- Поседувањето на топката долго време беше валута на Премиер-лигата, но рамнотежата на моќ се менува. Во ера на неуморен пресинг, ниски блокови и разорни транзиции, тимот со топката никогаш не бил поранлив, пишува „Индепендент“
Во горната половина на табелата во англиската фудбалска Премиер-лига по шест кола, шест тима во просек имаа помалку од 50 проценти посед на топката, еден од нив, Хал, само 33 проценти, и додека првите три тима доминираа со топката, најистакнатиот настап меѓу нив беше победата на Брајтон на дуелот со Арсенал, во која тимот на Фабијан Хурцелер имаше само 40 проценти посед, пишува британски „Индепендент“. Ова може да се промени со текот на времето. Поминаа само шест кола, но раниот успех на тимовите со мал посед е повеќе од случаен хит и следи тренд во кој блиската врска помеѓу поените и поседот слабее. Помеѓу 2016 и 2024 година, во 16-те наврати кога еден тим освоил барем 80 бода, 12 од тие 16 екипи имале просек од најмалку 60 проценти посед на топката, а уште три имале просек од повеќе од 58 проценти. Екипите што доминирале во лигата доминирале со топката. Единствен исклучок бил Челси на Антонио Конте, кој ја освои титулата во сезоната 2016/2017 со крилни бекови, иако дури и тимот на Конте имал 55 проценти од топката. Сепак, имало промена во претходните две години. Ланската сезона била првата по 20 години во која повеќе натпревари од Премиер-лигата биле освоени од тим со помал посед на топката, пишува „Индепендент“.
Но несомнено постои пошироко движење подалеку од контролирано поседување кон намерна саботажа, подалеку од разбивање на тимовите кон нивно намамување во стапица и, во случајот на Брајтон, совладување на обете вештини. Можеби сето тоа е само природна реакција на годините внимателно изведена позициска игра на Пеп Гвардиола, на која сѐ повеќе ѝ се спротивставуваа добро извежбани ниски блокови, оркестриран пресинг и непредвидливо движење. Слушнавме многу за зголемувањето на брзите напади и контранападите во Премиер-лигата, а тренерите сега користат зборови како „интензитет“ и „вертикалност“ за да ги опишат тимовите што ги создаваат, пишува „Индепендент“.
– Денес, модерниот фудбал е начинот на кој играат Борнмут, Њукасл, Брајтон и Ливерпул. Модерниот фудбал не е позициски, мора да се следи ритамот – рече Гвардиола минатата сезона.
Прашањето сега е каде води сето тоа. Дали фудбалот со контранапади и брзи транзиции е само фаза или можеби задржувањето на топката ќе стане немодерно на долг рок? Може ли некој тим наскоро да ја освои Премиер-лигата со малцинство во поседот на топката? Лестер го направи тоа во сезоната 2015/2016, пишува „Индепендент“. Поглед надвор од Англија сугерира дека тоа можеби е далеку. Од 48-те тима во првите пет лиги во Европа што ја завршија минатата сезона со помалку од 50 проценти посед на топката, само два постигнаа повеќе од 50 гола. Едниот беше Брентфорд, со 53 и беше деветти во Премиер-лигата, а другиот беше Вилјареал, кој можеби понуди најдобар план за тоа што може да се постигне без топката, пишува „Индепендент“. Тренерот Марселино изгради тим што се бранеше во компактен блок 4-4-2, изведуваше интензивни контрапресинзи од пет секунди откако ја губеше топката и играше брзо кон своите напаѓачи кога ја освојуваа топката. Вилјареал постигна 71 гол, а во просек имаше само 44 проценти посед и беше трет во Ла лига.
Имаше примери за слични тактики на Светското првенство, особено во контрапресингот.
– Победничките репрезентации ја враќаа топката во просек четири секунди побрзо од тимовите што загубија. Многу е јасно дека селекциите што беа во можност успешно да извршат контрапресинг, отидоа подалеку на турнирот – вели за „Индепендент“ Том Гарднер, раководител на Одделот за увид во перформансите во ФИФА.
Контрапресингот не беше секогаш различен од стилот со висок посед на топката, а во случајот на Шпанија ја зајакна нивната доминација.
– Шпанија знаеше дека штом ќе ја изгуби топката ќе направи контрапресинг, ќе се обиде да изнуди враќање на топката, а потоа ќе го искористи тој момент кога одбранбената структура на противникот беше нестабилна за да се обиде со контранапад многу брзо – вели тој.
Ниските блокови, исто така, беа во мода летово.
– Деветнаесет од 26-те селекции што играа и во Катар и во Северна Америка поминаа повеќе време во низок блок во 2026 година отколку во 2022 година. Селекциите беа многу покомпактни. Аргентина и Франција беа многу интересни примери каде што беа во низок блок, но секогаш оставаа еден играч, Меси и Мбапе. Тие ја користеа таа структура со низок блок како метод за брзи напаѓачки транзиции – вели Гарднер.
Најдобрите селекции или ја ловеа топката за да наметнат грешки или седеа длабоко за да ги фрустрираат противниците. Во секој случај, одбраната беше искористена како оружје на Светското првенство. Сепак, реалноста, како и неодамнешната историја на Премиер-лигата, беше дека најдобриот чувар на топката, Шпанија, го освои турнирот, пишува „Индепендент“.
Како ќе биде дефинирана следната деценија од Премиер-лигата? Прекини? Одбранбена цврстина? Контранапади, брзина, физичка активност, немилосрдни дуели? Може ли да оди во сосема нова насока? Она што го знаеме е дека Премиер-лигата се зголеми до темпо што ретко овозможува стабилен развој. Нерамномерната природа на играта го прави секое додавање потенцијална грешка, а губењето на топката сѐ повеќе се открива. Дали тоа е добро, зависи од личниот избор. Некои ја гледаат хегемонијата на играта со посед на топката како стил што ја ограничува генијалноста, други го гледаат она што се случува во играта сега како потенцијално полошо, промена кон брзина, издржливост и моќ што ги истиснува креативците, пишува „Индепендент“. Но тоа служи за да се нагласи долгогодишната вистина во фудбалот дека не сите додавања се еднакви. Квалитетот секогаш ќе го надмине квантитетот. Сепак е поефикасно да се биде тим што ја поседува топката отколку да не се биде таков, но исто така е вистина дека, во модерната Премиер-лига, никогаш не постоело поопасно време да се има топката, пишува „Индепендент“. Н.М.

































