Во клубот „Аудиокултура“ денеска од 13 часот ќе се одржи промоција на новата книга на Ненад Георгиевски, „Патувањето е уметност“. Промотор ќе биде Сребра Ѓорѓиевска, уредничка на порталот „Умно“. Што може да нè одведе во друг град – желбата да запознаеме ново место или можноста да застанеме пред уметничко дело што со години сме сакале да го видиме? Во книгата „Патувањето е уметност“, Ненад Георгиевски тргнува од ваквите прашања за да ги истражи врските меѓу патувањето, уметноста и личното искуство. Ова не е туристички водич со список на задолжителни знаменитости во разни градови, туку збирка патописи во кои уметничките дела, изложбите, музеите и книжевните простори стануваат причини за патување и поводи за поинакво гледање на светот. На страниците на книгата се среќаваат различни уметнички светови и градови. Од делата на Винсент ван Гог и Јоханес Вермер, преку уметничките визии на Вилијам Блејк во Будимпешта, до световите на Едвард Хопер во Њујорк, Василиј Кандински во Амстердам, Хилма аф Клинт во Хаг, Георгиевски го следи начинот на кој уметноста го менува доживувањето на едно место. Посебно место имаат и приказните што ја поврзуваат уметноста со музиката, како изложбата посветена на Лу Рид во Њујорк, Маргита Стефановиќ во Белград.
Објавена од издавачката куќа „Номад-арт“, книгата е двојазично издание на македонски и англиски јазик. Таа е седмата книга на Георгиевски, кој е новинар од културата и автор чија работа опфаќа музика, литература, филм и визуелна уметност. Промоцијата во „Аудиокултура“ ќе биде можност за разговор за уметноста како мотив за патување, за необичните места што заслужуваат да бидат откриени и за искуствата преку кои запознавањето на светот станува и начин на запознавање на самите себе.