(Или грчка стратегија за исчезнување на Македонците)
„Македонија е збор што со векови кај многумина, Грци и други, буди восхит на една моќна и блескава античка земја“. Анастасиjа Каракасиду
Повод за денешнава наша колумна, драг читателу, се колумните на Тони Менкиноски под наслов „Педополиси“ објавени неодамна (од 13 септември до 3 октомври) во „Нова Македонија“. Сакам да подвлечам некои битни (сите се такви) места од нив и со клучот на аналогијата со големата слика на македонската проколнатничка судбина. Нивниот автор е познат борец за правдата и вистината за Македонија. А тој, за разлика од некои негови колеги, знае да прави разлика меѓу поимите право и правда во потрага секогаш по нивната синтеза. Мотото, пак, на колумнава е од книгата на доблесната Гркинка Анастасиjа Каракасиду, „Полиња од жито ридови од крв“, што е симболична слика на македонската голготa. Тоа е нејзината докторска дисертација одбранета на Универзитетот во Кембриџ за грчкиот терор (во кој во своја варијанта му се приклучуваат и Бугарите) над Македонците во Егејска Македонија по тоа страшно бомбардирање врз нив со напалм-бомби од англиските бомбардери полни со смрт во 1948. Погледот на работите на Каракасиду е објективен и акрибично документиран, за што добивала и смртни закани од грчките монархофашисти.
За жал, во книгата на Анастасија ја нема страшната тема за која пишува Менкиноски во своите „Педополиси“. Таа е многу специфична и специјална, оригинално грчка нa Грците како професионални мајстори за геноцид кога се работи за Македонците. Верувам дека доблесната Гркинка едноставно не знаела за таа перверзна афера, инаку сигурно ќе ја внесела во својата докторска дисертација. За неа, доколку знам, и кај нас досега никој не знаел, или евентуално знаел, а молчел. Но Менкиноски ја откри и ја промовира на страниците на „Нова Македонија“ на сет глас, иако тивко и спокојно каков што е темелен и длабок тој. И, што откри тој пред нас со неговите „Педополиси“? Откри еден страшен дел од големата македонска есхатолошка слика во која и од цивилизацијата (не само од Грците, Бугарите, Албанците…) е планирана и прецизно разработена стратегијата за целосно исчезнување, и физичко и идентитетско, на Македонците. Нивна тотална поморија од црната чума, која и според народната песна, Гоце сакаше да ја отепа и истера од Македонија.
Но, конкретно, што значат педополиси. Буквално: детски градови. Да. Но ќе видиме дека педополисите што ги открива Тони Менкиноски, иако детски, не им припаѓаат како што би се помислило на прв поглед на детскиот сон и игра, на просторот на бајката. Тоа, со еден збор, не се Хипнополиси, населби на детскиот сон и фантазија, туку се хипнополиси на убиството на еден народ, македонскиот, и укинување на неговата иднина на неговиот хоризонт на живот и постоење. Едноставно станува збор за следното: по англиското бомбардирање на Черчиловите бомбардери на Егејска Македонија за да се уништат комунистите на ДАГ, а да се одбрани грчкиот монархофашизам, што послужува само како добра маска за да се убиваат беспоштедно Македонците, е направен голем геноциден погром врз нив, посебно и врз нивните деца од пеленачиња, па натаму. Тие се варварски протерани и раселени, што била и целта, низ светот од Казахстан и Узбекистан, па сè до Полска, Унгарија и Романија. Со тоа тој специјален план на македоноубијците е успешно завршен. Да. Но не и целосно, останува уште еден дел од него скриен, кој требало да се дозаврши на еден тивок, софистициран и страшно перверзен начин, типично грчки, кој е завиткан и во некој вид хуманистички целофан. Колонизаторските Англосаксонци кои ги бомбардираа во 1948 Македонците, кои ги поучија по нешто во геноцидната уметност и Грците (ако не ги и надминуваат тие нив во тоа) со таков „хуманистички геноцид“, на пример, ги требеа за да им ја земат земјата на Индијанците во Северна Америка, давајќи им за да се стоплат во студената зима ќебиња полни со смртоносни тифусни бактерии. Итн. А потоа тоа го правеле и кај Абориџините во Австралија.
Но се враќаме на Грците. Што раселиле со Черчиловите бомбардери, раселиле македонски деца низ белиот свет, но требало да се активира геноцидниот план за Македонците и со децата што ја преживеале катастрофата. Е, според тој план, тие требало да бидат одделени од коренот, од родното место и родителите во најраната возраст кога може целосно да се избрише во нивната свест генеричката слика на потеклото и родот, како што било замислено, а потоа и реализирано страшно софистицирано и прецизно пак во белиот свет. Овој пат далеку преку Атлантикот во Америка за да не им текне никогаш од кај дошле и кај треба да се вратат. Да се елинизираат засекогаш, до смртта и по неа.
