Славица Тошевска, уметница
- Во делата ја користам играта „Монопол“ бидејќи има повеќекратна симболика, секое поле може да биде слика само по себе и да се развива на различни теми, а темите се бесконечни, вели Славица Тошевска
„Артилерија и МК Ултра“ е изложба на Славица Тошевска, која беше поставена во Културно-информативниот центар. Колажот како уметнички медиум, играта „Монопол“ и реалноста во која живееме се среќаваат во изложбата што низ иронија, хумор и провокација ги отвора прашањата за моќта, капиталот, институциите и за позицијата на граѓанинот.
Славица Тошевска е родена во Скопје во 1980 година. Студирала на графичкиот оддел на Националната ликовна академија во Софија (Бугарија) и на ФЛУ-Скопје каде што дипломирала во 2003 година. Реализирала над 200 перформанси и инсталации во Ница, Сен Тропе, Кан, Корзика (Франција), Мадрид, Ибица, Палма де Мајорка (Шпанија), Монако, Израел, Малезија, Сингапур, Кина, Црна Гора,Тајланд, Атина, Сардинија, Сицилија (Италија).
Во изложбата голем удел има играта „Монопол“ – ја користите како метафора за општеството… Како дојдовте до идејата да ја поставите, да биде значаен и впечатлив дел од вашата изложба и каква симболика носи?
Најпрво да кажам дека мојот прв „Монопол“ настана пред повеќе од 15 години и ја опфаќаше тогашната состојба во државата и во Скопје (по населби). Тој ги прикажуваше приватизацијата и продажбата на стратешките ресурси на нашата држава на странци за личен профит, без ни најмала совест ниту визија за тоа како тоа ќе влијае врз нашата економија и иднина. Тоа беше едно дело, кога уметничката сцена беше многу поактивна од оваа што ја имаме, или поточно ја немаме денес, како дел од „Кооперација Колектив“, авангардна независна група на уметници, предводена од еминентни имиња и творци како Игор Тошевски, Владимир Јанчевски, „ОПА – Опсесивно посесивна агресија“ на Денис и Дана, Никола Узуновски, Јана Јакимовска, Ивана Драгшиќ, Оливер Мусоикл, Инес Ефремова, Дијана Богданова, Филип Јовановски, Борјан Заревски и др. Наједноставен е визуелно, но во кратки црти кажува многу.
За жал, многу од уметниците се повлекоа или се занимаваат со други работи за да преживеат и поради револт кон нефункционалноста на институциите – меѓу себе пред сѐ.
Во изложбата се присутни политика, економија, корупција, иселување, институции, но и лични фрагменти. Што сѐ сакавте да опфатите…? И каде завршува личното, а каде почнува општественото во вашата уметност?
Во делата ја користам играта „Монопол“ бидејќи има повеќекратна симболика, секое поле може да биде слика само по себе и да се развива на различни теми, а темите се бесконечни. Инаку, да додадам важен факт, дека „Монополот“ што го знаеме денес бил измислен од Елизабет Меги, на крајот од 19 век, во време кога жените немале никакви права на образование и економска независност, но, за среќа, таа потекнувала од богато семејство и имала поддршка од семејството, поточно од татко ѝ. Играта се викала „Д лендлордс гејм“. Самата игра не била само за забава туку имала критична димензија, да едуцира и да укаже на последиците од концентрацијата на сопственост и економска нееднаквост. Истиот час кога ѝ истекува патентот на играта, „Паркерс брадарс“ ѝ го крадат концептот/играта и го преименуваат во „Монопол“ што го знаеме денес. Многу од нештата што иронично траат и се повторуваат и ден-денес. И секако ги имплементирам политиката, корупцијата, иселувањето, здравството, образованието, корупцијата и личните фрагменти, бидејќи ме засегнале и мене, како и цели генерации на изгубени животи, можности, за нормален живот во здраво општество. Затоа нема тука кај завршува личното, а каде почнува општественото, кога сите сме затечени во ова општество. Сите видовме како нѐ изиграа, колку пари се украдоа (пријавени), како криминалците т.е. најголемите патриоти ја продадоа нашата татковина, избегаа од државата или шетаат на слобода, перење пари, матни зделки, менување на името за личен профит, па една милијарда од украдените пари да вложеа во вистински експерти да дојдат од странство да им покажат, да научат како треба да функционира цел еден систем – од администрација до секоја гранка на која се темели целото општество, ќе обучеа кадар, а не, тие поставија скулптури ко фигурите од „Монопол“.
Велите дека дел од делата треба да насмеат, дел да создадат непријатност, а некои можеби и да заболат… Со други зборови, што сакавте да иницирате со изложбата кај гледачот и какви суптилни пораки упатувате до публиката?
Пред сѐ, не испраќам суптилни пораки до публиката, туку директно ги прикажувам реалноста и ретроспективата на настаните што сите ги знаеме и ги гледаме. Затоа и употребив тешка „артилерија“. Овие настани нѐ доведоа до денешната состојба со која се соочува мнозинството граѓани, кои, со исклучок на криминалците на слобода, се искористени за експеримент сличен на американскиот „МК-Ултра“ – за да се види до каде може да издржиме. Концентрирана во толку многу детали, намерно да биде сѐ пренатрупано и премногу, како што е и нашето секојдневие. Изиграни и искористени од секоја политичка гарнитура од независноста на Македонија наваму, граѓаните се истрауматизирани од претходните случувања во поранешна Југославија. Тука се и инсценираниот конфликт во 2001 година, избегнувањето затвор за украдени пари, атентатите, неправдите и корупцијата. Дополнително, необразовани кадри се поставени на позиции за кои немаат никаква стручност ниту познавање. Овој тотален колапс го доведе целото наше општество во таква апатија, што иселувањето стана единствениот избор за нормален живот. Јас повеќе од 20 години не живеев во Македонија, секогаш снаоѓајќи се како знам и умеам, работејќи сѐ и сешто, поради што, пак, од друга страна, имам и многу искуство и достигнувања и половина свет го обиколив. За жал, случајно дознав дека имам рак на лимфните јазли, па се задржав овде малку подолго, со што на своја кожа видов како нехумано функционира здравството, потоа од некој вид „забава“ или „експерименти“ продолжив да влегувам по разни институции, каде што повеќето беа влез-излез од хоророт што го видов, истражувања од секаков вид. Изгубив многу пријатели, од разни болести, од самоубиства, анксиозност, депресија, психосоматски болести, мозочни и срцеви удари. Имам отселени пријатели што ми недостигаат и повлечени пријатели што не сакаат воопшто да комуницираат со никого.
Какви општествени бранувања би сакале да предизвикате со вашата изложба? По одличното ехо што претставата го предизвика деновиве, што особено ве радува и ве охрабрува?
Никакви „бранувања“ не очекувам, освен браво, нели, или колку си талентирана… Веќе одамна сме од цунами во цунами. Имаме толку квалитетни уметници, кои, за жал, се соочуваат со истите проблеми, додека вработените во културните институции си цепаат ко и нашите политичари – фондови, тендери итн. Ме радува што развеселив многу мои познати и непознати пријатели, кои ми помогнаа конечно, со „крв, пот и солзи“, да ја реализирам мојата прва самостојна изложба и што побрзо да си заминам од овде. Сепак, еднаш се умира, а секој ден се живее, а не се преживува.

































