Големината на македонската цивилизација

Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. Универзални вредности на македонската цивилизација се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам, кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција, но со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивната физичка ликвидација од Земјината топка. Британскиот колонијализам и американскиот империјализам за неколку века избришаа стотици етноси, јазици, религии и култури од планетата Земја.
И не случајно мислата на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев – „Светот како поле за културен натпревар помеѓу народите“ – не е само како негова лична импресија, туку како експресија на генетскиот код на македонската цивилизација.
Македонската цивилизација за Македонците никогаш не била, не е, ниту ќе биде хеленска цивилизација, затоа што Македонија никогаш не била грчка, а Атина за првпат во својата историја окупира дел од Македонија во Првата балканска војна. На 31 октомври 1912 година, инородниот крал на Грците, Данецот Горгиос Први, издава декрет до грчкиот премиер Елефтериос Венизелос во кој напишал: „Воспоставете времена управа врз окупираните територии во Македонија!“ И започнува грчкиот геноцид врз домородниот македонскиот народ на своите автохтони територии во Македонија. На 18 март 1913 година, додека престојувал во Солун, кралот Горгиос Први од непосредна близина бил застрелан во грб со револвер од атентаторот Александрос Схинас, починал веднаш. По неговата смрт, тронот го наследил неговиот син Константин Први, кој водел прогерманска политика во пресрет на Првата светска војна.
Од Горгиос Први на 31 октомври 1912 година до Зоран Заев на 17 јуни 2018 година продолжија предавствата и злосторствата врз македонскиот народ и неговата држава Македонија…
Со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, Атина го анектира егејскиот дел на Македонија. Оттогаш, Владата во Атина започнува континуиран, системски и систематски процес на етничко чистење, егзодуси и геноцид врз Македонците во егејскиот дел на Македонија: масакрирани се илјадници Македонци, интернирани по островите и насилно протерани од Грција, запалени се стотици македонски села, илјадници куќи и македонски православни цркви, забранет е македонскиот јазик…
Со Нејската конвенција од 27 ноември 1919 година меѓу Атина и Софија, Грција насилно ги протера Македонците православни од егејскиот дел на Македонија во Бугарија.
Со Лозанската конвенција од 30 јануари 1923 година меѓу Атина и Анкара, Грција насилно ги протера Македонците муслимани од егејскиот дел на Македонија во Турција. Од Турција и Мала Азија, Атина во Грција досели околу 800.000 инородно население, од кои 612.000 во егејскиот дел на Македонија на имотите на насилно протераните Македонци. Затоа Грција е една од ретките држави во светот во чиј катастар нема историја на движење на парцела, бидејќи ќе стигнат до македонската тапија.
Во 1926 година Атина ги промени оронимите, топонимите и хидронимите во егејскиот дел на Македонија и имињата и презимињата на Македонците во Грција – го забрани македонскиот јазик.
Во 1948 година, во таканаречената Граѓанска војна во Грција, Атина насилно ги протера децата на Македонците во источноевропските земји, што претставува преседан во светската историја на народите и државите. Со Одлуката за репатријација на политичките бегалци од Граѓанската војна во 1945-1949 година од 29 декември 1982 година и со Законот 1540/85 за деконфискација и денационализација на имотите на политичките бегалци од Граѓанската војна во 1946-1949 година, Атина го забрани враќањето на насилно протераните Македонци во Грција на нивните родни огништа и ги лиши од сите граѓански права.

