Совршени деца, условена љубов

Еден од најповторуваните обрасци во поглед на систематизација на човековите желби е образецот во кој човекот претендира да постави контрола врз иднината и да ги направи настаните што е можно попредвидливи. Непознатото, каква што е иднината, единствено од трите модуси на временитост според Хусерел, е токму причината за страв, несигурност и неизвесност.
Под „контрола“ над иднината се подразбира не само воведување технологија и медицински изуми што ќе го продолжуваат поединечниот човечки живот и ќе го зачуваат во неговата овоземна и позната форма туку и предвидување за тоа каква ќе биде идната генерација на новородени деца, каква ќе биде нивната „судбина“ и кој ќе ја определува? Ако човек успее да воведе целосна контрола над тоа кои гени ќе се пренесуваат на децата, во идеален случај ќе ги отстрани генетските предиспозиции за одредени болести, но што доколку се појават злоупотреби? Што доколку родителите почнуваат да прават избори какви ќе бидат нивните деца? Кои ќе бидат нивните вродени капацитети со кои ќе пристапат на овој свет? На крајот, што доколку само децата на богатите ја имаат таа привилегија да бидат буквално дизајнирани од своите родители? Идејата за детерминизам над човечката судбина пред неговото раѓање е често присутна во научнофантастичните сценарија, а во современието се наоѓа и како пракса низ голем број лаборатории низ светот, кои нудат донорства на клетките за размножување, што како низ каталог се избирани во согласност со нивните афинитети за тоа со какви предиспозиции да се родат нивните деца.
Второто најчесто сценарио во научната фантастика е детерминизам над човечката судбина преку новороденчињата, кој го прави општеството, наместо родителите, кои немаат никаков авторитет. Во совршено уредени системи според математички пропорции што предвидуваат колку население е доволно, потребно и нужно, секој нов член во општеството ќе добие своја функција уште пред да се роди. Во „Приказна за робинката“ на Маргарет Атвуд се прикажува иднина во која нееднаквата жена ќе послужи за раѓање на новите членови на заедницата, додека припадничките на повисоките класи ќе имаат можност да ги одгледуваат децата и да влијаат воспитно на нив. Практично се создаваат две различни, паралелни реалности за жени што со своето тело робуваат да родат деца, кои никогаш нема да бидат нивни, но парадоксот е што токму во тој чин на раѓање на децата, тие ја „купуваат“ својата позиција во општеството и шансата да бидат прифатени и да бидат видени низ призма на некоја општествена вредност и признание. Книгата го отвора прашањето „кому му припаѓаат децата од иднината?“
Со „Храбар нов свет“, Хаксли, пак, акцентира друго прашање, дали воопшто размножувањето ќе биде потребно доколку се формира „вечниот човек“ или ќе имаме општество како Ватикан во кое секој си го знае своето место во хиерархијата? Кој ќе определува дали е потребно да се раѓаат нови деца и да се обновува човештвото, ако создадеме систем во кој сите се вечни, вечно здрави и со најголема оптималност ги работат своите работни задачи со цел одржување на тој идеален систем? Дури и да се раѓаат деца, според Хаксли, децата од иднината ќе бидат заробени во очекувањата на општеството и никогаш нема да имаат право да направат ситна грешка, кое општеството ќе го чини декаденција на идеалната сврзна маса под која опстојуваат романтизираните уверувања на граѓаните.

Децата од иднината мора да бидат совршени деца, кои живеат во свет на условена љубов, бидејќи доколку пасуваат со замислата на општеството, тогаш заслужуваат свое место во светот на привилегираните, доколку направат грешки, се сурово екскомуницирани од заедницата, без шанса да го покажат својот инстинкт за преживување, кој е речиси непостоен во општества каде што луѓето се раѓаат со уверување дека нивниот опстанок не е загрозен.
Прашањето за децата од иднината суштински нè враќа на границите на нашето право да одлучуваме во туѓо име. Желбата да создадеме живот ослободен од болести и страдање може да стане желба да создадеме човек ослободен од секоја можност да нè изненади. А токму во таа непредвидливост се отвора просторот за неговата слобода, да развие сопствени желби, да ги преиспита нашите вредности и да одбие да го живее животот што сме го замислиле за него. Доколку детето однапред го задолжиме да ги оправда очекувањата на своите родители или потребите на системот, неговото раѓање станува договор во кој единствено право на свој потпис немало токму тоа дете.

Магдалена Стојмановиќ-Константинов