Фото: ЕПА

Вашингтон и Москва слично ги гледаат протестите во Европа:

  • Реториката за пад на западната цивилизација како резултат на либералните политики сѐ погласно може да се слушне од САД и Русија, како и од суверенистите на Стариот Континент. Заедничкиот именител на овие становишта е дека либералната идеологија нуди квазивредности како што се „глобализмот и политиките дека целото човештво е единствен пазар и културен простор каде што границите меѓу националните
    држави сѐ повеќе се бришат, а самите национални држави постепено се укинуваат пренесувајќи ги прерогативите кон наднационални власти, како и дека сите луѓе на Земјата стануваат граѓани на светот (космополити) и добиваат еднакви права во контекст на единствена економска, технолошка, културна и социјална средина и друго“. Според САД и Русија сите тие становишта паднаа во вода, генерирајќи во полн капацитет една вистинска фундаментална криза од светски размери и во одделни држави. Во врска со тоа Вашингтон и Москва, како и некои европски влади, најавуваат остра идеолошка борба за ставање крај на ерата на (нео)либерализмот

Бунт во Франција? Знак на младост во неволја? И не е толку едноставно. Имено, американскиот претседател Доналд Трамп и руски Кремљ претпочитаат да ги сметаат демонстрациите во Франција и во другите земји на Стариот Континент, но и во светот, како доказ за „декаденцијата“ на либералната идеологија, либералната Европа, која е „виновна за практикување на идеолошката доктрина не само во своите држави и не само во ЕУ туку и на глобален план“.
Еве го првиот чин на таканаречениот „судир на цивилизации“, прогласуваат тие едногласно. Ретко реакциите од Вашингтон и Москва се приближувале толку блиску и по содржината и по стилот.
„Франција гори!“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на својата мрежа Трут соушл, целосно игнорирајќи ги барањата на средношколците и студентите, кои се залагаат за повеќе ресурси за образование, и покажувајќи презир кон тешката положба на средната класа, чија куповна моќ се намали, делумно и поради војната на САД против Иран. Шефот на Белата куќа го анализира бесот на Французите како да произлегува исклучиво од „луѓе од сосема поинаков свет“, како што пишува тој. „Луѓе водени од омраза“, желни да ја уништат „оваа некогаш голема земја“, продолжи Трамп. Тој препорачува да се завртат кон себе и да ја вратат контролата над својата држава, пред да биде предоцна.
– Западните либерали го донесоа Третиот свет во Франција и други земји во име на различноста и сочувството. Тие ги игнорираа фундаменталните прашања на асимилација и компатибилност. Им беше кажано дека ова ќе доведе до вакви настани, но тие не послушаа – веќе објасни американскиот потпретседател Џ.Д. Венс со професорски тон претходниот ден на Икс, во порака наменета да биде сочувствителна.
„Се молам за Франција“, напиша тој, предупредувајќи ги Американците за тоа што ќе се случи ако бидат во искушение да гласаат за демократите на среднорочните избори закажани за 3 ноември.

„Западот се урива“

Пренесувајќи слики од Париз во пламен, опишувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон како „трепери од страв“, руските медиуми, како и блогосферата поврзана со Кремљ, исто така се осврна на „хаосот што ја зафаќа Европа, цивилизација во опаѓање затоа што ги напуштила своите христијански вредности“… Рускиот претседател Владимир Путин не се огласи во неделата. Но на платформата Икс, Кирил Дмитриев, поранешниот специјален претставник на Москва, во врска со искажаниот став по ова прашање, едноставно, како да има „усогласена изјава со зборовите што доаѓаат од Вашингтон“, велат аналитичарите, издвојувајќи го делот каде што вели дека во Франција го гледа „самоубиството на западната цивилизација“, предизвикано од некритичко практикување на неолибералните доктрини.
Натаму, Дмитриев исто така ја претставува оваа клима на насилство како резултат на европските грешки во врска со енергетската политика и санкциите наметнати врз Русија, кои ги лишуваат европските домаќинства од евтин руски гас. „Западот се урива поради неможноста да дискутира за своите скапи грешки во миграцијата, енергијата и војната и да ги исправи“, објаснува Дмитриев.

