• Преку цртање, раскажување, игра и имагинација, децата ќе го откриваат светот на емоциите и ќе го искусат процесот на создавање сликовница

Данската писателка и илустраторка Ане Бјорн престојува во Скопје, каде што ќе одржи четири креативни работилници за деца во соработка со училишта и библиотеки, што е инспирирано од нејзината книга „Магичен поглед“. Работилниците ќе им овозможат на најмладите читатели да ја истражуваат моќта на цртањето и раскажувањето, да ја развиваат својата имагинација и да откријат како сликите и зборовите можат да ги изразат и најсложените и најтешките чувства.
Преку два различни концепта, приспособени на возраста на најмладите читатели, Ане Бјорн ќе ги поттикне децата да размислуваат креативно, да ги споделуваат своите идеи и да го откриваат светот од различни перспективи.
Работилницата „Што гледаш ти, а другите не го гледаат?“, наменета за деца на возраст од седум до осум години, ќе ги охрабри учесниците преку цртање и визуелно изразување да ги истражуваат големите емоции и начините на кои ги доживуваат и надминуваат тешките или непријатните ситуации. Поаѓајќи од идејата дека секој човек го гледа светот на свој начин, работилницата ќе им даде простор на децата да ги изразат своите чувства и да откријат што сè може да се скрие зад една слика.
Втората работилница, „Како да создадам своја сликовница?“, наменета за деца на возраст од девет до десет години, ќе ги воведе учесниците во креативниот процес на создавање книга. Работејќи во мали групи, децата ќе создаваат кратки приказни и илустрации, со што ќе имаат можност да ги спојат зборовите и сликите и да искусат како од една идеја се раѓа сликовница, а притоа истражувајќи и искажувајќи дел од себе.
Работилниците се поврзани со сликовницата „Магичен поглед“, преведена од дански на македонски јазик од Лара Крстева-Ичокаева, имагинативна и емотивна приказна за едно девојче од бегалско семејство, кое од својата баба учи како да открива убавина, светлина и надеж дури и во свет обележан со суровост и разурнување. Со помош на едноставен, но волшебен гест – покривајќи го едното око со два прста – девојчето успева да види нешта што инаку остануваат незабележани: златни палати во мрачни шуми и сирени во длабокото море.

Преку оваа топла и безвременска приказна, Ане Бјорн ја истражува способноста на детската имагинација да создава поинакви светови и да ја зачува надежта дури и во најтешките околности.
Ане Бјорн (1984) е данска писателка и илустраторка чии сугестивни илустрации им даваат форма на чувствата и доживувањата што често тешко се изразуваат со зборови – соништата, стравовите, тагата, лутината и имагинацијата. Дипломирала историја на уметност, а својата прва сликовница, „Кога ноќта исчезна“, ја објавила во 2015 година. Оттогаш има објавено повеќе наградувани дела, меѓу кои и „Магичен поглед“ (2021). Со оваа посета, Ане Бјорн им носи на децата можност да ја доживеат литературата не само како приказна што се чита туку и како простор за творење, споделување и откривање на сопствениот внатрешен свет.