Четворица припадници на италијанските вооружени сили и на италијанскиот воен Црвен крст загинаа при пад на хеликоптер во близина на Брчко, додека 11 лица се повредени, соопшти ЕУФОР.
Според соопштението, двајца од повредените се префрлени во медицинска установа во Тузла на понатамошно лекување, додека деветмина се згрижени во Брчко. Сите повредени се во стабилна здравствена состојба.
ЕУФОР потврди дека станува збор за италијански воен хеликоптер CH-47 „Чинук“, кој се урнал вчеравечер за време на редовна обука, пренесe РТРС.
Во несреќата животот го загубиле четворица членови на екипажот, а 11 лица се здобиле со повреди и добиваат соодветна медицинска помош.
Од ЕУФОР информираат дека при падот на леталото нема оштетувања на цивилната инфраструктура, имот или возила. Во несреќата нема повредени цивили.
По трагичниот настан, ЕУФОР упати апел до граѓаните да не шират непроверени информации и да се воздржат од шпекулации за причините и околностите на несреќата. Од мисијата посочуваат дека официјалните канали на ЕУФОР остануваат единствен извор за проверени информации.


































