Околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо, како и месни подготовки, биле одземени при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти во Радовиш, спроведени од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Одземените производи денеска треба да бидат уништени на депонијата „Дрисла“.
Инспекциските служби вчера извршиле контрола и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое без соодветно одобрение произведувало димени месни производи и чварки, а потоа ги продавало преку социјалните мрежи.

При контролата биле одземени 50 килограми месни производи, меѓу кои печено месо, кулен и димена сланина.
Според АХВ, производите немале декларации за потеклото, а биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови. Од Агенцијата предупредуваат дека ваквите практики претставуваат сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.

Од Агенцијата најавуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелегалното производство и прометот со небезбедна храна.


































