Светски рекорд на Матка
- Поставени се светски рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води
Подводната пештера Врело во кањонот Матка стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордна длабочина од 338 метри во рамките на експедицијата „Врело 2026“. Со овој подвиг беа поставени три светски рекорди, а пештерата го презеде првото место на светската листа пред локалитетите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија. Како што соопштуваат од спелеонуркачкиот клуб „Врело“, во периодот од 10 до 17 октомври, меѓународен тим од 15 нуркачи од Македонија, Полска и од Италија успеал да ја истражи пештерата до рекордни 338 метри, што е за 51 метар подлабоко од досега истражената длабочина од 287 метри. Со тоа се поставени светски рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.

Експедицијата открила и два досега непознати подводни канали, со што мапата на пештерскиот систем е значително проширена. Вкупно се истражени повеќе од 150 метри нови пештерски канали, кои дополнително го збогатуваат познавањето на комплексниот подводен систем на Врело. Првиот новооткриен канал се наоѓа на околу 300 метри од влезот на пештерата, на длабочина од 33 метри и е долг приближно 100 метри, додека вториот е откриен на длабочина од 170 метри и се поврзува со главниот длабински канал на пештерата.
– За време на експедицијата, освен истражувањата за длабочината на пештерата, нуркачките тимови од Полска и од Македонија открија уште два нови неоткриени канала, кои ја видоизменија мапата на пештерата и вкупната должина на пештерата. Во спелеологијата, должината на пештерата се пресметува вклучувајќи ги сите канали. Освен должината поради испитаната нова длабочина од 51 м (33 8м-287 м), дополнително вкупната должина на новите канали што ги истражи оваа експедиција е повеќе од 100 м, односно вкупно нови 150 м истражена пештера. Во спелеонуркањето овие нови канали се од исклучителна важност, поради комплексноста на целокупниот подводен пештерски систем.
Првиот новоистражен канал, кој се наоѓа на 300 м од влезот на пештерата, е на длабочина од 33 м, со приближна должина од 100 м, завршува на 10 м и се спојува со последниот крак, кој е истражен во 2000 година. Вториот канал е на длабочина од 170 м, со должина од 30 м и на 185 м се спојува со главниот канал, кој досега беше единствениот истражен длабински канал – велат од СНК „Врело“.
Рекордното нуркање го извршил полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а целата операција траела девет часа. Неговото безбедно враќање било следено од 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини во пештерата, додека на површината бил ангажиран координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка. Досега Врело беше рангирано како трета најдлабоко истражена подводна пештера во светот со достигнати 287 метри. Со новоизмерената длабочина од 338 метри, пештерата на Матка го презема првото место на светската листа на подводни пештерски системи пред Фонт Естрамар во Франција (312 метри) и Елефанте Бјанко во Италија (292 метри).
Матка – едно од најрепрезентативните богатства на Македонија
Со своите геолошки, геоморфолошки, хидролошки, флористички и фаунистички карактеристики, Матка е едно од најрепрезентативните богатства на Македонија. По долината на реката Треска има таинствен свет со прекрасни пештери, високи карпи, големо богатство од дабови и букови шуми, белоглави орли и ретки животински видови.
Во Матка има десетина пештери со должина од 20 до 177 метри и две бездни со длабочина до 35 метри, а најпознати се пештерите Врело, Кршена и Убава, кои имаат слична должина. Пештерите се полни со сталагмити, столбови и сталактити. Кањонот на реката Треска е најважниот искачувачки центар во северниот дел на Македонија и главните искачувања започнуваат напролет кога доаѓаат посетители од цела Европа. Сезоната продолжува во текот на летото и есента до ноември. Кањонот на реката Треска е отворен и за кајакарство.
Не случајно кањонот Матка се најде во репортажата на британски „Гардијан“ меѓу десетте најубави европски кањони.

Финалното нуркање следено од 12 нуркачи
За рекордното нуркање на полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, од СНК „Врело“ велат дека било внимателно планирано и организирано.
– Финалното нуркање беше следено од 12 нуркачи, кои беа распределени во различни временски периоди на различни локации и длабочини како безбедносни нуркачи, следејќи го безбедното излегување на Бартоломеј Питала. Тимот на нуркачите и тимовите за прва помош беа координирани од површинска поддршка. Во текот на овие девет часа, на приправност беа хипербарична комора со специјализирани лица за третирање декомпресиона болест, хеликоптерска единица на МВР, нуркачки тимови на САЕ Тигар со брзи чамци и специјализирани возила за транспорт и возило на итна помош – посочуваат од СНК „Врело“.
Македонскиот тим за првпат самостојно конструираше подводна воздушна комора
Македонскиот тим за првпат самостојно конструирал и поставил подводна воздушна комора – хабитат, на длабочина од осум до девет метри и на околу 130 метри од влезот на пештерата.
– За потребите на експедицијата, и за првпат од македонскиот тим, на 130 м од влезот на пештерата, беше конструирана, внесена, обезбедена на локација и поставена воздушна комора (хабитат) на длабочина од осум до девет метри. Оваа воздушна комора за првпат е направена самостојно од македонските нуркачи на СНК „Врело“, поставена на локација и обезбедена, и на крајот означена со македонското знаме. Воздушната комора се поставува за користење на нуркачите за време на долгите декомпресиски периоди. Исто така беа поставени повеќе од 30 боци со различни миксови на гасови, на десетина локации и длабочини во пештерата, потребни за безбедно завршување на декомпресијата. Освен боците, на одредени локации во пештерата имаше и резервни батерии за греење и за осветлување – нагласуваат од СНК „Врело“.

