Идентичен идеолошки лак од Вашингтон до Москва

– Интелектуален лак е подигнат од Вашингтон до Москва – забележува Шахин Вале, истражувач за политичка економија во аналитичкиот центар „Германски совет за надворешни односи“.
Идеолошкото усогласување на Доналд Трамп и Владимир Путин, и според зборовите на францускиот претседател од јануари 2025 година, „не е нова појава“.
Франсоа Хасбург, советник за Европа во Меѓународниот институт за стратешки студии со седиште во Лондон, потсетува на намерата на Соединетите Американски Држави, експлицитно наведена во документот „Национална стратегија за безбедност“, објавен во декември 2025 година, „да се стави крај на секаква конфронтација со Русија“, а истовремено да се изрази загриженост за „цивилизациската ерозија“ на Европа. Во документот со „голем оптимизам“ се поздравува подемот на „патриотските европски партии“ способни да ја свртат оваа „траекторија“.

Суверенистите предупредуваат

Во неделата разни претставници на европските суверенисти ефикасно ја повторија реториката на администрацијата на Трамп и Кремљ. „Ако не се разбудиме, колежот во Франција е нашата иднина. Мора да се вратиме на законот, редот и границите“, наведе на платформата Икс Најџел Фараж, шеф на Реформирај го Обединетото Кралство и сојузник на Џордан Бардела, претседател на францускиот Национален собир (РН). Фараж го дели убедувањето на Бардела дека европската „цивилизација и вредности“ се под напад поради либералните политики на владите. Во Германија, Алис Вајдел, лидерка на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), исто така реагираше со идентичен тон.

Самракот на Макрон, на либерализмот и на центризмот во политиките

Но само неколку месеци пред претседателските избори во Франција, овие судири меѓу органите на редот и демонстрантите, овие грабежи и овие сцени на уништување, пред сè, за меѓународниот печат, ги одразуваат крајот на владеењето на францускиот претседател Емануел Макрон и самракот на еден вид центризам во политиката. Седумнаесетти октомври „ја потпиша смртната потврда за макронизмот“, напиша шпанскиот дневен весник „Ел паис“ во неделата, додека некои политички лидери стравуваа дека движењето ќе се прошири.
– Она што се случува во моментов во Франција е двојно предупредување за Германија – рече пратеникот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Јаник Бери, претседател на Француско-германското парламентарно собрание, цитиран од „Рајнише пост“ во неделата, поврзувајќи ги овие демонстрации со неможноста на политичарите да ги спроведат потребните реформи.
Во Италија мобилизацијата на француските средношколци од петокот веќе придонесе за подемот на протестите предводени од млади во големите северни градови, додека на југ движењето на земјоделци и возачи на камиони ги интензивира блокадите во знак на протест против зголемувањето на цените на горивата.
– Демонстрирањето е право. Палењето на нашите градови не е – предупреди премиерката Џорџа Мелони во саботата, додека во Милано се множеа сцените на грабежи среде демонстрациите, каде што демонстрантите бараа да се направи исто „како во Франција“.


Гневот на граѓаните од последиците на либералните политики на европските влади добива на сила

Франција не е единствената држава каде што се мобилизираат незадоволните граѓани: демонстрациите, понекогаш насилни (кои сепак најжестоки се во Франција), се множат низ цела Европа. Французите повторно се повикани на демонстрации на 5 ноември, а „Жолтите елеци“ најавуваат нова мобилизација идниот викенд. Италијанците се исто така повикани на генерален штрајк на 20 ноември, додека слично движење е планирано за 11 ноември во Шпанија и во Португалија.
Брисел е невообичаено тивок за прашањата на внатрешната политика на земјите членки на ЕУ. Европската комисија завчера ги коментираше демонстрациите што се одржаа во Франција во саботата, а особено насилството што ги наруши. Преку својот портпарол, таа ги осуди разбојништвата, нарекувајќи ги „неприфатливи“ и го потсети Париз дека правото на мирно демонстрирање „мора да биде заштитено“.
Меѓутоа, многу европски аналитичари пишуваат дека Европската комисија многу површно го коментирала проблемот со масовните протести, осврнувајќи се само на последиците, односно разбојништвата и грабежите, а воопшто не спомнувајќи ги главните причини зошто се случува тоа, односно своите либерални политики што доведоа до вакви стравотни незадоволства.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција