Двајца пакистански пилоти учат мандарински јазик, вежбаат во центрифуга и се подготвуваат за јадење, спиење и поправка на опрема во услови на бестежинска состојба, додека се очекува одлука за тоа кој од нив ќе стане првиот странски астронаут на кинеската вселенска станица „Тјангонг“. Ова патување во вселената би претставувало прв таков потфат за оваа јужноазиска земја. Тоа е дел од пошироката соработка со Пекинг, која ја опфаќа иницијативата „Појас и пат“ и веќе резултираше со лансирање пакистански сателити од страна на Кина, заеднички сателитски навигациски систем, а предвидува и пакистанско вселенско возило (ровер) за мисијата на Месечината „Чанг’е 8“ во 2028 година.
– Пилотите Зишан Али и Курам Дауд со месеци се обучуваат во Кинескиот центар за истражување и обука на астронаути во Пекинг за мисијата осмислена од двете земји во 2019 година – изјави Амер Гилани, кој ја надгледува соработката за човечки вселенски летови во пакистанската вселенска агенција СУПАРКО.
Кина сè уште не соопштила кој од двајцата кандидати ќе учествува во вселенската мисија и кога, но Гилани изјави дека конечната одлука за избор на астронаутот се очекува во втората половина на октомври.
– Кој и да биде избран, нема да се врати во Пакистан пред лансирањето, туку ќе замине во вселената директно од обуката во Кина, а ќе се упати дома по периодот на закрепнување, по враќањето на Земјата – изјави Гилани во интервју за „Ројтерс“.
Обуката вклучува интензивна настава по кинески јазик, запознавање со системите на вселенското летало и приспособување, како на микрогравитацијата во орбитата така и на полетувањето. Двајцата Пакистанци беа избрани меѓу околу 20 финалисти, кои претходно поминаа низ селекција од поширока група пакистански пилоти и научници, врз основа на критериуми како што се здравствена способност, психолошка издржливост и толеранција на силите при полетувањето каква што поседуваат малкумина научници, според Узаир Ансари, директорот за вештачка интелигенција во СУПАРКО.
Откако ќе стаса во вселената, избраниот астронаут ќе ја носи титулата специјалист за товар – чија задача во орбитата е спроведување научни експерименти, а не управување со леталото. Од повеќе од 300 предлози што СУПАРКО ги доби од универзитетите во Карачи, Лахор и Исламабад по едногодишна кампања, Гилани рече дека кинеските институти избрале четири за овој лет: експерименти од областа на биотехнологијата што ќе помогнат во справувањето со несигурноста во снабдувањето со храна и климатските промени. Трите модули на „Тиангонг“ (Tiangong) – „Тианхе“ (Tianhe), „Вентиан“ (Wentian) и „Менгтиан“ (Mengtian) – имаат вкупна тежина од околу 77 метрички тони и содржат приближно 14 полици за експерименти од областите на науките за животот, материјалите, физиката на флуиди, согорувањето и изложеноста на зрачење.
































