Фото: „Нова Македонија“

Новинарска опсервација

СТАБИЛНОТО СНАБДУВАЊЕ СО ЕНЕРГИЈА И ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД – ДРЖАВЕН ПРИОРИТЕТ ВО УСЛОВИ НА ГЕОПОЛИТИЧКИ И ЦЕНОВНИ ПРЕДИЗВИЦИ

Стабилното домашно производство на електрична енергија, сигурноста на снабдувањето, поддршката на домашното стопанство и на индустрија, како и заштитата на животниот стандард на граѓаните, остануваат меѓу клучните приоритети на енергетската политика. Во услови на изразени геополитички неизвесности и променливи цени на меѓународните енергетски пазари, државата ја нагласува важноста на домашните производни капацитети, навременото обезбедување енергенти, како и на долгорочните инфраструктурни инвестиции

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска деновиве потврди дека производството на електрична енергија е стабилно и дека АД ЕСМ обезбедува сигурно снабдување за граѓаните. Паралелно, споменатата компанија ги следи движењата на цените на природниот гас и води преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, со цел обезбедување поповолни услови.
Министерката Божиновска посочи дека Владата презема мерки за ублажување на ценовните притисоци врз граѓаните, потсетувајќи на досегашните намалувања на акцизата и ДДВ-то за горивата, како и на попустите што ги обезбедува ОКТА. Конечната одлука за цените на нафтените деривати, како што нагласи, е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. Особено е значајна и најавата за продолжување на активностите за диверзификација на снабдувањето со природен гас. Според министерката, изградбата на интерконективните гасоводи кон Грција и кон нашата северна граница се одвива според предвидената динамика, со што се создаваат услови за отворање дополнителни правци за снабдување и подобро регионално поврзување.
Овие актуелни предизвици уште еднаш ја потврдуваат потребата енергетската безбедност да се гради врз стабилно домашно производство, модерна инфраструктура, диверзифицирани извори на снабдување и доволно капацитети за складирање и балансирање на електроенергетскиот систем. Токму затоа инвестициите во хидроенергетиката, модернизацијата на постојните електроцентрали и развојот на нови капитални проекти добиваат сè поголемо стратешко значење за иднината на македонската енергетика. Е.Р.


Неколку становишта поврзани за хидроенергијата како нова системска потпора

Модернизација, флексибилност и повеќе домашно учество во електроенергетскиот систем

Енергетската транзиција на Македонија во наредните години сè повеќе ќе зависи не само од изградбата на нови обновливи извори туку и од способноста постојната инфраструктура да произведува повеќе, посигурно и пофлексибилно. Во таа насока, хидроцентралите повторно добиваат стратешко значење во производното портфолио на АД ЕСМ. Паралелно со инвестициите во нови обновливи капацитети, во тек е подготовка на серија зафати, чија цел е продолжување на работниот век и подобрување на перформансите на постојните хидроенергетски постројки. Најконкретен пример е проектот за модернизација на шест големи хидроцентрали – „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“ и „Глобочица“.

Од модернизација на шест хидроцентрали до нови 225 мегавати пумпно-акумулациски капацитет

Проектот е вреден околу 46 милиони евра, при што 35 милиони евра се обезбедени преку заем од германската развојна банка КфВ, а дополнителни 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Инвестицијата е насочена кон замена на застарената опрема, продолжување на работниот век на постројките и зголемување на нивната производна и оперативна ефикасност. Станува збор за хидроцентрали што се дел од системите „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“, односно инфраструктура што веќе има значајна улога во домашното производство на електрична енергија. Ефектите од модернизацијата не се ограничуваат само на техничкото обновување на постројките. Според најавите на АД ЕСМ, проектот треба да придонесе и за намалување на прекините во работата, зголемување на сигурноста и создавање дополнителни можности за балансирање и испорака на електрична енергија. Според генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, модернизацијата треба да донесе дополнителни 13,5 инсталиран капацитет и околу 50 гигават-часа ново годишно производство на чиста електрична енергија. Компанијата очекува и зголемен обем на системски балансни услуги, со проектирани дополнителни годишни приходи од најмалку пет милиони евра.

