Европската комисија денеска ги повика земјите членки на Европската Унија да ги искористат преостанатите 21,3 милијарди евра од програмата за повторно вооружување, за зајакнување на сопствените одбранбени капацитети и за поддршка на Украина.
Од Комисијата појаснуваат дека државите дополнително ќе бидат известени за износите што можат да ги добијат, врз основа на доставените планови. Одлуката за распределбата на средствата ќе биде соопштена во рок од две недели по приемот на сите барања.
ЕК, исто така, повикува Украина да биде вклучена во заедничките европски јавни набавки во одбранбениот сектор. Според препораките на Комисијата, средствата треба да се насочат кон набавка на системи за противвоздушна и противракетна одбрана, беспилотни летала, муниција и ракети.
Минатата година ЕУ предвиде буџет од 150 милијарди евра за заеднички набавки во областа на одбраната. Сепак, дел од земјите членки досега побарале помали износи од првично планираните, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Досега се одобрени договори за заеми за сите 19 земји членки што одлучија да учествуваат во програмата. Со 16 од нив се склучени потребните договори, додека речиси 13,5 милијарди евра се исплатени на 11 држави што побарале авансно финансирање, се наведува во соопштението.
































