Фото: Маја Јаневска-Илиева

Органското производство како пат до агросуверенитетот и извозот (2)

  • Во текот на минатата година обработливата површина под органско земјоделско производство била зголемена за 24,6 отсто споредено со годината претходно

Официјалните статистички податоци покажуваат благ раст на бројот на земјоделци што произведуваат органски производи, но истовремено и раст на обработливата земјоделска површина наменета исклучиво за органско производство. Трендот што зема голем замав во европските земји постепено се шири и низ Македонија. Бројот на пријавени производители полека се зголемува, а кај површините што се наменети исклучиво за органско производство се забележува дека доминираат житните култури, но застапени се и индустриските и фуражните култури, но и овошките. Според инволвираните страни, интересот за органска храна сѐ повеќе се зголемува, како во нашата земја така и за извоз, а некои од нив истакнуваат дека речиси целото производство го наменуваат за извоз.
Според Државниот завод за статистика, во текот на минатата година обработливата површина под органско земјоделско производство е зголемена за 24,6 отсто споредено со годината претходно.

Доминираат житните култури

Податоците откриваат дека од вкупната обработлива површина, најголем дел се користи за органско производство, и тоа вкупно 3.243 хектари.
– Во 2025 година со органско земјоделско производство се занимавале 931 производител. Во истиот период се регистрирани 5.145 хектари обработлива површина, од кои 1.902 хектари се површини на органско производство во преод. Житните култури зафаќаат најголем дел од површините под органско производство, и тоа со 2.444 хектари, што претставува 47,5 отсто од вкупната површина – посочуваат статистичарите.
Во 2025 година површините под органско производство на житни култури биле зголемени за 31,3 отсто. Зголемување на површините е забележано и кај индустриските и фуражните култури, како и кај овошките, додека намалување на површините е забележано кај зеленчукот и кај грозјето.
За споредба, во текот на 2024 година житни култури биле засадени на површина од 1.862 хектари наменети за органско производство, додека минатата година таа површина се зголемила и достигнала 2.444 хектари. Кај фуражните култури исто така има раст, од 861 хектар во 2024 на 1.000 хектари во 2025 година.

Органските продукти масовно се бараат во Европа

Производителите имаат различни искуства, но заеднички став – органското производство е благодат и за корисниците и за природата.
– Произведените количества ги пласираме на пазарот во нашата земја, но и во странство. Приближно половина производство останува дома, половина оди во странство – вели Горан Балески, претседател на првото здружение на органски производители, кој е производител на органски бадеми.
Балески нагласува оти придобивките од органското производство се значајни како за корисниците така и за природата, бидејќи истовремено се заштитува и здравјето на граѓаните, но и животната средина, бидејќи се користат природни материјали за заштита на производството.
Сличен став има и Зоран Цветанов, сопственик на компанијата „Органико“, која произведува пипер и традиционален ајвар исклучиво за швајцарскиот пазар.
– Произведуваме ајварка, куртовска капија, ајвар, модар патлиџан и црвен домат, јабучар, исто така старо семе од традиционални сорти. Најважно за швајцарскиот пазар е органското производство. Бараат сто проценти органско производство и ајварот го бараат во традиционална форма – печен на ќумбе, лупен со рака. Исто така со лажица ги полниме теглите. Ништо фабрички, сè традиционално како што го правиме дома. Веќе трета година работиме за нив и се исплаќа, ним им се допаѓа и секоја година ги зголемуваат количествата – укажува Цветанов.
Тој посочува дека во производството го користат само она што го дава природата. Во таа насока, за да ги заштитат пиперот и доматите од инсекти во нивна близина садат џунџулиња, босилек и блитва, па инсектите одат кај нив. Што се однесува пак до непосакуваната трева, ја отстрануваат само со копање и не прскаат против трева.
– За прихрана користиме ѓубриво од кокошки, а за прскање за прихрана користиме дозволени препарати, како на пример хумусна киселина, морски алги за прихрана – средства што се дозволени во органското производство – појаснува Цветанов.

