Марк Карни / Фото: ЕПА

Европејците не се на иста бранова должина во пресрет на самитот ЕУ-Канада

  • Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи статус на „придружна членка“ за Отава, што длабоко ги иритираше Париз и Берлин. Канадскиот премиер Марк Карни, од своја страна, исто така се справува со опозицијата, која изрази резерви за доближувањето на Канада кон ЕУ

Додека лидерите од земјите од Западен Балкан, кандидати за членство во Европската Унија, беа на самитот со ЕУ, во кулисите во Брисел се одвиваше необична дебата меѓу европските дипломати пред почетокот на самитот меѓу ЕУ и Канада, што треба да се одржи во Монтреал, денеска и утре. Девет месеци по говорот на канадскиот премиер Марк Карни на Форумот во Давос, Швајцарија, сите во принцип се согласуваат дека мора да зајакнат врските меѓу земјите што делат заеднички вредности, земајќи ја предвид нивната положба во однос на големите сили САД, Кина и Русија.
– Средните сили мора да дејствуваат заедно, бидејќи ако не сте на масата, вие сте на менито – предупреди канадскиот премиер во јануари.

Зближувањето со Канада не е добро прифатено во Париз и во Берлин

Но има проблем. За време на нејзиното обраќање за состојбата на Унијата во Стразбур на 16 септември, претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, предложи Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ, без претходно да се консултира со земјите членки за статусот што формално не постои и чие значење е нејасно. И во Париз и во Берлин, ова не беше добро прифатено.
– Не сме свесни дека беа направени консултации со нас. Тоа не беше во говорот што ни го испрати пред да го прочита во Стразбур – појаснува извор близок до Елисејската палата за париски „Ле монд“.
– Никој не ја оспорува желбата за зајакнување на врските со Канада, но создавањето концепт за кој никогаш не сме слушнале, статусот на придружна членка, поттикнува многу загрижености. Зошто да не ѝ се даде и на Јужна Кореја – се коментира зајадливо во Париз.
Во Германија, главната загриженост беше дека Урсула фон дер Лајен го рециклира статусот на „придружна членка“ што самиот канцелар Фридрих Мерц го користеше во мај, претставувајќи го во тоа време како чекор за Украина на патот кон пристапување во ЕУ. Неговиот предлог не успеа, а конзервативниот лидер не го цени тоа што комисијата го присвои.

Соработката ЕУ-Канада се форсира во сложен геополитички момент

Комисијата, од своја страна, не е загрижена за двоумењата на Германија и Франција во врска со употребениот вокабулар. Покрај тоа, во Монтреал оди голема бриселска делегација: заедно со претседателката, ќе бидат присутни и четворица извршни потпретседатели и шест комесари. Тие ќе се сретнат со членови на канадската влада и десетина бизнис-лидери и ќе ветат „конкретен напредок за европските и за канадските граѓани“.
Во европскиот проект, поголемите земји, со својата силна дипломатија, внимателно ги следат амбициите на комисијата. Помалите, од своја страна, претпочитаат силна комисија што презема иницијатива.
– Постои договор на ниво на шефови на држави и влади за тоа што навистина сакаме да правиме со Канада – истакнува европски функционер во париски „Ле монд“.
– Имаме корист од историскиот момент. Го гледаме светот со исти очи како Канада за многу теми како што се климатските промени, вештачката интелигенција и демократијата. Мора да го искористиме ова со тоа што ќе ја поврземе оваа земја што е можно поблиску со ЕУ, без таа да стане полноправна членка – додава друг.
– Мораме да соработуваме со овој партнер во многу комплициран геополитички момент – забележува еден дипломат, кој не доаѓа од двете големи европски земји, со што контекстот од неговата изјава е јасен во пресрет на среднорочните избори во САД на 3 ноември.
За ЕУ, со своите 460 милиони жители, целта не е да се категоризира како „средна сила“, како што вели канадскиот премиер Марк Карни, туку да се соберат сите оние земји што, како Канада, ги бранат вредностите што Брисел ги смета за заеднички: посветеност на демократијата и спротивставување на војната во Украина. Предизвикот сега е да се даде суштина на ова зближување, така што тоа не е само зајакнат трговски договор. Со други зборови се бара „трет пат“, со што се оживува идејата на речиси згаснатото движење на неврзаните земји, кое беше алтернатива на двата тогаш непомирливи блока.

Отава има свои пресметки за сојузништвото со Брисел

Во Канада, идејата за поблиски врски со Европа му се допаѓа на голем дел од населението. Според неодамнешната анкета на „Леже“ спроведена кон крајот на септември, 70 отсто од Канаѓаните ја поддржуваат идејата земјата да добие статус на „придружна членка“ во ЕУ. Некои го гледаат тоа како можност да им свртат грб на Соединетите Американски Држави, кои водат немилосрдна трговска војна против својот сосед. Други предвидуваат попрагматична перспектива: зајакнување на врските со Стариот Континент за олеснување на движењето на студентите и патниците.
Премиерот Марк Карни е јасен: тој сигурно не сака Канада да ѝ се приклучи на ЕУ. Наместо да го усвои терминот „придружна членка“ предложен од Урсула фон дер Лајен, тој затоа го претпочита терминот „единствен сојуз“ или „сојуз за иднината“, во области толку разновидни како одбрана, вештачка интелигенција и критични минерали. Канадскиот премиер, исто така, има намера да го искористи самитот за да ја унапреди ратификацијата на CETA, договорот за слободна трговија меѓу Канада и ЕУ. Привремено применет од 2017 година, сè уште не е ратификуван од девет земји членки, вклучувајќи ги Франција и Италија.

„Единствениот сојуз“ наидува на отпор во Канада

Но овој поблизок однос со Европа не е универзално поддржан во Канада. Опозициските партии ги изразуваат своите резерви, почнувајќи од конзервативниот лидер Пјер Поилиев, кој жестоко се спротивставува на статусот на „придружна членка“, што го изедначува со губење на суверенитетот.
– Никогаш нема да бидеме 51-та американска држава. И никогаш нема да бидеме 28. земја членка на Европската Унија – изјави Поилиев на социјалната мрежа Икс за време на посетата на Марк Карни на Европскиот парламент во септември.
Лидерот на Блок на Квебек, суверенистот Ив-Франсоа Бланше, исто така е критичен кон стратегијата на Марк Карни, за која се сомнева дека ги искористува поблиските врски со ЕУ во корист на канадските нафтени интереси.
– Мора да ја поддржиме Европа, но да не паднеме во стапиците што премиерот ги поставува насекаде за да ги фаворизира нафтата и гасот – предупреди Бланше неодамна преку социјалните мрежи.
Тој сепак признава дека европскиот модел може да ја инспирира Канада, особено во областите на животната средина и заштитата на потрошувачите.
Покрај тоа што ќе треба да ги убеди Европејците, Марк Карни ќе мора да ги обедини канадските провинции во овој стратешки сојуз, што е навистина деликатна вежба и за Брисел и за Отава. Непосредно пред самитот, новиот суверенистички премиер на Квебек, Пол Сен-Пјер Пламондон, ја обвини федералната влада дека се обидува да го замолчи откако Отава ја одби можноста тој да зборува на состанокот.
– Ова не е само сериозен недостиг од почит, туку пред сè, значителен неуспех за способноста на Квебек да дејствува автономно и да ги брани сопствените интереси – нагласи Пламондон завчера.
Канада споделува еден голем парадокс со ЕУ: постојано се повикува на единство, кое е тешко да се постигне.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција