Изложбата „Со почит“ на Владимир Муратовски-Диво ќе биде отворена денеска во 14 часот во Монтажната галерија во Скопје. Изложбата отвора мал дел од архивата на Владимир Муратовски-Диво (1969 – 2026). Фрагменти од цртежи, музика, текстови, изданија и други траги од неговата долгогодишна работа се собираат и поврзуваат, отворајќи простор за нивно повторно гледање, слушање, читање и доживување. Поезијата, музиката и цртежот кај Диво се различни форми на еден ист импулс, препознатлив по минимализмот, повторувањето, директноста и специфичниот хумор. Изложбата произлегува од неговата долгогодишна поврзаност со „Партизанска штампа“, „Стотројка“ и скопската културна сцена.
Во рамките на изложбата ќе биде промовирана уметничка книга во сито-печат, посветена на неговите цртежи „карикатури“, а ќе биде претставена и компилацијата „Електрокултура – вериос астронаутс“, достапна на цеде и касета, со 15 верзии на песната „Астронаут“ од локални и странски музичари.
– „Со почит“ не е само наслов туку и начинот на кој пристапуваме кон неговото дело. Не се обидуваме да направиме конечен портрет на Владимир Муратовски-Диво, туку да ја отвориме неговата архива како процес на откривање, сеќавање и истражување. Можеби немаме доволно зборови да ја опишеме празнината што ја чувствуваме поради неговото отсуство, но тој ни остави премногу страст и ентузијазам. Нема каде да бегаме. Продолжуваме да чуваме и создаваме – велат организаторите.
