Сѐ до распаѓањето на поранешна СФРЈ во 1991 година, Атина речиси ја елиминира употребата на зборот Македонија. Владата во Атина имаше Министерство за Северна Грција… Со распаѓањето на поранешна СФРЈ, Министерството за Северна Грција владата во Атина го преименува во Министерство за Македонија, Епир и Тракија.
На 16 декември 1991 година Советот на Европската заедница го усвои извештајот на Арбитражната комисија на конференцијата за Југославија на Европската заедница, според кој Република Македонија ги исполнува условите од насоките за признавање на новите држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз, а во декларацијата за Југославија, според Арбитражната комисија, „употребата на името Македонија не содржи какви и да е територијални претензии кон друга држава!“
На 6 јануари 1992 година, под притисок на Атина, сепак, Собранието на Македонија усвои два амандмана на Уставот на Република Македонија: на членот 3 „Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави“ и на членот 49 Републиката во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија „нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.
На 27 јуни 1992 година Европскиот совет на Европската заедница во Лисабон, под притисок на Атина, усвои геноцидна декларација за поранешна Југославија што се однесува на признавањето на Македонија „со име што нема да го вклучува терминот Македонија“, што беше експресно отфрлена од Собранието на Македонија со декларација од 3 јули 1992 година.
На 7 април 1993 година, со Резолуцијата 817/1993, Советот за безбедност до генералното собрание препорача прием на Македонија во Организацијата на обединетите нации.
На 8 април 1993 година, со Резолуцијата 47/225, Генералното собрание ја прими Македонија во членство на Организацијата на обединетите нации под привременото обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“ (The Former Yugoslav Republic of Macedonia), со задача да се постигне договор за разликата за името на државата Македонија, што претставува преседан во меѓународните односи и право, спротивно на Повелбата на Обединетите нации и на Универзалната декларација за човековите права.
На 9 октомври 1995 година, Собранието на Македонија ја ратификува македонско-грчката Привремена согласност, склучена на 13 септември 1995 година, а веднаш потоа го промени шеснаесетзрачнотo златно-жолто сонце на црвена основа од симбол на знамето на државата.

Меѓународниот суд во Хаг на 5 декември 2011 година ја прифати тужбата од Македонија против Грција поднесена на 17 ноември 2008 година, поради грчкото вето на Букурешкиот самит од 3 април 2008 година, со што Грција ја блокира поканата за Македонија за членство во НАТО, спротивно на членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност, кој ја обврзува официјална Атина да не го блокира интегрирањето на Македонија во меѓународните организации. Меѓународниот суд во Хаг со пресудата од 5 декември 2011 година го суспендира суспензивното право на Грција во меѓународните организации против Македонија – го потврди правото на Македонија да поднесува барање за членство и да членува во меѓународни организации под нејзиното државно име! Имено, Грција може само „да приговара доколку во овие меѓународни организации на Македонија ѝ се обраќаат под државното име, различно од привременото обраќање во Обединетите нации додека траат разговорите“, но ништо повеќе од тоа!
Како последен бастион на расизмот и наци-фашизмот во Европа, Атина не го признава постоењето на Македонците што живеат во Грција вршејќи дискриминација на човековите и граѓанските права и слободи – од окупацијата на Македонија во 1912 година континуирано до денес не го признава постоењето на посебен македонски етнос во целина.
Од 1944 година до денес Атина веќе осумдесет и две години применува рестриктивен визно-пасошки режим на апартхејд за македонските државјани по потекло Македонци од егејскиот дел на Македонија. Визно-пасошкиот режим на апартхејд Атина го спроведува со забрана за влез во Грција и за сите Македонци по потекло со какво и да е друго немакедонско и негрчко државјанство (американско, австралиско, канадско, европско и друго) во чии патни исправи местото на раѓање е запишано според македонската топонимија од пред промената на имињата на населените места во 1926 година.
Со злоупотреба на правото на вето, со спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година Атина изнуди промена на името на државата Македонија, заради членство во Европската Унија и НАТО, што претставува легализација на окупацијата на Македонија и на геноцидот врз македонскиот народ од 1912 година, кое како злосторство против човештвото никогаш не застарува. Атина и Брисел, кога и да е, ќе се соочат со историската одговорност и за тоа мора да платат репарации!
Затоа, поаѓајќи од одлуките на двата референдума од 8 септември 1991 година и 17 јуни 2018 година, решението: Итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со првиот протокол Димитров-Захариева од 10 јуни 2019 година и вториот протокол Османи-Генчевска од 17 јули 2022 година и на спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, и продолжување на членството во Организацијата на обединетите нации под единственото државно, историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Итно и безусловно еднострано распуштање на македонско-бугарската и македонско-грчката комисија за ревизија на македонската историја! Македонците не се против, Грција својата северна провинција и Бугарија својата југозападна провинција да ги нарекуваат Македонија! Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ги прифаќаат бугарската и грчката нација како политички нации со своја културна идентификација. Но ги отфрлаат територијалните претензии и грубото мешање на Атина и Софија во внатрешните работи на државата Македонија! Македонците предлагаат историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи!
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!

Тодор Петров