Граѓаните ќе можат самостојно да одлучат дали пензиските придонеси ќе ги уплаќаат само во државниот пензиски фонд или ќе продолжат да бидат дел и од приватниот втор пензиски столб. Ова го најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека Владата разгледува можност за воведување хибриден модел.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски ги критикуваше компаниите што управуваат со средствата во вториот пензиски столб, оценувајќи дека остварените приноси се трипати пониски од очекуваните.
– Тоа значи дека тие се слаби претприемачи. Не можете вие да ги користите средствата од граѓаните и да не ги оплодувате и да не носите приноси онакви какви што треба, какви што сте се договориле пред 20 години кога е почната оваа реформа и сега некој друг да ви е виновен. Тоа така не оди. Ако сте неуспешен во бизнисот, доаѓа некој друг кој што е поуспешен. И сега ние разгледуваме некое хибридно решение во кое што на граѓаните ќе им се даде слобода да си донесат самите одлука дали ќе сакаат да го користат само државниот или ќе сакаат и во државниот и во приватните пензиски столбови. Не можеме неработењето на тие компании кои што ја добиле честа да ги управуваат средствата на граѓаните пред 20 години да ги користат и да не ги оплодуваат онака како што граѓаните очекуваат – рече Мицкоски на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во Јурумлери, во Општина Гази Баба.
Тој појасни дека за вакво решение се размислува и поради тоа што првите корисници почнале да ги добиваат средствата од вториот пензиски столб, но нивниот износ, според него, е премал.
– Нормално, бидејќи се премногу мали, државата до минималната пензија, онаа социјална сигурност што ја има, треба дополнително да дава средства. Мислам, тоа нема логика – рече Мицкоски.
Ревизорскиот извештај за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2024 година, објавен во јуни годинава, покажа дека ПИОМ не ги префрла редовно средствата во вториот пензиски столб, иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена.
Според извештајот, долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб изнесува 42 милиони евра. Нередовното префрлање значи дека средствата не се навреме на индивидуалните сметки на осигурениците, не се инвестираат и не остваруваат принос.
Од вкупниот придонес за пензиско осигурување од 18,8 проценти од бруто-платата, 12,8 проценти се уплаќаат во Фондот на ПИОМ, додека шест проценти се префрлаат на индивидуалната сметка на осигуреникот во приватниот пензиски фонд.
Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал со цел да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Во постојниот систем, осигурениците остваруваат пензија од првиот и вториот столб, а можат да имаат и дополнителни средства од третиот, доброволен пензиски столб.































