерџаноска, одделенска наставничка во ООУ „Гоце Делчев“-Гостивар
- До крајот на јануари 2027 година на странците на „Колибри“ ќе имате можност одблиску да се запознаете со носителите на признанието „Просветен работник на годината 2025/2026“, кое го доделуваат Сојузот на просветните работници на Македонија и Министерството за образование. На исти прашања, просветните работници одговараат на свој начин, од свој агол, давајќи мотив за успех, за знаење и за напредок
Габриела Мерџаноска повеќе од три децении е одделенска наставничка, а веќе три години е наставничка-менторка во ООУ „Гоце Делчев“ во Гостивар.
Како обучувачка за нови пристапи во наставата и коавторка на прирачник и електронска платформа за интеркултурно образование, таа има придонес во унапредувањето на воспитно-образовната дејност.
– Особено сум горда што со моите ученици континуирано учествуваме на натпревари, при што само во учебната 2025/2026 година освоивме повеќе од 90 медали на натпревари од областа на математиката, природните науки, литературата и ликовното творештво – вели таа.
Како членка на наградуван наставнички тандем, во два наврата, во 2015 и 2019 година, таа добила високи признанија од НДЦ Скопје, доделени по мислење на универзитетски професори од земјава и странство што ја набљудувале нејзината работа во реализација на интеркултурни активности со ученици од мешан етнички состав.
Престижното признание „Просветен работник на годината 2025/2026“ Мерџаноска го доживува како круна на нејзината досегашна кариера, но и како силен поттик и одговорност да продолжи да создава, да учи и да ги инспирира нејзините ученици.
Која е најважната лекција што ја научивте додека бевте ученичка?
– Најважната лекција што ја научив уште како ученичка е дека еден човек може да остави длабока трага во животот на друго човечко суштество. Оваа лекција ја научив од моите учители, на кои им се восхитував. Токму таа детска восхитеност беше и причината поради која посакав еден ден и јас да бидам учителка. Тој мој детски сон денес е остварен и е мој животен повик. Секоја моја постапка ја поврзувам со оваа научена лекција и давам сѐ од себе трагите што ќе ги оставам во животот на моите ученици да бидат позитивни, исполнети со доблести и убави спомени.
Што е за вас добар учител?
– Добриот учител не се стреми да создаде ученици што засекогаш ќе зависат од него, туку луѓе што ќе умеат самостојно да размислуваат, да веруваат во себе и да продолжат понатаму.
Ако можеше да се смени професија на еден ден, што би биле?
– Мислам дека никогаш не би била нешто друго освен учителка. Навистина неизмерно ја сакам својата професија. Можеби, покрај тоа што сум учителка, би била и поетеса за деца. Сакам да пишувам песни во кои децата ќе препознаваат дел од себе, ќе учат да ги разбираат другите и ќе откриваат дека добрината, храброста и љубопитноста можат да го направат светот поубав. Во училницата секојдневно откривам колку голем свет се крие во едно мало дете, па често сум мотивирана од некоја нивна постапка да им напишам и посветам стихови. Овие стихови се за нив: „Моите ученици богатство се вредно, сложни како браќа сите како едно.“

Која мисла ве води низ животот?
– Ако на децата им дадеш само една капка искрена љубов, тие ќе ти вратат со цел океан. Оваа мисла најдобро ја опишува мојата работа со децата. Тие ја препознаваат искреноста и возвраќаат со љубов, доверба и радост на начин што понекогаш не може да се опише со зборови. Верувам дека она што го даваме од срце секогаш остава трага, дури и кога можеби не сме свесни колку значи за другиот.
По што ги паметите вашите ученици?
– Ги паметам по нивните очи што светнуваат кога ќе откријат нешто ново, по искрената радост кога ќе успеат во нешто што дотогаш им изгледало тешко, по нивните неочекувани прашања и по детскиот хумор што секој ден ме потсетува колку е убаво да се работи со нив, по многубројните цртежи, песнички и пораки што ми ги подаруваат. Секоја генерација носи нешто свое, а секое дете остава посебна трага во моето срце. И по многу години, во возрасните луѓе што ги среќавам, сѐ уште ги препознавам оние мали љубопитни очиња што некогаш ме гледаа од училишната клупа.
Која е најважната лекција што сте ја добиле од нив?
– Децата ме научија дека учителот никогаш не смее да престане да се преиспитува и да учи. Нивните реакции, прашања и постапки секојдневно ме поттикнуваат да размислувам дали сум на вистинскиот пат и што можам да направам подобро. Тие ми даваат енергија, будност и инспирација, а ме учат и на трпение, искреност и радост во малите нешта. Со секоја нова генерација повторно станувам едно љубопитно „прваче“ и токму тоа ми помага мојот учителски дух да остане млад.
А од колегите?
– Од колегите, вклучувајќи ги и педагошките советници, научив дека никој не може да постигне сѐ сам и дека зад секој поголем успех стојат соработка, доверба и меѓусебна поддршка. Благодарна сум им на колегите што верувале во мене, ме охрабрувале и ме поттикнувале да го развивам сопствениот потенцијал, како и за добронамерните совети и критики од кои сум учела низ годините. Иако признанието што го добив е лично, јас го доживувам како заедничко достигнување, затоа што секој од колегите со кои сме работеле и учеле заедно остава дел од себе во нашиот професионален пат.
Што би смениле во денешниот образовен систем?
– Би сакала секој наставник да има своја училница што ќе може да ја уредува и подготвува според потребите на учениците, со соодветни технички услови и можност да ги планира следните активности во просторот во кој работи. Би ја намалила административната оптовареност и би се залагала за поголема поддршка во училницата, притоа во првиот образовен период да има и наставник соработник, кој ќе работи заедно со наставникот и ќе помага да се одговори на индивидуалните потреби на децата. Верувам дека наставникот треба да има повеќе слобода да создава, да истражува, да организира практични активности и да гради вистински човечки односи со учениците. На децата им е потребен наставник што има време да ги слушне, да ги разбере и да ги охрабри, а за тоа се потребни и соодветни услови и системска поддршка.
Што ви е најважно да им пренесете на учениците?
– Пред сѐ, сакам да знаат дека се вредни, дека нивниот глас е важен и дека неуспехот не е причина да се откажат, туку можност да научат нешто ново. Мојата најголема желба е еден ден да станат луѓе што ќе придонесуваат за поубав свет, а и да бидат подобри и поуспешни од мене. За мене, токму во тоа се состои вистинскиот успех на еден учител.
Желбата на учителот
Учителот кога инспирира,
вредно творат срцата млади,
заедно прават поубав свет,
кој со знаење се гради.
Учителот е горд и среќен
кога греат детските очи,
кога од детето израснал човек
достоен за почит.
Учителот во секое дете
посебна приказна видел,
но најмногу сака да слушне:
„Ученикот еден ден
од него подобар да биде.“
Авторка: Габриела Мерџаноска
































