Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Компанијата „Гересхајмер“ планира да направи нова инвестиција во Македонија и да го зголеми бројот на вработени од 300 на 500, најави премиерот Христијан Мицкоски од Диселдорф и додаде дека во декември би можеле да се отворат уште три други нови производни капацитети кои ќе вработуваат повеќе од 1.000 добро платени лица.

-Во текот на денот имавме состаноци со голем број компании кои што или се присутни или сакаат да отворат бизнис кај нас, меѓу нив би ја издвоил и средбата со компанијата „Гересхајмер“ која што веќе има направено две инвестиции. Вкупната инвестициска вредност е околу 120 милиони евра, а вкупниот број на вработени околу 300. Но, тоа што е поважно е што тие имаат амбиција да направат нова дополнителна инвестиција на 100.000 метри квадратни каде што ќе го зголемат бројот на вработени до 500 и ќе го триплираат практично обртот на својот бизнис кај нас, со што ќе контрибуираат позитива и ќе додадат вредност во македонскиот БДП. Исто така сакам да најавам ако биде се како што треба во декември нови три производни капацитети, кои што во својот полн капацитет, кога ќе го достигнат во својот врв на инвестицијата, ќе вработуваат повеќе од 1.000, но она што е поважно добро платени работни места – изјави Мицкоски.

Оцени дека денеска имале исклучително успешен ден кој започна со билатерална средба со премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, која што во суштина е и најбогатата покраина во Сојузна Република Германија.

-Имавме навистина исклучително корисна и плодна средба во која што ги истакнавме нашите добри билатерални односи, добро е да се каже дека Македонија е единствената држава од Западен Балкан од 6 држави која што има потпишано договор за ваков тип на билатерална и економска соработка. Северна Рајна- Вестфалија е одприлика 10 пати поголема од Македонија, околу 18 милиони жители и е вистински економски гигант, номиналниот БДП е поголем од 900 милијарди евра во 2025 година. Ако нашиот беше околу 18 милијарди евра, тогаш зборуваме за 50 пати поголема економија, а БДП по глава на жител, ако нашиот е некаде околу 10.000 евра по глава на жител, овде во Северна Рајна- Вестфалија тој номинален доход по глава на жител е околу 50.000 евра, односно 5 пати поголем – посочи Мицкоски.

Нагласи дека се големи можностите за соработка со Северна Рајна-Вестфалија.

-По завршувањето на изборите овде во Северна Рајна-Вестфалија кој што се очекува да бидат во април следната година го поканив премиерот на Владата да ја посети Македонија и да разговараме за уште посуштинска и подлабока соработка помеѓу нашата земја и Северна Рајна-Вестфалија – потенцира премиерот Мицкоски.