Блискиот Исток на работ на нова ескалација

  • Сигналите, но и индикаторите за реална опасност од воен судир се засилуваат, дипломатијата тапка во место, а Ормускиот Теснец повторно се претвора во клучна точка на глобалниот ризик

На Блискиот Исток повторно се покажуваат знаци дека конфронтацијата меѓу САД и Иран би можела да влезе во нова поопасна фаза. Воените подготовки, поместувањата и маневрирањата на воените потенцијали, заканите од двете страни, конкретните напади врз поморскиот сообраќај и отсуството на одржлив дипломатски договор создаваат амбиент во кој секој инцидент може да стане повод за поширока воена операција. Прашање е веќе дали Вашингтон и Техеран можат да ја контролираат ескалацијата пред таа да ги надмине нивните политички калкулации.

Воени подготовки во тек

Една од најсериозните индикации е зголеменото американско воено присуство во регионот. Според најновите извештаи, два американски носача на авиони се наоѓаат во Арапско Море, додека активноста на авијациските танкери укажува на засилени воздушни операции и логистичка поддршка.
Од другата страна, и во Иран е раздвижено. Техеран ги зајакнува одбранбените капацитети околу чувствителните воени и нуклеарни објекти и испраќа пораки дека евентуалниот нов американски напад нема да остане без одговор.
– Овие потези не се автоматски доказ дека е донесена конечна одлука за нова офанзива, но тие, сепак, покажуваат дека двете страни сакаат да бидат подготвени за сценарио во кое дипломатските канали ќе престанат да функционираат – велат наши соговорници, воено-безбедносни експерти, кои предупредуваат на воена раздвиженост во регионот на Блискиот Исток.

Ормускиот Теснец секогаш е најопасната точка на судирот

Во средиштето на кризата се наоѓа Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски артерии за транспорт на нафта и течен природен гас. Секое сериозно ограничување на пловидбата низ овој теснец веднаш ги погодува енергетските пазари и ја зголемува неизвесноста во светската економија. Извештаите за напади врз трговски бродови и за нови инциденти во околните води покажуваат дека поморскиот сообраќај е еден од главните инструменти преку кои Техеран може да изврши притисок врз Вашингтон.
– За САД, заштитата на пловидбата и одржувањето на поморската блокада се прашања на стратешки кредибилитет. За Иран, контролата врз ризикот во Заливот е средство за спротивставување на американскиот притисок. Токму тука лежи опасноста. Еден напад врз брод, погрешна процена или човечка жртва може да предизвика одмазднички удар, а потоа и спирала од воени одговори – велат нашите соговорници.

Дипломатијата без вистински излез

Иако контактите и преговарачките иницијативи не се целосно прекинати, основните спорови остануваат нерешени. Вашингтон бара услови што би ја ограничиле иранската способност за стратешко и воено дејствување (збогатување на ураниум), додека Техеран настојува да го намали економскиот притисок и да ги оспори ограничувањата врз својата трговија. Американските санкции и поморските мерки ја стеснуваат економската маневарска зона на Иран. Од друга страна, иранското раководство се обидува да покаже дека притисокот врз земјата нема да помине без последици за американските интереси и за регионалните сојузници на Вашингтон. Кога двете страни сметаат дека отстапувањето може да биде поскапо од продолжувањето на конфронтацијата, просторот за компромис се намалува. Во такви услови, преговорите можат да продолжат, но без гаранција дека ќе го запрат военото надмудрување.

Регионалниот пожар би ги надминал границите на Иран

Евентуалното засилување на судирот тешко би останало ограничено на директната линија Вашингтон–Техеран. Американските бази, поморските сили, инфраструктурата во земјите од Заливот и регионалните актери поврзани со Иран би можеле да бидат вовлечени во поширока конфронтација. Токму можноста за проширување на целите на одмаздничките операции ја прави сегашната ситуација особено нестабилна. Иран може да се обиде да го зголеми трошокот на евентуалната американска офанзива, додека Вашингтон би можел да одговори со дополнителни удари врз воени и стратешки капацитети. Тоа не значи дека регионална војна е неизбежна. Но ризикот од погрешна процена, несакано вовлекување на трети страни и неконтролирана ескалација очигледно останува висок.

Последиците нема да ги осети само Блискиот Исток

Секое ново засилување на конфликтот би имало последици надвор од регионот. Поскапата или понестабилна испорака на енергенти, растот на транспортните и осигурителните трошоци и новите потреси на финансиските пазари би можеле да ја зголемат инфлацијата и да го забават економскиот раст.
За Европа, која е чувствителна на цените на енергијата и нарушувањата во глобалната трговија, продолжената криза би значела дополнителен економски и политички притисок. За помалите економии, вклучително и земјите од Западен Балкан, поскапувањето на горивата и транспортот би се прелеало врз цените на стоките и услугите.