Е, а сега, драг читателу, тоа е важно, и тука лежи парадоксот, со тој монструозен план за физичко и идентитетско докусурување на еден народ не раководи Грк или Гркинка, туку една туѓинка Германка Фредерика. Таа, како што пишува и Тони, „не била обична фигура на грчкиот двор и грчката политика. Родена како принцеза Фредерика од Хановер, таа била ќерка на Ернест Август, војвода од Брауншваг и принцезата Викторија Луиза од Прусија, единствена ќерка на последниот германски цар Вилхелм Втори. Значи Фредерика била внука на кајзерот Вилхелм Втори, последниот германски цар и еден од владетелите што носат историска одговорност за политиката што Европа ја вовела во катастрофата на Првата светска војна, во која загинаа милиони војници и цивили, а цели народи ја платија цената на амбициите на тогашните европски империи. Фредерика по бракот со Павле, а потоа и со неговото стапување на престолот во 1947 година станува кралица на Грција. Токму под нејзино покровителство се развива мрежата од педополиси. Во различни периоди функционирале педесетина такви установи, а во литературата најчесто се споменуваат 18.000 деца што поминале низ системот“.
Тони, како што гледаме, акрибично ја опишал семејната лоза на Фредерика, која успешно го водела и реализирала планот за исчезнување од родот на македонските деца што го преживеале бомбардирањето во 1948 година. Туку сега јас правам, драг читателу, една аналошка дигресија, коjа е дијагностичка по однос на големите европски нации и нивните помали сателити што ги основале за свои интереси на Балканот, пред сè, како што се во прв ред Грција и Бугарија, па и Албанија. Таа дијагноза јас ја именувам со синтагмата „сексуален и политички бордел“, во кој се разменуваат и вкрстуваат некогаш и неприродно, во секој случај смислено и профитабилно, принцези и принцови, кралици и кралеви. За Грција е посебно карактеристична таа вглобеност во таквиот сексуален и политички евробордел. За тоа, се сеќаваш, сум пишувал и порано, драг читателу. Грчкиот евробордел е посебно раскошен и перверзен. Грција, како што знаеме, е формирана (како што гледаме и за наша несреќа) во 1832 од германскиот принц Ото Баварски, кој го има за советник Дројзен, кој за да ја возвелича неа, а да ги минимизира и понижи домородните Македонци на чие тло се доселиле од супсахарска Африка агресивните, и според Херодот крадливи Данајци, ја исфрла во оптек хипотезата, потоа штедро прифатена од Европа, дека Античките Македонци се Елини (Грци), а потоа и онаа дека Словените, чија генеза се Македонците, се доселиле негде од заткарпатските шуми и мочуришта. Така. А по Германците на грчкиот престол заседнуваат Англичаните, па по нив исто така пак Германците, сега со Фредерика. Итн. Цел еден круг што игра политсексуален валцер и во континуитет смислуваат планови како да исчезнат или да се погрчат Македонците на нивно тло. Нешто слично што го прават и Бугарите.
Е, тука нашата теза, драг читателу, е дека Македонија и Македонците страдале и сè уште страдаат затоа што никогаш не биле вклопени во тој европски политсексуален бордел, за жал, сега присутен и во Брисел на свој нов модифициран начин. Тие биле од него плански отстранети и искачени на својата историска и метафизичка голгота усте на Берлинскиот конгрес во 1878, и оттогаш наваму до денес се бранат со судбинската лозинка „Слобoда или смрт“ и со свадби, кои ги спасуваат, заедно и со Господ, од конечна поморија. А еден приjател еднаш луцидно ми забележа дека и Македонците еднаш биле вклопени во политсексуален бордел, секако во Античка Македонија во случајот со Клеопатра и нејзината љубовна врска со Цезар и Антониј. Да. Ама таа врска е чистa страсна и љубовна, за што говори и Шекспир во трагедијата „Антониј и Клеопатра“. Македонската владетелка со Птоломеите во Египет, која како последен египетски фараон го заклучува неколкумилениумскиот период на Стар Египет, едноставно ги освоила со љубов и Цезар и Антониј, а со нив и Римската Империја во која била совладетелка, за што најверојатно и бил убиен Цезар спектакуларно во римскиот сенат.
Така, драг читателу, тоа е нешто многу поразлично од евроборделот во кој се вклопени и Грците, оти кај Македонците љубовта секогаш имала божествена сила и етичка основа, па затоа, имено, и Духот на Христос (Дела апостолски) го испраќа Павле во Македонија за оттука да почне сеидбата на новото цивилизациско семе. Долга дигресија. Се слагам, драг читателу. Но неа неопходно ја наметна како аналогија, универзалниот клуч за растајнување на многу нешта на Бодлер. А има местo за уште други дигресии и аналогии што ги даваат „педополисите“ на Тони Менкиноски. Се враќаме кусо на нив. Во планот на Фредерика македонските деца што останале по англиското бомбардирање во 1948 требало да бидат нa различни начини, најчесто и на сила, од нивните родители одземани и давани на посвојување, кое значело и погрчување, во далечната задокеанска Америка. Врската за таа мрачна геноцидна реализација, се разбира, како добро смислена, била гркоамериканска. Една од главните личности за тоа бил гркоамериканецот Скопас. По неговото име е и наречена аферата што ја откриле американските истражувачки новинари, со што е истовремено и алармирано за постоењето на „црниот пазар“ во Америка на кој се продаваат деца. За тој велескандал и пишува на 5 мај 1959 угледниот весник „Њујорк тајмс“. На таа тема во јули истата година пишува и весникот „Чикаго дејли трибјун“, кој известува дека веќе (што е чудно) „и Грците ги истражуваат постапките за посвојување“, кои биле така правно перверзно изведени што американските адвокати едноставно не можеле да ги обвинат сторителите на злосторството.
