(XI дел)
Дали Танушевци беше почетокот на војната во Македонија или само местото каде што недовршениот проект на УЧК наиде на следната државна граница што беше решен да ја избрише и прецрта? Претходната седмица беше оспорен денес речиси утврдениот историски канон дека војната од 2001 година треба да се набљудува исклучиво како внатрешен конфликт во Македонија. Низ овој серијал беа разгледани безмалку сите клучни аспекти на македонско-албанските односи пред кобната 2001 година, од непотребното ускратување на стекнатите права на Албанците во 1980-тите до бавното неискрено и килаво соочување на новата демократска Македонија со „албанско прашање“ иако нештата се забрзаа по промената од 1998 година. Сите овие состојби несомнено придонесоа кон одржување на недовербата и за продлабочување на кризата, но ниту една од нив не претставуваше непосреден повод за избувнувањето на војната.
Напротив, искрата што го запали оружениот судир дојде надвор од Македонија. Непосредните причини за избувнување на војната произлегоа од самата генеза на УЧК, од некогашните радикални структури со енверистички идеолошки корени и од политичкиот проект за прецртување на постојните балкански граници според визијата за национално обединување на Албанците. Воената фаза на таа борба започна во Косово во 1997 година. Влезот на КФОР во 1999 година означи крај на првата оружена етапа од конфликтот, но не и крај на амбициите на водечките политички и интелектуални кругови во УЧК. Тие беа уверени дека пронајдоа победничка формула на Косово – оружено востание, непропорционален одговор од противникот, медиумска и дипломатска мобилизација на Западот, меѓународна интервенција и конечно политичко редефинирање на теренот. Следниот чекор беше примена на овој модел насекаде на Балканот каде што живееше албанскиот народ.
За УЧК просторот на поранешна Југославија претставуваше „оспорено пространство“ каде што ниту една граница уште не беше конечна туку претставуваше само поле каде што допрва требаше да се решава албанското национално прашање, доколку е потребно и со пушка. Така најнапред се појави УЧПМБ во Прешевската Долина, а потоа и ОНА во Македонија, но не како изолирани локални изблици на наталожено незадоволство, туку како нови фронтови на истиот политички проект на оригиналната УЧК. Неуспехот на овој потфат во Прешевската Долина не значеше конечен крај на стратегијата туку нејзино пренасочување кон новото бојно поле во Македонија.
Меѓутоа, ниту еден оружен бунт не започнува со првиот истрел. Пред драматично да одекнат пушките, револуционерната организација е веќе создадена, идните востаници се регрутирани, оружјето е набавено, логистичките канали се воспоставени и, што е најважно, парите се обезбедени, а нивниот проток загарантиран. Наполеон правилно забележал дека армиите маршираат на стомакот, а истото правило важи и за востаничките движења. Не постои успешна герила без запалива идеологија, национална романтика и револуционерен занес. Но сето тоа останува само политички фолклор доколку не биде поткрепено со силна и стабилна финансиска инфраструктура. Невозможно е да се разбере појавата на УЧК, а уште помалку нејзиниот подоцнежен живот преку УЧПМБ и ОНА, без да се разберат финансиските текови што со години ја одржуваа во живот нивната кауза.
Историјата на албанското движење на Косово нераскинливо е поврзана со историјата на двата големи фонда што ја финансираа нивната национална борба. Првиот финансиски механизам беше таканаречениот фонд „3 %“, создаден од „владата во егзил“ на Бујар Букоши како дел од политичкиот систем на „Република Косово“, предводена од нејзиниот претседател Ибрахим Ругова. Оттука овој фонд природно беше цврсто поврзан со Демократскиот сојуз на Косово. Фондот функционирал со доброволни донации во албанската дијаспора, во висина од 3 отсто од нето заработувачката на иселениците, па оттаму и името, дополнет со донации од албански бизнисмени од дијаспората.
