По Гркот Рокас, Брисел за евроамбасадор во Македонија назначува Бугарин

Од наш агол

  • Европскиот пат на Македонија очигледно не е трка со исполнување критериуми, туку бесконечен маратон со менување на судиите, при што секој нов судија доаѓа со сопствена арбитрарност (национална диоптрија), со своја штоперица и свирче, а Брисел упорно тврди дека натпреварот е фер!

Ако некој сè уште верува дека европската интеграција на Македонија е процес во кој се вреднуваат реформите, демократијата, владеењето на правото и исполнувањето на европските стандарди, тогаш веројатно не ја разбрал најважната лекција од бриселската дипломатска школа. Имено, за да се стане членка на Европската Унија, не е доволно да се исполнуваат критериумите. Мора да се има и соседи што ќе бидат задоволни од НАЧИНОТ на кој се исполнуваат критериумите на кандидатот! А тоа, признајте, веќе е дисциплина за која не постои европски правилник, ниту пак краен рок. Брисел, во својата бескрајна мудрост, изгледа развил еден посебен модел на европско проширување. Наместо кандидатите да бидат оценувани од независни европски критериуми, во процесот сè поголемо значење добиваат дипломатските и политичките перцепции на соседите. Па така, кога станува збор за регионот, се чини дека националната припадност понекогаш е речиси исто толку важна како и дипломатското искуство.
Еве, да ја погледнеме Србија. За известувач на Европскиот парламент за Србија е назначен хрватскиот европратеник Тонино Пицула. Секако, тоа е легитимна парламентарна одлука и никој не може да му го оспори правото на европратеникот да ја врши својата работа. Но од перспектива на балканската политичка реалност, ваквото решение отвора интересна тема. Имено, колку е мудро земјите од регионот, со своите историски и политички недоразбирања, постојано да бидат дел од европската оценувачка рамка на своите соседи?
Србија, значи, ќе биде оценувана од Хрватот Пицула. А ние, Македонците, веќе имаме сопствено искуство со оваа балканска европска специјалност. Кај нас, на европската дипломатска адреса во Скопје, пристигна грчкиот дипломат Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија. Човек со богато дипломатско искуство и, секако, претставник на институција што треба да ги штити европските вредности, објективноста и принципите на проширувањето. Но македонскиот проблем со европската интеграција одамна не е само прашање на дипломатско искуство. Тој е прашање на тоа колку долго една држава треба да докажува дека е достојна за Европа, додека некој друг постојано ја менува содржината на европскиот испит. Се прашувате што е тоа? Па еве…, ова се испитните трик-прашања… Дали ќе се употреби уставното име? Дали ќе се спомене географската одредница „северна“? Дали некаде ќе се појави старото знаме со сонцето од Кутлеш? Дали некој институционален претставник ќе пропушти да ја изговори формулата што со години е наметнувана како задолжителна европска лекција?
Се разбира, тоа се прашања од огромно значење за европската иднина на една држава. Можеби не толку за нејзината економија, животниот стандард, иселувањето, судството, здравството или образованието, но очигледно доволно значајни за да го одржуваат европскиот процес во постојана дипломатска кондиција. Можеби е време во Европската комисија (владата на ЕУ) да се формира и посебна дирекција за следење на употребата на географските одредници, историските симболи и правилното изговарање на името на државата. Со посебен оддел за сонцето од Кутлеш, друг за уставните формулации и трет за мониторинг на тоа дали некој случајно во некој говор ја изоставил „северна“!? Тоа би бил вистински европски придонес кон административната ефикасност!