Судирот сѐ уште не е неизбежен, но опасноста е реална

Најважниот заклучок не е дека нова американско-иранска офанзива сигурно ќе започне во определен ден, туку дека се натрупуваат услови за повторно интензивирање на воените дејства. Военото позиционирање, заканите, нападите врз поморскиот сообраќај и застојот во преговорите се предупредувачки сигнали што не треба да се потценат. Вашингтон и Техеран сè уште имаат причини да избегнат целосна регионална војна. Но колку подолго трае сегашната конфронтација без политичко решение, толку поголема станува опасноста следниот удар да не биде резултат на однапред испланирана стратегија, туку на настан што никој нема да успее навреме да го запре. На Блискиот Исток, затоа, најголемата опасност не е само во тоа што двете страни се подготвуваат за најлошото. Опасноста е во тоа што со секој нов инцидент сè потешко станува да се спречи токму тоа најлошо воено сценарио. Р.С.


Вашингтон ја отвора вратата за нова воена ескалација на војната со Иран

САД ја подготвуваат „мајката на сите бомби“

  • Американските воени планери разгледуваат можност за употреба на најмоќната ненуклеарна бомба во американскиот арсенал против
    иранската енергетска инфраструктура и нуклеарни објекти. Но зад демонстрацијата на сила се наметнува и прашањето дали повторно со
    аргументот на силата и разорната моќ на едно оружје може да се донесе стратешка победа? Зарем моќта и бруталната сила секогаш мора да ги надвладеат дипломатијата, меѓународното право и меѓународните институции креирани токму за ваквите случаи?

САД ја разгледуваат можноста за употреба на оружје што со самото свое име предизвикува страв – „мајката на сите бомби“. Станува збор за ГБУ-43/Б MOAБ, гигантска конвенционална бомба, чија евентуална употреба против Иран би означила нова и опасна фаза во воената конфронтација. Американски официјални лица запознаени со воените планови, за јавноста изјавија дека Пентагон разработил нови сценарија за напади врз иранската енергетска инфраструктура и нуклеарните постројки. Таквата опција би дошла предвид доколку претседателот Доналд Трамп нареди продолжување на воените операции. Засега нема потврда дека Белата куќа донела конечна одлука. Но самото разгледување на вакво сценарио испраќа порака дека Вашингтон не ги исклучува ниту најдраматичните воени опции.

ОРУЖЈЕ СО ОГРОМНА РАЗОРНА МОЌ, НО И СО ОГРАНИЧУВАЊА

Бомбата ГБУ-43/Б МOАБ е тешка приближно 9,8 тони. Таа е најголемата ненуклеарна бомба во американскиот арсенал. Нејзината намена е да предизвика разорен воздушен удар врз голема површина, создавајќи силен ударен бран што може да уништи цели и објекти на површината. Но, за разлика од специјализираните бомби за пробивање длабоко закопани утврдувања, MOAБ не е конструирана за пробивање низ дебели слоеви карпи. Тоа е особено важно во случајот со Иран, каде што дел од нуклеарната инфраструктура се наоѓа во подземни комплекси, заштитени со масивни геолошки слоеви. Меѓу потенцијалните цели се споменува и локацијата позната како Пикекс Маунтин, за која Вашингтон и Израел веруваат дека е поврзана со иранската нуклеарна програма. Американските извори, сепак, изразуваат сомнеж дека употребата на оваа бомба би била доволна за уништување на длабоко заштитените објекти. Со други зборови, спектакуларната експлозија не мора да значи и остварување на воената цел.

ТРАМП МЕЃУ ВОЕНИОТ ПРИТИСОК И ПОТРЕБАТА ЗА ИЗЛЕЗ

Според консултираните брифери, воени лица и аналитичари, зад новите планови стои и пошироката политичка дилема на американската администрација за тоа како да го продолжи притисокот врз Техеран, а истовремено да најде начин конфликтот да заврши под услови што Вашингтон би можел да ги претстави како успех.
– Трамп се соочува со притисок поради непопуларноста на војната и последиците што таа ги остава врз американската политика. Во такви околности, нов удар со оружје од ваков калибар би можел да биде замислен како демонстрација на решителност. Но ризикот е дека наместо да го принуди Иран на отстапки, би предизвикал дополнителна ескалација. Да потсетиме, првата борбена употреба на МОАБ беше во 2017 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп, кога американските сили ја употребија против мрежа тунели поврзана со Исламската држава (ИСИЛ) во Авганистан. Девет години подоцна, евентуалната употреба против Иран би имала сосема поинаква политичка тежина. Иран не е изолиран противник, а нападите врз неговата енергетска и нуклеарна инфраструктура би можеле да предизвикаат пошироки регионални последици. Оттука, главното прашање не е само колку е разорна „мајката на сите бомби“ туку дали нејзината употреба би ја приближила американската администрација до посакуваниот исход. Воените планови покажуваат дека Вашингтон ги разгледува сите опции. Но меѓу подготовката на нападот и политичката одлука за негово извршување постои суштинска разлика. А во конфликтот со Иран, таа разлика би можела да биде пресудна за иднината на целиот регион – тврдат наши соговорници, воени и политички аналитичари. Р.С.