Хидроцентралите, обезбедувањето на системските услуги и нивниот значаен удел во балансирањето на електроенергетскиот систем

Токму тука се наоѓа поширокото значење на инвестициите во хидроенергетиката. Во систем со сè поголем број соларни и други варијабилни обновливи извори, прашањето не е само колку електрична енергија може да се произведе туку и кога таа е достапна и колку брзо производството може да се приспособи на потребите на мрежата. Хидроцентралите, поради можноста за регулирање на производството, можат да имаат значајна улога во обезбедувањето на системските услуги и балансирањето на електроенергетскиот систем. Оттука, модернизацијата на постојните капацитети има двоен ефект. Имено, се зголемува нивната производна ефикасност, но истовремено се подобрува и способноста на системот да одговори на променливото производство од обновливите извори. Во оваа перспектива, хидроенергијата не се третира само како традиционален извор на електрична енергија туку како инфраструктурна основа за пошироката енергетска транзиција.

Енергетската транзиција не е само прашање на нови централи

Извори од Министерството за енергетика брифираат дека за македонскиот енергетски систем, предизвикот во наредниот период не е само изградбата на нови производни капацитети. Еднакво важно ќе биде постојните постројки да се одржуваат и модернизираат, а системот да располага со доволно флексибилност за справување со променливото производство и потрошувачката.
– Модернизацијата на „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“ и „Глобочица“ може да се гледа како прв слој на една поширока инфраструктурна трансформација. Имено, наместо само да се продолжи животниот век на старите постројки, нивната улога треба да биде приспособена на новите услови во електроенергетскиот систем. Над нив се надоврзува концептот на „Ташмаруништа“ како потенцијален капацитет за складирање и балансирање, а во поширока перспектива и планот за значително зголемување на вкупниот хидроенергетски капацитет. Така, хидроенергијата повторно се поставува во средиштето на енергетската инфраструктура, не само како извор на дополнителни мегават-часови туку како еден од клучните механизми за интеграција на обновливите извори, стабилноста на мрежата и поголемата флексибилност на македонскиот електроенергетски систем – вели наш соговорник, хидроинженер од Струга. Е.Р.


„Ташмаруништа“ – следниот чекор кон складирање на енергијата

  • Големо системско значење има планираниот пумпно -акумулациски хидроенергетски проект „Ташмаруништа“, кој, да потсетиме, беше во фокусот на стручната јавност на годинашната конференција на ЗЕМАК во Струга

Хидроенергетскиот проект „Ташмаруништа“ предвидува инсталирана моќност од 225 мегавати, со три агрегати од по 75 мегавати. За разлика од класичните хидроцентрали, пумпно-акумулациските постројки имаат дополнителна функција – складирање на електричната енергија и нејзино враќање во системот во периодите кога е најпотребна.
Токму оваа карактеристика го прави пумпно-акумулацискиот капацитет значаен во услови на забрзано зголемување на производството од сончеви и други обновливи извори. Во периодите кога производството ја надминува потрошувачката, вишокот енергија може да се искористи за складирање, а потоа да се врати во мрежата кога побарувачката е поголема. Според презентираните стручни ставови, реализацијата на „Ташмаруништа“ би можела да придонесе за поголема стабилност и балансирање на електроенергетскиот систем, создавање капацитет за складирање на вишоците електрична енергија и полесна интеграција на новите обновливи извори. Во АД ЕСМ веќе се работи и на детален нацрт-гaнтограм со активностите потребни за почеток на изградбата, со цел проектот да премине во фаза на конкретна физичка реализација.

Од 557 на најмалку 1.279 мегавати хидроенергетски капацитет

Амбицијата за развој на хидроенергетскиот сектор оди и подалеку од модернизацијата на постојните постројки и изградбата на „Ташмаруништа“. Според најавите од раководството на АД ЕСМ, во периодот 2026–2050 година хидроенергетскиот капацитет на компанијата би требало повеќе од двојно да се зголеми – од сегашните 557 мегавати на најмалку 1.279 мегавати. Тоа би претставувало суштинска промена во структурата на производното портфолио. Хидроенергијата би имала не само поголемо учество во вкупното производство туку и поизразена улога во обезбедувањето флексибилност, балансирање и стабилност на системот. Од оваа перспектива, инвестициите во постојните хидроцентрали и проектите за нови хидроенергетски капацитети се дел од една поширока логика: да се создаде електроенергетски систем во кој растот на обновливите извори ќе биде проследен со доволно капацитети за нивно интегрирање, балансирање и складирање. Е.Р.