АТЛЕТИКА
- Во финалето на трката на 100 метри во конкуренција на атлетичарки до 18 години, таа го освои осмото место, информира Атлетската федерација на Македонија
Македонската атлетичарка Ева Митевска оствари историски успех на Младинските олимписки игри во Дакар (Сенегал), пласирајќи се во финалето на трката на 100 метри во конкуренција на атлетичарки до 18 години, каде што го освои осмото место, информира Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
Во полуфиналната трка, македонската репрезентативка го освои четвртото место со резултат од 12,58 секунди, со што обезбеди пласман во финалето, меѓу деветте најдобри атлетичарки на натпреварувањето.
Во финалната трка, Митевска оствари одличен резултат од 12,28 секунди и го освои осмото место. Иако резултатот беше постигнат со ветер од плус 2,4 метри во секунда, над дозволената граница за официјално признавање рекорди, настапот претставува исклучително вредно остварување во силна меѓународна конкуренција, пишува АФМ.
Со неполни 18 години, Ева Митевска постигна значаен успех за македонската атлетика, потврдувајќи ги својот голем потенцијал и статусот на една од најперспективните млади атлетичарки во Македонија, а пласманот во финалето на Младинските олимписки игри претставува важен чекор во нејзината спортска кариера и дополнителен поттик за идните меѓународни настапи, пишува Атлетската федерација на Македонија.
– Атлетската федерација на Македонија изразува голема гордост и задоволство од постигнатиот успех и упатува искрени честитки до Ева Митевска и нејзиниот тренер за извонредниот настап и достојното претставување на Македонија на Младинските олимписки игри во Дакар – пишува АФМ. Н.М.
