Но ајде да не се разбереме погрешно. Македонија има свои сериозни проблеми. Корупцијата, нефункционалните институции, политичката неодговорност, партизираното судство и бавните реформи не се измислица на Брисел. За нив одговорноста е пред сè наша. Но токму затоа европскиот процес треба да биде објективен, предвидлив и заснован врз исти критериуми за сите, а не да се претвора во постојано менување на условите зависно од политичката волја на соседите. Зашто, ако европските критериуми се универзални, тогаш тие не можат да бидат едни за Македонија, други за Бугарија, трети за Грција, а четврти за Србија.
И тука доаѓаме до најинтересниот дел од оваа балканска европска комедија. Рокас ќе го заврши својот дипломатски мандат. А што потоа? Дали Брисел ќе се одлучи за некоја нова дипломатска иновација? Можеби следниот амбасадор на ЕУ во Скопје ќе биде Бугарин? Зошто да не? По грчката дипломатска школа, можеби ќе следува бугарска специјализација. Така, европската интеграција ќе добие своевиден регионален континуитет, во кој секој нов амбасадор ќе има можност да го надгради работењето на својот претходник преку пронаоѓање уште некој нерешен историски, идентитетски или политички проблем. Се разбира, ова е само иронична проекција, но доволно говори за апсурдноста на состојбата во која се најде Македонија.
Замислете го извештајот на идниот амбасадор: „Македонија постигнала одреден напредок во реформите, но остануваат одредени прашања во врска со историското разбирање на минатото, толкувањето на идентитетот и доследното почитување на добрососедските односи“.
А потоа, за секој случај, уште една фуснота. И уште една. И уште една. Бидејќи на Балканот, очигледно, фуснотите се поважни од поглавјата!
Во меѓувреме, Европската Унија ќе продолжи да ни испраќа пораки за европската перспектива, за реформите, за заедничките вредности и за поддршката на проширувањето. Ќе организира конференции, самити, работни групи, дијалози и средби на кои ќе се потврдува дека Македонија има европска иднина. Само никој нема да каже кога точно ќе пристигне таа иднина. И така, од една европска генерација до друга, од еден амбасадор до друг, од еден извештај до следниот, Македонија ќе продолжи да ја живее својата вечна кандидатура. Ќе ги менува владите, министрите, стратегиите, националните програми и акциските планови, но европската цел ќе остане на истото место – на хоризонтот. А хоризонтот, како што знаеме, е многу корисна географска категорија. Секогаш е видлив, но никогаш не можеш да стигнеш до него. Особено ако некој од соседството постојано го поместува.
Брисел, притоа, ќе продолжи да нè убедува дека тоа не е проблем. Дека процесот е заснован врз заслуги. Дека нема кратенки. Дека секоја земја мора да ги исполни условите.

Само што во македонскиот случај условите изгледаат како подвижна цел. Кога ќе исполниш еден, се појавува друг. Кога ќе го решиш спорот со едниот сосед, се отвора прашањето со другиот. Кога ќе помислиш дека конечно си стигнал до почетокот на преговорите, ти објаснуваат дека прво мораш да направиш уште еден чекор, па уште еден, па уште еден. И така, европскиот воз стои на перонот, а Македонија со години добива нови инструкции како да си го купи билетот. Најголемата иронија е што оваа европска политика се претставува како триумф на либералните вредности, демек – демократијата и владеењето на правото. А токму принципот на еднаквост, на кој се темели европската идеја, се соочува со најсериозниот тест кога станува збор за малите балкански држави. Зашто, ако една земја кандидатка може да биде држена во чекалницата поради билатерални прашања што немаат директна врска со исполнувањето на европското законодавство, тогаш што останува од принципот на заслуги? Ако соседот може да стане неформален чувар на европската порта, тогаш каде завршува европската политика, а каде почнува регионалната политика на условување. И најпосле, ако европската иднина на една држава зависи од добрата волја на нејзините соседи, тогаш можеби треба да се преименува и самиот процес. Наместо евроинтеграција, да го наречеме балканска интеграција со соседско одобрување. Тоа барем би било поискрено. Македонија, секако, треба да продолжи со реформите. Треба да гради функционални институции, правна држава, независно судство и економија во која младите ќе гледаат иднина. Не заради Брисел, ниту заради Рокас, ниту заради кој било иден амбасадор, туку заради сопствените граѓани. Но Европа мора да одговори на едно многу едноставно прашање: дали навистина сака да ги интегрира земјите од Западен Балкан или сака бесконечно да управува со нивните очекувања? Зашто европската перспектива не може да биде вечна политичка ветувачка приказна, во која кандидатите постојано полагаат, а испитувачите никогаш не објавуваат конечен резултат.
И затоа, ако еден ден по грчкиот дипломат Рокас навистина пристигне бугарски амбасадор, не треба да се изненадиме. Можеби само ќе продолжи традицијата на европската регионална специјализација.
А Македонија? Таа и понатаму ќе чека пред европската врата, со уредно подготвена документација, нова реформска агенда и надеж дека следниот европски претставник конечно ќе ја погледне како кандидатка за членство, а не како продолжение на некој нерешен билатерален спор. Дотогаш, добре дојдовте во европската чекалница на Западен Балкан. Влезот е бесплатен, условите се менуваат, роковите се неодредени, а билетот важи – до следното проширување. А тоа, како што стојат работите, може да почека уште некоја „европска“ генерација.