Екипата на Газели Волеј во голем стил ја започна новата 2026/27 сезона во женската одбојкарска лига на Македонија. На отворањето на сезоната „газелите“ го совладаа актуелниот шампион на земјата Работнички со максимални 3:0 (25:16, 25:23, 25:17) и со тоа најавија дека годинава оправдано влегуваат со големи амбиции во елитното друштво.
Беше тоа прекрасна одбојкарска приказна во салата на СЦ “Форца” во Скопје каде што младите одбојкарки на Газели Волеј гинеа за секој поен на теренот и сосема заслужено ја извојуваа победата. Вредноста на оваа победа е дотолку поголема бидејќи е совладан актуелниот шампион на Македонија, екипата на Работнички, која се вбројува во најтесниот круг на фаворити за освојување на титулата и оваа сезона.
“Газелите” одиграа одличен натпревар во кој функционираа сите линии, делуваа сигурно и во играта во полето и на мрежата, а имаа и постојана контрола над резултатот.

Работнички Скопје кој пред десет дена го крена пехарот во Супер купот не успеа да најде одговор на играта на противникот, а најсилен отпор понуди во вториот сет кога се играше егал до самиот финиш.
За компактноста на домашната екипа доволно зборува статистиката:
Матеа Сотировска — 9 поени
Сара Горбок — 10 поени
Мила Дикова — 12 поени
Теа Терзиевска — 10 поени
Николета Капици — 12 поени
Впечатокот што останува да се сподели по оваа убава одбојкарска претстава е дека градското дерби донесе квалитетна одбојка која сосема ги задоволи вкусовите на многубројната публика, која на крајот ја сподели радоста со своите миленички.
Веќе следната недела екипата на Газели Волеј ја очекува уште едно дерби против Младост УГД.


