Фондот „3 %“ претставуваше клучен финансискиот столб на паралелната држава на косовските Албанци во 1990-тите. Оттаму се финансирале паралелното образование и деловите од паралелното здравство и социјала, административната работи, политичките активности и дипломатската кампања на „Република Косово“. Во Македонија постојано кружеа гласини дека дел од овие средства посредно завршувал и за финансирање на Тетовскиот универзитет. Таквите тврдења никогаш не беа поткрепени со конкретни докази, но никогаш не беше јасно објаснето од кои извори се обезбедуваа средствата што ѝ овозможија на оваа параинституција да опстане речиси цела деценија. Оттука, улогата на фондот „3 %“ во финансирањето на Тетовскиот универзитет останува повеќе во доменот на основаните сомнежи отколку во поглавјата со неспорно утврдените факти.
Никогаш не беше сериозно доведен во прашање доброволниот карактер на фондот. Сепак, во услови кога Демократскиот сојуз на Косово се наметна како клучен политички чинител, конкретен изведувач на политиката на пасивен отпор и стожер на паралелната држава, во дијаспората постоеше силен морален и општествен притисок редовно да придонесува. За многумина иселеници, плаќањето 3 отсто не беше само дополнителна финансиска обврска туку и чин на искажување национална припадност и солидарност со Албанците што останаа да живеат на Косово.
Додека фондот „3 %“ го финансираше пасивниот отпор на Ругова, вториот фонд ја претвори албанската национална кауза во оружено востание.
Фондот „Татковината повикува“ (Vendlindja Thërret) беше создаден во втората половина на 1990-тите години како финансиски механизам на тогаш новата УЧК. Според достапните извори, средствата за овој фонд најчесто се собирани од албанската дијаспора во Западна Европа и Северна Америка преку мрежа од тамошни активисти и здруженија. Токму околу овој фонд и ден-денес кружат најголемите контроверзии. Додека неговите поддржувачи тврдат дека станува збор за доброволно собирање средства за народноослободителната борба, критичарите укажуваат и на поинакви притисоци врз дијаспората да придонесува за фондот, како и за можни допири меѓу поединечни структури на УЧК и различни облици на организираниот криминал. Иако точниот обем на средствата што поминале низ фондовите „3 %“ и „Татковината повикува“ останува предмет на спорови до денес, речиси сите истражувачи се согласуваат дека станува збор за десетици, а веројатно и стотици милиони германски марки, швајцарски франци и американски долари собрани од албанската дијаспора во текот на 1990-тите години.
Она што е неспорно е дека фондот не исчезна со завршувањето на косовската војна во 1999 година. Значаен дел од неговите контакти, финансиски канали и логистички мрежи продолжи да функционира и по влегувањето на КФОР на Косово. Затоа УЧПМБ и ОНА не беа принудени да градат нова инфраструктура. Тие едноставно наследија значителен дел од веќе постојната инфраструктура создадена за потребите на борбата на УЧК на Косово..
Сепак, финансиските ресурси и организациските мрежи сами по себе не создаваат востанија. За нив е потребна и соодветна политичка средина. Во Македонија таквата средина почна забрзано да се создава во текот на 2000 година.
Токму затоа локалните избори од 2000 година заслужуваат далеку поголемо внимание отколку што обично добиваат во историските осврти за 2001 година. Кај македонскиот политички блок тие најчесто се паметат преку големиот успех за СДСМ, а особено победата во Скопје и во клучните градови. Бранко Црвенковски ја потврди неговата нова улога како „крал на македонските плоштади“, титула што до 1998 година гордо ја носеше Љубчо Георгиевски. Но тие избори беа обележани со сериозни обвинувања за нерегуларности, политички притисоци и изборни манипулации. Особено контроверзен беше случајот во Охрид, каде што изборниот процес и резултатите предизвикаа жестоки политички судири и меѓусебни обвинувања, дополнително поткопувајќи ја довербата во демократските институции.
Вистинската драма се одвиваше и во албанскиот политички блок. Таму локалните избори престанаа да бидат натпревар на политички програми и сè повеќе личеа на демонстрација на соголена и брутална физичка сила. ДПА настапи со намера не само да победи туку и практично целосно да ја истурка ПДП од политичката сцена и да ја докрајчи како политички фактор. Изборната кампања беше проследена со атмосфера на заплашување, насилство и оружени инциденти, а врвот беше достигнат во општината Сарај, каде што изборниот процес беше обележан и со човечки жртви. Во настан без преседан во македонската демократска историја, раководството на ПДП одржа прес-конференција уште за време на самиот изборен ден и најави повлекување од изборниот процес, обвинувајќи за организирано насилство и систематско нарушување на изборниот интегритет. Додека во јавноста вниманието сè уште беше насочено кон изборните резултати, локалните избори од 2000, како и претходните претседателски избори од 1999 година, веќе испраќаа едно многу поважно предупредување: во политичката борба во Македонија започна сѐ погласно да зборуваат тупаниците на насилниците и силата на оружјето. А, кога зборува силата, демократијата замолчува!
