Фото: Царинска управа

Царински службеници на граничниот премин Богородица откриле и заплениле златен накит вреден 4 милиони денари, кој  патник од Тетово, сопственик на златарница, се обидел да го прокриумчари во перница за врат додека се враќал со автобус од Истанбул.  Против сторителот е поднесена кривична пријава за  кривично дело „криумчарење“.

Царинската управа соопшти дека кривичното дело е откриено при контрола на автобус, кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар.

-На прашањето дали имаат нешто да пријават, ниту еден од патниците не пријавил стока за царинска контрола, по што е извршен детален преглед. Притоа, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел осомничениот, се откриени 77 парчиња златен накит со тежина од 612 грама – соопшти Царинската управа.

Управата посочува дека во предистражната постапка на Одделението за истраги се обезбедени докази дека тетовецот  имал намера златниот накит што го купил од златарска работилница во Истанбул  нелегално да го пренесе во државава и да го продава во својот златарски дуќан.

-Царинската управа продолжува со активностите насочени кон заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување услови за фер економија – се наведува во соопштението.