Собранието денеска, во рамки на продолжението на 125. седница, ги донесе измените и дополнувањата на Законот за административни службеници, по скратена постапка.
Од предложените законски решенија се очекува да произлезат појасна и поефикасна примена на прописите, како и поголема правна сигурност. Со нив се уредува статусот на службениците во Собранието и во регулаторните тела, со цел нивно усогласување со статусот на другите посебни државни службеници.
Една од новините е укинувањето на можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со што, според образложението на законските измени, треба да се обезбедат еднаков пристап и доследна примена на мерит-системот.
Со измените се разграничуваат и овластувањата за застапување на Агенцијата во управните и судските постапки, се прецизираат роковите за доставување акти и се поедноставуваат постапките преку отстранување на преклопувањата. Предвидено е и транспарентно објавување на конечните резултати.
Законот утврдува и правна последица за административните службеници кои две години последователно ќе добијат оценка „1 – не задоволува“: работниот однос им престанува по сила на закон. Истовремено, се предвидува поекономично спроведување на постапките, без неоправдано одолговлекување, со задржување на правото на жалба. Се уредуваат и дисциплинската и материјалната одговорност.
Дополнително, се овозможува усогласено регулирање на правото на плата за одредени категории службеници преку посебни закони, додека примената на членот 80 се одложува до 1 јануари 2028 година.
СДСМ не гласаше за законските измени, а од партијата реагираа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ претходно ја укинале независноста на собраниската служба, а сега ја враќаат. Опозициските пратеници изразија забелешки и за одредбите што се однесуваат на санкционирањето на административните службеници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека законот содржи одредби за дисциплинирање на администрацијата, вклучително и на собраниската служба. Тој посочи дека до 2024 година собраниската служба била независна и оцени дека процесот на осамостојување на Собранието треба да продолжи и преку обезбедување независност на собраниското обезбедување.
– Сè нешто се прави во завиена форма за да се остварат некакви цели – рече Спасовски, обвинувајќи за политички притисок, што, според него, е причина СДСМ да не ги поддржи законските измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека со измените се исправуваат пропусти од минатото.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека некои законски решенија се добри, а други не, додавајќи дека се коригираат недостатоци што не биле отстранети во 2019 година.
– Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа – рече Мицевски, обвинувајќи дека грешките не биле исправени во периодот од 2019 до 2024 година, кога СДСМ беше на власт.
Во врска со независноста на безбедносната служба на Собранието, Мицевски му порача на Спасовски дека, како министер за внатрешни работи, можел да придонесе за спроведување на реформата.

































