Илустрација: „Нова Македонија“

ДВЕ СУПЕРСИЛИ, ДВЕ СТРАТЕГИИ: ИРАН И НОВАТА ЛИНИЈА НА НАДМУДРУВАЊЕ МЕЃУ ВАШИНГТОН И МОСКВА

  • Вашингтон ја држи воената опција отворена, а дипломатијата е
    ставена во полна функција на продолжение на стратегијата на
    притисок врз Техеран

Војната со Иран влегува во нова, исклучително чувствителна фаза, во која Вашингтон се соочува со одлука што може да ги одреди идните односи на силите на Блискиот Исток. Доналд Трамп повторно ја отвора можноста за продолжување на воените операции, испраќајќи порака дека САД сè уште не сметаат оти ги оствариле сите свои стратешки цели. Неговата дилема не е само воена туку и политичка. Имено, кај Вашингтон сѐ уште постои дилема дали да се прифати дипломатски компромис или да се продолжи со употреба на сила за да се наметнат услови од американска позиција на надмоќ. Во Вашингтон очигледно постојат различни процени за следниот чекор, при што дел од политичкото и безбедносното раководство ја поддржува дипломатијата, а други кругови сметаат дека воениот притисок не смее да запре. За Трамп, евентуалното продолжување на војната би требало да донесе нешто повеќе од нови воени успеси – трајно ограничување на иранската способност да го оспорува американското влијание. Во центарот на американската стратегија останува спречувањето на обновувањето на иранската нуклеарна програма, но и ограничувањето на регионалната воена моќ на Техеран. Сепак, продолжувањето на војната носи ризик од конфликт што може да ги надмине првичните американски пресметки и да предизвика поширока регионална дестабилизација.
Од друга страна, Иран не е противник чие политичко и воено влијание може едноставно да се избрише со воздушни удари. Неговата географска положба, регионалните врски и способноста да влијае врз безбедноста на Персискиот Залив му даваат инструменти за долготраен отпор. Особено чувствително прашање е Ормускиот Теснец, низ кој минува значаен дел од светската трговија со нафта и енергенти. Секое ново заострување би можело да предизвика нови потреси на енергетските пазари, да ги зголеми транспортните трошоци и да ја продлабочи глобалната економска неизвесност. Токму затоа воената одлука на Трамп не може да се разгледува изолирано од економските последици што би ги почувствувале и американските сојузници. Поразителните изборни резултати за републиканците дополнително го усложнуваат неговиот маневарски простор, бидејќи продолжувањето на војната станува и прашање на домашна политичка одговорност.

Новиот состав на Конгресот и зголемениот притисок за надзор врз воената политика можат да ја ограничат политичката слобода на Белата куќа. Но постои и спротивна логика. Трамп би можел да процени дека токму сега е моментот за засилување на притисокот, пред дипломатските и политичките околности дополнително да се променат. Таквата стратегија подразбира дека Вашингтон сака да го задржи Техеран во позиција во која секој нов преговарачки предлог ќе биде условен од американската воена надмоќ. Во меѓувреме Катар и другите регионални посредници се обидуваат да спречат враќање кон отворена воена конфронтација. Разговорите и дипломатските контакти покажуваат дека и покрај острите закани, американската администрација не ја отфрлила можноста за политичко решение.
Токму во тоа се гледа двојната стратегија на Трамп, имено да преговара од позиција на сила, но истовремено да ја задржи можноста за нова воена интервенција. За Вашингтон отстапувањето без јасни гаранции би можело да изгледа како признавање дека воената кампања не ги дала очекуваните резултати. Од друга страна, продолжувањето на војната без јасно дефинирана политичка завршница може да ја претвори американската воена предност во долгорочен стратешки товар. Ова е суштинската противречност со која се соочува Белата куќа. Воената сила може да уништува капацитети, но не гарантира политичка послушност. Дополнителен фактор е односот со Израел, за кој спречувањето на обновувањето на иранските воени и нуклеарни способности останува приоритет. Американската одлука, според тоа, ќе има последици и врз регионалните сојузништва, безбедноста на Заливот и односите со европските партнери. За арапските држави, продолжувањето на војната претставува сериозен ризик, дури и кога нивните односи со Техеран се оптоварени со долгогодишни недоверби. За Кина и Русија секое продолжување на американското воено ангажирање отвора дополнителни геополитички можности и ги менува приоритетите на Вашингтон. Затоа одлуката на Трамп не е само прашање дали ќе има нови воздушни удари туку и дали САД се подготвени да преземат одговорност за уште подолга регионална конфронтација. Американската стратегија се наоѓа на крстопат меѓу демонстрацијата на сила и потребата да се избегне војна без јасно определен крај. Ако Трамп избере продолжување на војната, тоа ќе биде обид за наметнување конечна американска стратегиска победа, но со неизвесна цена. Ако избере договор, ќе мора да докаже дека дипломатијата може да го обезбеди она што воената надмоќ досега не успеала целосно да го гарантира. Вашингтон сака да ја диктира завршницата на војната, но останува отворено прашањето дали Трамп навистина располага со политички и воени инструменти за да ја контролира. Р.С.