Мора да се спречи загадувањето на животната средина

Од пролетва во Македонија е донесен нов закон за органско земјоделско производство, со кој се утврдени строги правила за одгледување на органските земјоделски култури. Меѓу другото, законот предвидува и период и услови за преод на земјоделското земјиште во земја на која може да се одгледуваат органски производи.
Во законот е предвидено дека органските култури треба да се произведуваат во почва измешана или наѓубрена со материјали и производи одобрени во органско растително производство. Притоа забрането е хидропонско производство, метод на одгледување растенија што природно не растат во вода, кај кои коренот се наоѓа во хранлив раствор или во инертен медиум на кој му е додаден хранлив раствор.
Исто така, законот утврдува дека сите користени техники за органско растително производство мора да спречуваат или намалуваат каков било придонес во загадувањето на животната средина. Е.Р.


Површини под растително органско производство во 2025 година

Култури Вкупно Органски Во преод
Вкупно 5.145 3.243 1.902
Житни култури 2.444 1.542 902
Индустриски култури 444 424 20
Фуражни култури 1.000 599 401
Зеленчук 77 14 63
Овошки 787 488 299
Лозови насади 124 52 72

Податоците се во хектари
Извор: Државен завод за статистика


Ниските температури и дождовите носат ризици за земјоделството

Како да се заштитат земјоделските култури при зголемена влажност?

  • Поради зголемената влажност во зоната на растенијата, создадени се ризици за појава на растителни болести и штетници, па затоа е неопходна редовна контрола

Зачестените врнежи со дожд што деновиве надвиснаа над Македонија може да бидат голема придобивка за земјоделските култури, особено за есенските посеви, но истовремено и опасност за други култури. Со зголемување на влажноста, агрометеоролозите нагласуваат оти може да се создадат услови за појава на растителни болести и штетници, па затоа е неопходна редовна контрола на растенијата и нивна заштита.
Според синоптичарите, деновиве се очекува да се задржи врнежливото време, со сончеви периоди, а се очекуваат и температури под нулата и утринска магла. Во првите денови од следната недела пак се очекува променливо време, но послаб локален дожд. Според агрометеоролозите при Управата за хидрометеоролошки работи, досегашните врнежи од дожд беа добредојдени за надополнување на влагата во почвата, особено за есенските посеви. Тие нагласуваат дека оптималните рокови за есенска сеидба се во тек, а некои од житните култури, како што е пченицата, во некои региони веќе се наоѓаат во фаза на никнување.
– Во лозарските региони голем дел од врнежите што паднаа се акумулира во подлабоките слоеви на почвата, што е одлично за следната вегетативна сезона. Кај овошните култури, пак, во овој дел од годината е потребно да има доволно влага и на длабочина над два метри. Ова му овозможува на растението да обезбеди резервна зимска влага, поради што овие дождови имаат позитивно влијание – нагласува Весна Маркоска, советничка за агрометеорологија при Сектор за метеорологија во УХМР.
Агрометеоролозите појаснуваат дека во меѓувреме кај некои доцни овошни сорти, како што се дуњите, јапонското јаболко и калинката, во тек е бербата на плодовите.

– Овошките имаат потреба од вода и по бербата, со цел да се кондиционираат, да презимат без оштетувања од ниски температури и да формираат квалитетни родни пупки за идната година. За постигнување висок и квалитетен принос, почвата мора да има доволно лесно достапна вода во текот на целата вегетација. Исто така, во тек е садењето одделни градинарски култури, како и собирањето на преостанатите есенски плодови. Препорачуваме земјоделските производители редовно да ја следат состојбата на своите посеви по дождот и да проверуваат дали има прекумерно задржување вода. Се препорачува одложување на ѓубрењето во периоди на висока влажност, за да се избегне ризикот од испирање и загуба на хранливите материи – истакнува Маркоска.
Таа укажува дека поради зголемената влажност во зоната на растенијата, создадени се поволни услови за појава на растителни болести и штетници, па затоа е неопходна редовна контрола.
– Земјоделците треба будно да ја следат и временска прогноза. Освен дожд, викендов нѐ очекува и магла, но и минусни температури во одредени региони. Минималната температура ќе се движи во интервал од минус три Целзиусови степени на повисоките места до девет Целзиусови степени, а максималната температура ќе се движи во интервал од девет до 17 Целзиусови степени. Поради најавените минусни температури, земјоделците треба да преземат мерки за заштита на младите есенски посеви во фаза на никнување и на новосадените градинарски култури од површинско замрзнување на почвата. Се препорачува мулчирање или површинско покривање на почувствителните растенија со заштитна фолија (агротекстил). На тој начин ќе се зачува акумулираната топлина во почвата и ќе се спречат оштетувања на кореновиот систем од првите ноемвриски мразеви – нагласува Маркоска. Е.Р.