Суштината на движењето што го започнаа студентите во Србија е отвореноста за конструктивна соработка и дијалог со сите политички партии. Тоа, според Илија Срдановиќ, носителот на победничката листа на вонредните парламентарни избори во Србија, ќе придонесе за стабилизирање на добрососедските односи во наредниот период.
Во своето прво интервју по изборната победа, дадено за хрватскиот портал „Индекс“, Срдановиќ објасни дека студентите избрале 250 експерти од различни области, меѓу кои економисти, правници, финансиски експерти, спортисти, културни работници, лекари и едукатори.
Според него, речиси нема сегмент од општеството што не е опфатен со широкиот состав на листата.
– Сега имаме голем број мандати во Собранието и меѓу тие луѓе веќе има доволно кредибилни кандидати кои можат да бидат членови на владата или премиер – рече Срдановиќ.
Тој нагласи дека движењето не го сочинуваат само кандидатите на изборната листа, туку и поширок граѓански собир во Србија што сака да ја насочи земјата кон напредок.
– Во меѓусебен демократски дијалог ќе одлучиме кој ќе влезе во владата и ќе продолжи да ја води земјата во најдобар интерес на нашите граѓани – изјави Срдановиќ.
Како што објасни, движењето прераснало во „Студентска листа“ и граѓанска иницијатива што се води од студентските барања и под студентско лидерство.
Реформите во правосудството, полицијата и борбата против корупцијата
Осврнувајќи се на најавените реформи во правосудството, полицијата, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, Срдановиќ оцени дека задачата нема да биде лесна. Тој посочи дека многу институции треба да се ослободат од партиски назначените кадри за кои смета дека направиле сериозни грешки.
– Затоа првите чекори во полицијата, обвинителството и судството ќе бидат многу важни – рече Срдановиќ, додавајќи дека за спроведувањето на промените ќе бидат потребни и слободни медиуми.
Европската интеграција останува во фокусот
На прашањето дали новото движење ќе го интензивира пристапот кон Европската Унија и посилно ќе ја насочи Србија кон членство, Срдановиќ рече дека во претходниот период поддршката на граѓаните за ЕУ се намалила за 20 проценти.
Сепак, тој истакна дека вредностите на движењето во голема мера се совпаѓаат со европските цивилизациски вредности.
– Затоа не гледам пречка за подобрување на соработката и продолжување на европската интеграција – изјави Срдановиќ.
Тој потврди и дека разговарал со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој му ја честитал победата на студентската листа и изразил надеж за продолжување на соработката. Според Срдановиќ, конкретните облици на соработка ќе бидат утврдени по формирањето на новата влада.


































