Фото: ЕПА

Во Шпанија денеска започна тридневна национална жалост поради тешката железничка несреќа во близина на Урда, во која загинаа најмалку 68 лица, а најмалку 180 беа повредени.

Во знак на почит кон жртвите, градските собранија низ земјата синоќа во 20 часот одржаа минута молчење. Во меѓувреме, на местото на несреќата продолжуваат активностите на спасувачките екипи и пребарувањето на уништените вагони, објави шпанската јавна телевизија РТВЕ (RTVE).

Почит кон загинатите беше оддадена во Мадрид, Каталонија, Андалузија, Кастиља и Леон, Астурија, Канарските Острови, Кантабрија, Арагон и во други делови од земјата. Акцијата беше организирана на иницијатива на Шпанската федерација на општини и покраини.

Надлежните власти предупредуваат дека бројот на загинати би можел да се зголеми при отстранувањето и преместувањето на тешко оштетените вагони, додека спасувачките екипи продолжуваат со работата.

Градоначалникот на Урда, Мануел Галан, изрази сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо закрепнување на повредените. Тој ја истакна важноста на координацијата и соработката меѓу сите надлежни служби во справувањето со последиците од трагедијата.

Паралелно со деновите на жалост, во Мадрид синоќа се одржа и протест пред Министерството за транспорт, на кој присуствуваа околу 1.500 лица. Демонстрантите побараа одговорност за несреќата и упатија критики кон министерот за транспорт Оскар Пуенте и премиерот Педро Санчез. Собирот помина без инциденти, под засилено полициско обезбедување.

Во повеќе шпански градови, трагедијата повторно ги отвори сеќавањата на претходните железнички несреќи во земјата, меѓу кои и несреќата во Адамуз, во која пред десет месеци загинаа 46 лица.