КАКО ХАРИ КЕЈН ГИ ПОБИ СОМНЕЖИТЕ И СТАНА НАЈДОБАР ВО СВЕТОТ
- Патувањето на Кејн не беше секогаш лесно. Тоа беше патување што почна со позајмувања во пониските лиги пред да се развие во одличен играч за клуб и за репрезентација
Хари Кејн го почна живописниот пат до „Златната топка“ по пат исполнет со сомнежи и скршнувања од патот, но таков што на крајот доведе до крајната дестинација, да биде крунисан за најдобар фудбалер во светот, а признанието е соодветна награда за примерната кариера во која рекордите паѓаат пред неговите нозе настапувајќи за Англија, Тотенхем и за Баерн, пишува „Би-би-си“.
Кејн е најдобар стрелец на Англија, со 91 гол, и има 125 настапи, израмнет со Питер Шилтон. Тој е рекордер стрелец на Тотенхем, со 280 гола на 435 меча. Кејн постигна извонредни 73 гола во 65 натпревари за Баерн и за Англија во сезоната 2025/2026.
Скромноста на Кејн го натера да биде опишан како „антисуперѕвезда“, неговото достигнување беше фалено во фудбалскиот свет и надвор од него, а една објава на социјалните мрежи од Кејн, додека го славеше најголемиот момент во својата кариера, кажа сѐ: „Работете напорно во тишина. Успехот нека биде вашата бучава“, пренесе „Би-би-си“.
И, сепак, патувањето на Кејн не беше секогаш мазно. Тоа беше патување што почна со позајмувања во пониските лиги со Лејтон Ориент, Милвол, Норвич сити и Лестер пред да се развие во одличен играч за клуб и за репрезентација, пишува „Би-би-си“. Истиот Кејн седеше на клупата како позајмен во Лестер, заедно со идниот соиграч од репрезентацијата на Англија, Џејми Варди, кога „лисиците“ загубија драматичен плејоф-меч за влез во Премиер-лигата од Вотфорд, во мај 2013 година.
Кејн помина низ тешки школи и тешки времиња далеку од неговата попозната средина во Тотенхем, приклучувајќи му се на Ориент како позајмен како 17-годишник во јануари 2011 година, играјќи 18 натпревари (девет како стартер) и постигнувајќи пет гола. Тој му се приклучи на Милвол во слични околности една година подоцна, постигнувајќи девет гола во 24 меча како стартер. Кејн го имаше своето деби за Тотенхем во август 2012 година пред престојот во Норвич, каде што не успеа да постигне гол на три меча и претрпе сериозна повреда на стапалото.
– Она што го видов во него беше желба да се снајде добро. Дали го видов со мобилноста и со флексибилноста што ги има во својата игра сега? Веројатно не. Тој беше многу добар финишер. Остануваше по тренинг по половина час секој ден, за удари со лева нога, со десна нога – вели Крис Хјутон, поранешниот дефанзивец на Тотенхем, кој беше менаџер на „Кероу роуд“.
Следната станица беше Лестер, помеѓу февруари и мај 2013 година, кога имаше пет настапи и постигна два гола, период што најдобро се памети по тој драматичен натпревар од плејофот кога Трој Дини постигна гол за Вотфорд и ги испрати на Вембли неколку секунди откако пеналот на Ентони Нокаерт беше одбранет од Мануел Алмунија, пишува „Би-би-си“. Кејн дури и не беше во почетната постава на Лестер, туку беше испратен на теренот дури по 61 минута. Покрај него на клупата беше Варди, кој подоцна ја освои Премиер-лигата со Лестер и играше заедно со Кејн за Англија.
Подоцна изјави дека тоа било време на сомнеж во себе.
– Тоа беше веројатно времето во мојата кариера кога беше најтешко, имав 19 години и си мислев: Ако не можам да играм за Норвич или за Лестер, дури ни во Чемпионшип, тогаш како ќе се вратам да играм за Тотенхем? – вели Кејн, пренесе „Би-би-си“.
Доказ за силата на карактерот на Кејн, дури и како млад, е тоа што тој не само што се врати во Тотенхем туку замина во Баерн во август 2023 година како еден од нивните најдобри играчи на сите времиња. Дури и во Тотенхем, одличниот рекорд на Кејн секогаш носеше квалификација дека никогаш не освоил трофеј, „стап“ што се користел за неправедно да се удри играч чија извонредна конзистентност и пристап го обележаа како врвен професионалец, пишува „Би-би-си“. Кејн го поправи тоа спектакуларно во Баерн, освојувајќи ја двапати Бундеслигата, а овој трансфер го доведе до ниво на глобална суперѕвезда, давајќи му профил и платформа да ја освои „Златната топка“, првиот англиски фудбалер што го освоил трофејот по Мајкл Овен во 2001 година и петтиот вкупно.
Кејн сега е на врвот на својата моќ и физичка подготвеност, не само машина за постигнување голови туку и комплетен играч способен да се спушти длабоко во средниот ред за да прави еден вид зачудувачки одбранбени додавања, како за голот на Алфонсо Дејвис против Арсенал во неодамнешниот натпревар од Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“.
– Беше толку заслужено затоа што не му одеа работите по свое. Мораше да оди по заобиколен пат. Мораше да почне на тешкиот пат, така што некој му кажа: „Не си доволно добар, ќе мора да работиш многу понапорно за да стигнеш таму каде што сакаш“. Тој го направи тоа. Отиде како позајмување и работеше понапорно од кој било друг. Стигна до самиот врв и сега е најдобриот фудбалер на светот, а тоа е она што посветеноста го прави за вас. Тоа е порака до сите. Хари го кажа тоа во својот говор, дека ако ви кажат дека не сте доволно добри, тогаш одете и обидете се повторно и работете понапорно. Тој го направи тоа и погледнете каде е сега. Тој постигнува голови со феноменална брзина толку многу години и го заслужи тоа. Мислам дека најдоброто нешто за мене е колку е скромен Хари – рече за „Би-би-си“ еден од славните претходници на Кејн во дресот со број девет на Англија, Алан Ширер.
Откако ќе стивнат прославите, скромната суперѕвезда ќе се врати на работа, а Баерн синоќа играше со Магдебург во второто коло на германскиот куп, пред големиот домашен натпревар со Борусија Дортмунд в сабота. Кариерата на Кејн не беше без пречки, но тој останува фокусиран како и секогаш да освои сѐ што ќе му се постави пред Баерн и Англија, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