Москва испраќа порака до Вашингтон: Деведесет лансери за Иран како сигнал дека Русија не се повлекува од Блискиот Исток

  • Воено-техничката соработка со Техеран ја открива руската стратегија на индиректно спротивставување на американското влијание и
    зачувување на сопствената геополитичка позиција

Во момент кога Вашингтон размислува за продолжување на воените операции против Иран, од Москва пристигнува сигнал што отвора ново прашање за вистинската длабочина на руската поддршка за Техеран. Според документи до кои дошле меѓународни медиуми, Русија договорила испорака на 90 лансери за наведувани ракети наменети за Иран, што претставува значаен показател за развојот на воено-техничките односи меѓу двете земји. Станува збор за лансери поврзани со рускиот систем за лесна повеќенаменска наведувана ракета ЛМУР, позната и како „изделие 305“, која се користи од борбени хеликоптери. Особено е важно тоа што станува збор за систем што веќе има борбено искуство во руската војна против Украина. Документите укажуваат на нарачка заведена во руската одбранбена индустрија под ознаката К-10, која во посебната документација е поврзана со Иран. Засега нема информација во јавноста дека сите 90 лансери навистина пристигнале во Иран. Сепак, самото постоење на таков договор има политичка тежина што го надминува неговото непосредно воено-техничко значење.
Москва со тоа демонстрира дека односите со Техеран не се сведуваат само на дипломатска поддршка или заеднички изјави за меѓународниот поредок. Станува збор за соработка што опфаќа воена технологија, индустриски капацитети и долгорочни безбедносни интереси. За Русија, Иран е значаен партнер во регион во кој американското влијание традиционално е силно, но во кој Москва со години се обидува да изгради сопствени позиции. Кремљ има интерес Иран да не биде целосно политички и воено изолиран, особено во услови кога американската администрација ја задржува можноста за нова воена ескалација. Во оваа перспектива, руската воено-техничка соработка со Техеран може да се сфати како индиректна порака до Вашингтон дека Москва не е подготвена целосно да го препушти Блискиот Исток на американското влијание. Тоа не значи дека Русија сака директен воен судир со САД, ниту дека е подготвена да влезе во војната на страната на Иран. Напротив, досегашната руска политика покажува внимателно балансирање меѓу поддршката за Техеран и потребата да се избегне директна конфронтација со Вашингтон. Токму оваа двојност е суштината на руската стратегија, а таа е накратко – да му помогне на партнерот (Иран) да ги зајакне своите способности, без Москва формално да преземе обврска за неговата воена одбрана. Во исто време, Русија ја има предвид и продолжената нестабилност на енергетските пазари. Имено, факт е дека порастот на цените на нафтата и нарушувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец ги зголемуваат руските приходи од енергетскиот извоз. Продолжувањето на конфликтот исто така ги одвлекува вниманието и дел од воените ресурси на САД и нивните сојузници од Украина. За Москва, тоа е дополнителен геополитички фактор во нејзиното пресметување на односите со Западот. Сепак, не треба да се преценува значењето на договорот за 90 лансери.

Фото: ЕПА

Имено, повеќе станува збор за политичка порака, за гласно да одекне во меѓународната јавност. Инаку, станува збор за специфичен хеликоптерски систем, а не за непобитен доказ дека Русија му обезбедува на Иран целосна заштита од американските воени капацитети, туку како индикатор. А дополнително, Кремљ мора да води сметка дека премногу отворената воена поддршка за Иран може да ги наруши неговите односи со други држави од Блискиот Исток. Но политичката порака сепак е гласна, а тоа е дека Москва сака да покаже дека нејзиното влијание во регионот не исчезнува дури и кога американската воена моќ е во центарот на случувањата.
Особено е значајно тоа што воената соработка меѓу Русија и Иран е двонасочна, бидејќи Техеран претходно ѝ помогна на Москва со беспилотни летала и поврзани технологии. Оттука, нивното партнерство не е едноставен однос меѓу покровител и зависен сојузник, туку размена на воени, индустриски и политички ресурси. За Техеран, руската поддршка е важна можност за обновување и диверзификација на воените способности во услови на санкции и воен притисок. За Москва, пак, Иран е партнер преку кој може да ја одржува својата улога во регионалната безбедносна архитектура и да влијае врз американските стратегиски пресметки. Затоа договорот за 90 лансери треба да се гледа и како воено-технички аранжман и како дел од пошироката геополитичка порака на Кремљ. Русија можеби не сака директно да војува против САД заради Иран, но очигледно не сака ниту да остане пасивен набљудувач на процесите што го менуваат Блискиот Исток. Во момент кога Трамп размислува дали да ја продолжи војната, Москва му порачува дека иранското прашање не е само американско-израелска пресметка туку и дел од поширокото глобално натпреварување за влијание.
Вашингтон демонстрира воена моќ, а Москва ја користи воено-техничката соработка како геополитички инструмент. И двете сили настојуваат да влијаат врз исходот на иранската криза, но без гаранција дека ќе можат целосно да ги контролираат нејзините последици. Можеби нивната директна средба наскоро во градот Шенжен во Кина, заедно со кинескиот претседател Си Џинпинг, ќе отстрани многу од недоразбирањата и за Блискиот Исток. Р.С.