Глобалната недела на медиумска и информациска писменост ја нагласува потребата од критичко размислување
Веројатно не е случајност што глобалната недела на медиумска и информациска писменост (од 24 до 31 октомври) се совпаѓа со роденденот на „Нова Македонија“ (29 октомври), бидејќи најстариот македонски весник отсекогаш се залагал за потребата за стекнување медиумска писменост. Тоа е забележливо преку нашите содржини, како и преку организација на работилници со најмладите, осмислување иницијативи и учество на трибини и јавни собири за едукација на оваа тема низ годините.
Медиумската писменост претставува една од клучните компетенции на современиот човек, особено во време во кое информациите се шират брзо и во огромен обем, преку различни медиумски, но и други платформи како што се социјалните мрежи. Таа подразбира способност за пристапување до информации, нивно критичко анализирање, проверување, толкување и одговорно користење. Медиумски писмената личност затоа не ги прифаќа сите информации како точни само затоа што се објавени во медиумите или споделени на социјалните мрежи, туку ги преиспитува нивното потекло, веродостојноста на изворот, контекстот во кој се пласирани и намерата со која се создадени. Во такви околности, способноста за критичко размислување и проверка на фактите е неопходна за граѓаните да можат да донесуваат информирани одлуки, да ги разбираат општествените случувања и да учествуваат одговорно во демократските процеси.
Медиумската писменост има и поширока општествена функција, придонесувајќи за развивање на демократската култура, почитување на различните мислења, препознавање на говорот на омраза и намалување на влијанието на манипулативните содржини. Истовремено, им помага на граѓаните да ја препознаат разликата меѓу фактите и личните ставови, меѓу новинарската информација и рекламната содржина, како и меѓу легитимната критика и намерното ширење невистини. Затоа, медиумската писменост не треба да се сфаќа само како техничка вештина за користење медиуми, туку како важен предуслов за информирано, активно и одговорно општество.
Особено е важно младите да се едуцираат, за да умеат да препознаат веродостојни извори на информации, автентични текстови и квалитетно новинарство, што подразбира да бидат насочени кон традиционалните медиуми што се држат до високи новинарски стандарди. Таа потреба е нагласена во денешно време, кога светските кризи придонесуваат за ширење лажни вести и дезинформации што можат повеќекратно да му наштетат на општеството. Во периоди на неизвесност, страв и зголемена општествена чувствителност, граѓаните имаат потреба од брзи и јасни одговори, а тогаш се отвора простор за шпекулации, теории на заговор и манипулативни наративи. Таквиот злонамерен тренд беше изразен во текот на пандемијата на ковид-19, создавајќи недоверба во здравството, а потоа се прошири во однос на воените конфликти, политичките и економски процеси, за сега уште повеќе да се засили со зголемената употреба на вештачката интелигенција.
Суштинската вредност на медиумската писменост е во способноста критички да се проценуваат информациите, за што на граѓаните треба да им се помогне да бидат посамостојни во расудувањето и поотпорни на манипулации.
Во Македонија во истиот период (од 26 октомври до 2 ноември) се одржуваат традиционалните Денови на медиумска писменост 2026, под мотото „Сите имаме своја улога“, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и Мрежата за медиумска писменост. Македонија на тој начин се приклучува кон глобалното одбележување на Неделата на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
За таа цел, најавени се повеќе настани, вклучувајќи работилници, обуки и конференции, кои ќе се реализираат во Скопје, Гостивар, Струмица, Битола, Велес, Струга и во Тетово, како и дебата во Собранието. Притоа е предвидено да бидат презентирани и резултати од истражување со препораки, промовирани иновативни начини за поголемо присуство на медиумската писменост во образованието и медиумите, како и вештини за заштита во онлајн просторот и за употреба на вештачката интелигенција. Р.Н.М.































