- Во август и во септември, сите риболовни зони на Охридско Езеро биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тон повеќе од првично планираните 4,9 тони
Охридско Езеро е порибено со уште 100.000 единки охридска пастрмка, со што беше заокружен годинашниот циклус на активности за обновување на популацијата на овој ендемичен вид. Но и покрај засиленото порибување и успешниот вештачки мрест, сè уште нема прецизна процена за актуелната состојба на рибниот фонд, за која се потребни дополнителни истражувања, финансиски средства и ангажман на релевантни институции. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при денешната посета на Хидробиолошкиот завод во Охрид кажа дека во август и во септември сите риболовни зони на Охридско Езеро биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тон повеќе од првично планираните 4,9 тони. Денешните 100.000 единки се со просечна тежина од 4,2 грама.
– Годинава во езерото беше внесена и посебна група од 100 илјади поголеми единки од минатогодишниот мрест, со просечна тежина од 16 грама, што е особено значајно за надоместување на пропуштеното од паузата во вештачкиот мрест, која се случи од 2019 до 2023 година – изјави Серафимовски.
Неодамна е потпишан договор со Хидробиолошкиот завод за следниот циклус на вештачки мрест и порибување со 1.550 млади пастрмки.
Директорката на Хидробиолошкиот завод, Орхидеја Тасевска, истакна дека годинава биле собрани 1,4 милион зрна икра, кои успешно биле одгледувани во установата, а подмладокот бил прихрануван во текот на шест месеци. Таа нагласи дека не може да се изнесуваат конкретни бројки за состојбата на рибниот фонд без сериозни научни процени, особено поради долгогодишниот прекин на вештачкиот мрест.
– Не може едноставно да се зборува за состојбата со рибниот фонд. Потребни се многу сериозни процени. Ние долги години немавме мрест и не би можеле да зборуваме за бројки врз основа на последните две или три години. Тоа е процес што бара истражувања – изјави Тасевска.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кажа дека од почетокот на 2026 година до денес на Охридско Езеро биле спроведени вкупно 231 инспекциски надзор, при што биле издадени 21 платен налог за утврдени прекршоци. Контролите ги вршат надлежните инспектори од Одделението за рибарство, во соработка со рибочуварската служба од Охридскиот Регион и езерската гранична полиција. Надзорот опфаќа проверка на работата на концесионерите, користењето на риболовната опрема и почитувањето на дозволените количества уловена риба.
Паралелно со активностите за обновување на охридската пастрмка, Министерството најавува мерки за заштита на јагулата, која е критично загрозен вид. Владата усвоила Национален план за управување со јагулата, кој предвидува пуштање подмладок и асистиран транспорт на сребрените јагули кон морето.

