Како сето тоа да не беше доволно, во истиот период Македонија беше потресена и од аферата „Големото уво“. Обвинувањата за масовно незаконско следење политичари, новинари, стопанственици и јавни личности дополнително ја еродираа довербата во институциите и во демократскиот поредок. Наместо консолидација на државата по тешките транзициски години, јавноста доби впечаток дека самите институции се претвораат во инструменти на политичките пресметки. Бранко Црвенковски изнесе сериозни обвинувања на неговите конференции за печатот за злоупотреба на внатрешното разузнавање во домашната политичка борба, поткрепени со сериозни докази обезбедени од незадоволници од најосетливите државни институции. Јавноста тогаш по вторпат го слушна и името на разузнавачот Зоран Верушевски, а остана сериозна дамка врз кариерата на потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска.
Така, непосредно пред избувнувањето на конфликтот, Македонија влезе во криза на доверба што ги зафати речиси сите столбови на системот: изборниот процес беше оспоруван, владејачките политичките партии сè почесто прибегнуваа кон логиката на силата, а опозицијата кон уличната демократија, додека пак безбедносните служби се најдоа во центарот на сериозни скандали. Во таква атмосфера државата изгледаше политички најдлабоко поделена, институционално ослабена и значително помалку подготвена да одговори на безбедносниот предизвик што веќе се формираше на нејзините северни граници. Да не зборувам дека опозицијата уште не го признаваше легитимитетот на шефот на државата.
Дополнителен поттик за радикализација на состојбите претставуваше и договорот за демаркација на македонско-југословенската граница што во февруари 2001 година го потпишаа претседателите Борис Трајковски и Воислав Коштуница. Од перспектива на Република Македонија стануваше збор за значаен дипломатски успех. По првпат од осамостојувањето државата добиваше јасно дефинирана и меѓународно признаена граница со својот северен сосед. Но оваа одлука беше дочекана „на нож“, поточно малку подоцна „низ нишанот на пушката“, во круговите блиски до поранешната УЧК. За нив границата меѓу Македонија и СР Југославија не беше само административна црта помеѓу две држави туку и вештачка и туѓинска творба што го пресекуваше неделивиот национален просторот населен со Албанци. Токму затоа потпишувањето на договорот беше веднаш претворено во политички и пропаганден повод за мобилизација против македонската држава. Во реториката на идните структури на ОНА, но и на косовската УЧК, договорот беше претставуван како чин со кој Скопје и Белград се обидуваат трајно да ги легитимираат постојните балкански граници. А токму тие граници беа суштинскиот предмет на оспорување во целиот проект зад што стоеше зад УЧК и од нив изведените УЧПМБ и подоцна ОНА.
Ако договорот Коштуница-Трајковски во Скопје беше доживеан како триумф на дипломатијата и конечно затворање на едно долго отворено државно прашање, за круговите произлезени од УЧК тој беше потсетник дека границите што сакаа да ги избришат полека стануваат трајни. Тие договорот го протолкуваа како повик за будење дека времето почна да работи против нив. Додека во Скопје се славеше дипломатскиот успех, од другата страна на границата сè позабрзано се засилуваа клиповите на запчаникот што водеше до војната.
Така што, на 2001 година сите елементи на кризата веќе беа на своето место. Постоеше идеологија. Постоеја луѓе подготвени да војуваат. Постоеше оружје. Постоеја логистички и финансиски мрежи изградени за време на косовската војна. Постоеше политичка нестабилност во Македонија и постоеше повод во вид на спор околу границата. Недостасуваше само искрата. Таа наскоро ќе се појави во Теарце, а потоа и во Танушевци. Војната повеќе не беше хипотеза. Таа веќе беше на македонскиот праг. UÇK ante portas.
Но, за тоа во следното продолжение…
































