Владата нема да се откаже од планираната реформа за обединување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање, но процесот ќе биде транспарентен, со јавна дебата и засилен парламентарен надзор, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Митко Трајчулески од СДСМ, Мицкоски посочи дека обединувањето на двете служби е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и дека реформата се подготвува во координација со надлежните институции и стратешките партнери на државата.
Според премиерот, целта е да се воспостави единствена агенција што ќе обезбедува информации неопходни за заштита на суверенитетот и демократскиот капацитет на државата, со механизми за контрола што ќе спречат можни злоупотреби. Тој нагласи дека Собранието ќе има клучна улога во надзорот над работата на идната институција.
Мицкоски рече дека реформата е поврзана и со искуствата од периодот кога неговата партија била во опозиција, посочувајќи дека за тогашните наводни злоупотреби постојат судски постапки чиј исход сè уште треба да се почека.
Премиерот ги отфрли стравувањата дека обединувањето би можело да доведе до нови случаи на незаконско прислушување. Како аргумент ја посочи улогата на Оперативно-техничката агенција (ОТА), нагласувајќи дека незаконското постапување повлекува одговорност пред законот.
Тој додаде дека постојат и други механизми поврзани со посебните истражни мерки, но не даде дополнителни детали, образложувајќи дека јавното откривање информации би можело да ја загрози државната безбедност. Како примери за слични модели на обединување ги наведе Соединетите Американски Држави, Хрватска и други европски земји, како и партнери во НАТО.
Од друга страна, пратеникот Митко Трајчулески побара Владата да се откаже од спојувањето на двете агенции. Тој изрази загриженост дека реформата може да доведе до прекумерна концентрација на безбедносна моќ и потсети на претходните случаи на злоупотреба на безбедносните служби.
Трајчулески оцени дека искуството со незаконското прислушување покажало колку се опасни злоупотребите кога надзорот е недоволен и кога политичката моќ нема ефективни ограничувања.
































