Фото: ДПА

Речиси половина милион луѓе учествувале на вчерашните демонстрации низ Франција, од кои околу 200.000 се собрале во Париз, соопшти коалиција на младински организации и синдикати што ги претставуваат средношколците и студентите.

Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, соопшти дека за време на протестите биле приведени 511 лица, а биле извршени 40.000 полициски контроли, објави парискиот весник „Ле Монд“.

-Беа приведени 511 лица, имаше 40.000 контроли, додека еден жандарм беше полесно повреден, бидејќи врз него беше фрлен молотов коктел – изјави Нуњез пред новинарите.

Според податоците што ги изнесе министерот, на протестите низ земјата учествувале 320.000 луѓе, од кои 70.000 во Париз. Овие бројки се разликуваат од проценките на коалицијата на младинските организации и синдикатите.