Така. А по четириесет години, „Лос Анџелес тајмс“ ја објавува приказната под наслов: „Грчки Американци стравуваат дека можеби биле бебиња од црниот пазар“. И тука во таа рамка е приказната, страшно потресна на Американката Амалија Балч откриена во истрагата на агенцијата „Асошиејтед прес“. Амалија имала само пет години кога била одземена од родителите, прогласени за мртви, и однесена на посвојување во Америка. Но нејзината длабока детска свест ја втиснала длабоко во себе таа страшна слика: „Се сеќавам дека бев многу болна… и многу исплашена“. Таа потоа ја пронашла својата мајка жива. Успеала да му се врати на коренот. Може само да замислиме колку била трогателна таа судбинска средба, типично македонска. Тема за роман на Достоевски. А има уште една потресна сторија што ја обзнанува професорката Бонда ван Стин од Кралскиот колеџ во Лондон, која го истражувала тој феномен на геноцидно злосторство. „Во нејзиното истражување, пишува Тони, се појавува човек роден на 17 февруари 1951 година во Еден ‒ македонски Воден. Изворот ги наведува и неговите биолошки родители. До својата осма година тој и неговите браќа и сестри веќе биле посвоени од американско семејство. Од Воден во Америка. Таму пораснал, завршил средно американско училиште. А потоа им се приклучил на американските оружени сили. И животот на детето родено во Воден направил уште еден неверојатен пресврт, бил испратен во Виетнам каде што поминал тринаесет месеци за време на војната. Роден во војна, повторно испратен во војна, каде што се враќа со воени заслуги.
Е, тука со овој пример со архетипичен македонски судбински проклетилак, драг читателу, е потребна уште една куса дигресија. Имено, оваа анегдота нè враќа на сликата на типичната македонска судбина на фрлените во пеколниот вител на цивилизацијата да војуваат и да се борат за туѓи интереси, положувајќи ги за нив своите обезвреднети животи. Тоа е, пред сè, примерот со двете балкански и со Првата светска војна, но сега, како што гледаме од ексклузивниот пример што го открива благородната госпоѓа Гонда ван Стин за детето родено во Воден, во Американско-виетнамската војна и за Америка.
Да. Туку сега по сета оваа македонска трагедија на идентитетски геноцид, драг читателу, доаѓа и она шокантно, кое Менкиноски го именува со синтагмата „најголемата иронија“, а јас би рекол повеќе и од сарказам. Имено, како што пишува Тони, „на 20 октомври 1948 година во Шестиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации грчката делегација поднесува амандман на нацрт на Конвенцијата за геноцид. Предлогот гласи: ’Forced transfer of children of the group to the group to another group‘. ’Присилно пренесување деца од групата во друга група‘“. Е, тоа е, драг читателу, грчката перверзија, ама не одисејски итра, туку лукаво подла: ем виновни ем да се бара вината на друга страна во магла.
Тоа. Се навративме само кон некои фрагменти од приказната за македонската есхатолошка слика (еден морбиден дел од неа, што ја откри повторно и актуализира Тони Менкиноски. Секоја чест за него, за разлика од новинарите и историчарите на кои тој неа првично им ја понудил за да ја раскажат и анализираат, но тие, конформисти, не биле расположени за тоа. Срам за нив оти не се свесни ни за својот индивидуален идентитет, а камоли за идентитетот и трагедијата на колективот на кој му припаѓаат.
Во својот четврти дел од тој трауматичен есеј за грчката и европската стратегија за спуштање на завеса пред хоризонтот на македонското постоење, Менкиноски иницира идеја за меѓународна истрага на тоа не само грчко, туку, во целокупниот мозаик на македонското физичко и идентитетско ништење, и цивилизациско учество. Повикот за тоа е упатен до македонските институции задолжени за тоа. Му реков на Тони дека тие нема да реагираат, а дај боже да грешам. Но од сите искуства со нашите тажни политички елити од 1990 наваму тоа е повеќе од веројатно. А да не беше така, немаше ни да ја премолчиме европската нацифашистичка декларација од 1992 со која вавилонската ороспија забранува на нејзиниот континент (чие име е патем добиено од Европ синот на Македон) да постои држава со име Македонија, а со тоа, логички, и на Македонци. Таа беше увертира на Преспанскиот договор, кој дојде по неа. И кој од македонските конформистички и ЕУ-зомбирани политичари мрдна со малиот прст за да не се случи тоа? Кажи ми, драг читателу? Кажи ми и ти, драг пријателе Тони. Nocturno. De profundis. Memento mori.
































