По гостувањето на софискиот театар „Иван Вазов“ со исклучителната „Бог на масакрот“

  • Дејствието започнува со навидум мирна и цивилизирана средба, зачинета со торта од јаболка и круши и прелив од малина, за да заврши со
    вистинска крволочна драма, дополнета со агресија, омраза, сарказам и отворено непријателство, дополнително разгорена со шише виски…
    и една фрлена вазна со жолти лалиња

Со бурен аплауз и стоечки овации беа поздравени четворицата актери на Националниот театар „Иван Вазов“ од Софија, кој синоќа гостуваше на 20. „Скупи фестивал“ на сцената на Албанскиот театар во Скопје, со претставата „Бог на масакрот“. Текстот е од Јасмина Реза, а режијата на Антон Угринов. Александра Василева, Радена Валканова, Владимир Карамарзов и Јулијан Вергoв, со прецизно до детаљ изработените улоги и силни дијалози на две двојки – родители на деца што претходно имале физички конфликт, ја одушевија публиката на синоќешната изведба на оваа вртоглаво комична, до солзи смешна претстава. Сценографијата и костимографијата се на Никола Тороманов, а композитор е Калин Николов.
Пиесата ја следи средбата на две двојки родители што се состануваат да ја смират ситуацијата откако нивните синови се степале на училиште. Она што започнува како културен и цивилизиран разговор набргу прераснува во отворена расправија и детско однесување и меѓу самите возрасни. Претставата е номинирана за наградите „Аскер“ во 2017 година за главните женски улоги за Александра Василева за улогата на Анет Реј и Радена Валканова за улогата на Вероник Улие, како и номинација за главна машка улога за Владимир Карамазов за улогата на Ален Реј.
Режисерот Антон Угринов ја претвора приказната на светски познатата француска авторка Јасмина Реза во вистински спектакл. Дејствието започнува со навидум мирна и цивилизирана средба, зачинета со торта од јаболка и круши и прелив од малина, за да заврши со вистинска крволочна драма, дополнета со агресија, омраза, сарказам и отворено непријателство, дополнително разгорена со шише виски… и една фрлена вазна со жолти лалиња… Оваа комично-сатирична претстава преку една средба во статичен амбиент – дневна соба во стан типичен за средната класа, но со исклучителна динамика, го разоткрива многуслојното општествено лицемерство. Продукцијата на Народниот театар „Иван Вазов“ го прави токму тоа, ја води публиката низ спектар од емоции не дозволувајќи ѝ да земе здив. Или како што ќе каже режисерот Антон Угринов: „Табуата раѓаат демони, а вакуумот од неискажани проблеми во еден момент се отвора злокобно и човекот кажува дури и повеќе отколку што мисли, па кулата на политичката коректност се урива“.
Драмите на Јасмина Реза се изведуваат на повеќе од 35 јазици на четири континенти – во Шекспировиот театар во Берлин, во „Бургтеатар“ во Виена, во Кралската компанија во Стокхолм, во московскиот „Современик“, на „Бродвеј“ во Њујорк, во Монтреал, Токио, Бејрут… Добитничка е на низа награди – двапати „Молиер“, „Лоренс Оливие“, „Тони“… Јасмина ја постави „Бог на масакрот“ во 2008 година во познатиот париски театар „Антоан“, каде што славната Изабел Ипер ја играше улогата на Вероник. Во 2011 година, Роман Полански го сними „Кланица“ – со Џоди Фостер, Кејт Винслет, Кристоф Валц и Џон Рајли, базиран на овој текст, за кој авторот доби „Цезар“.
За ова гостување посебно признание треба да им се оддаде на извонредниот Национален театар „Иван Вазов“ од Софија, на Албанскиот театар во Скопје, кој е домаќин на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“ во чии рамки беше изведена претставата, како и на директорот на фестивалот, Музбајдин Ќамили–Мучи, кој заедно со тимот што стои зад него и годинава успеа да донесе во Скопје внимателно избрана програма со продукции од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и од Србија, како и меѓународни копродукции од Шведска, Украина, Финска, Грузија…