Европа гори, дали пепел ќе се стори?

  • Во големата европска слика, Македонија не е ни камче во чевелот на Брисел. Таа е оставена во бриселска темна чекалница, спикана во некој модерен европски казамат и може да биде пуштена на условно ако 15 години не ги повторува сторените дела што имаат карактер на национално преживување
  • Во Брисел почнува една од најтешките дебати, која веќе наликува на кланица, за масниот буџет од околу два трилиони евра. Огромните разлики се видливи, иако, за жал, видлива е и старата идеја да се победи воено Русија. И токму тоа, и покрај тоа што Трамп испраќа сигнали преку Зеленски со значително забавување на разузнавачките информации преку Старлинк, ни дава индиции дека Европа се движи кон својата нова масовна гробница

Нема никаква метафора во насловот. Тој е директен и го одразува реалниот страв на авторот на оваа колумна. Се чини работите во Европа, без разлика дали нашата или нивна Европа, одат од лошо кон полошо. Оти нашата Европа е за хуманизам, а нивната е да војуваат. Тоа што нѐ гледаат нас со презир, па и омраза и со потценување како да сме вреќа со заостанати племиња, е пример за стереотипно, па и расистичко размислување. Ние овде, мнозинството од нас, сакаме мир и хуманизам. Тие сакаат да војуваат и изгледа ништо нема да ги спречи на тој милитантен марш по стапките на Наполеон.
Дали Европа тргна кон својата масовна гробница?
Војните, од руско-украинската до тие на Блискиот Исток, во Јемен…, ни дојдоа пред врата. Во бугарските црноморски води се потопени два брода (засега), запалени се инсталации на Старлинк, исто така во Бугарија, па затоа и велиме дека веќе јасно се слушаат воените барабани и кај нас. Ѓаволот ни тропа на врата. Подготвени ли сме да се соочиме со ѓаволот? Ние? Мало морген (филмска реченица).
Европа секогаш имала важни датуми. Како на пример ноќта на долгите ножеви во Германија во 1934 година. Потоа 2004, Портокаловата револуција во Украина и конечно ноември 2013 со „Евромајдан“, настан што ќе го смени текот на историјата во Европа. Дали нешто имало, некоја тајна состојка, во колачите на Викторија Нуланд?! Ние денес сме во вителот, во торнадо-ефектот на „Евромајдан“. Нема држава што не е зафатена од таа сила креирана од геополитички интереси, банкарски апетити, профитерство и визија за испраќање на Европа во масовна гробница. Па, може, или можело ли да се спречи тоа? Пак ќе кажам, мало морген. Ако зборуваме за ефекти од таа геополитичка нуклеарна бомба, нас нѐ удри постмајдановски со Шарената револуција. Ете, и Македонија, каква таква, си имала своја револуција. Резултат: смени име, презиме, лична карта, тапија на земјата, затвори патриоти, влезе во НАТО и остана во темната чекалница на ЕУ. Нашиот модерен казамат. Ако бидеме добри „затвореници“, од Брисел велат дека ќе нѐ пуштат на условна слобода да не го повториме делото (одбрана на уставното име, јазикот, идентитетот, на Александар Македонски, Самуил и Гоце Делчев…) во период од 15 години. За Брисел ние сега не сме ни камче во чевелот, затоа што оставил да ги решаваме проблемите со Бугарија „цивилизирано“ (мајко моја!), а по потреба и со Грција, и сме на бриселската шведска маса, но како мезе. До кога?
Гајлињата на еу-вропејците се големи. Америка и Трамп се сѐ подалеку од Европа, и воено и идеолошки и во однос на приоритетите, и тие пораки Трамп ги испраќа до Брисел последно преку Зеленски. Затоа, пак, Британците се секогаш подготвени да застанат зад Зеленски и Украина, затоа што ако не е така, Вашингтон ќе реагира според Монровата теорија – земи го тоа што Британците ти го даваат на тацна. На самитот на ЕУ од денес ќе се вадат „долгите ножеви“ за буџетот 2028-2034. Сите големи кавги биле и се или за некоја жена, без разлика дали е згодна или просечна, таа е фатална, или за парите.

Буџетот што го предлага Урсула фон дер Лајен е масен, како за Божиќ – цирка 2 трилиони евра. Европската комисија, а најверојатно и мнозинството во Европскиот парламент би го прифатиле тој предлог, пред сѐ затоа што ќе има за лапање. Но неколку клучни земји и најголеми буџетски плаќачи не се среќни со предложениот буџет. На прво место Германија и канцеларот Фридрих Мерц, кој има сериозни коалициски проблеми, но главни му се економијата и снемувањето пари. Зад Мерц, во редот се и Австрија, Холандија, Финска, Данска и Шведска, кои бараат кратење на буџетот за 400 милијарди евра. Предлогот што го изготви ирското претседателство е намалување за околу 140 милијарди. Како да се дојде до компромис? Повеќе членки бараат да не се брза со усвојувањето, како што е тоа соопштено од италијанската премиерка Малони. Фон дер Лајен предлага дополнителни пари да се собираат преку нови даноци, на пример со криптовалути или оданочување на игрите на среќа, и тука Германија (против) и Франција (за) се во конфликт. Има германска рачна кочница за буџетот и неизвесно е дали таа ќе се спушти до декември.
Од друга страна низ Европа дуваат други политички ветришта. Најсериозниот кандидат за иден претседател на Франција е Марин Ле Пен, ултрадесничарка што опоменува – се подготвува криминал на векот („Crime of the century“, како што некогаш пееше прог-рок групата „СуперТрамп“). Тој криминал е удар врз демократијата доколку наскоро се усвои ЕУ-буџетот, а тоа би значело занемарување на Франција, која е пред избори во 2027 година. Занемарување на волјата на француските гласачи. Но Американците лани предупредија – Европа има проблем со својот демократски капацитет (медиуми, вмешување во изборни процеси, подигање санитарни коридори за суверенисти, како што му се правеше на Орбан, а сега тоа се подготвува за АфД, и тоа со помош на Брисел), па затоа и може да се очекува Брисел да реагира како последен неолиберален бастион и да се прави дека крајната десница и европските суверенисти и патриоти не се релевантни. Статистиките го говорат спротивното. Според Ле Пен, таа оди подалеку и подлабоко, а тоа е поврзано и со буџетот, приемот на Украина во ЕУ би бил харакири. Има повеќе причини за тоа тврдење, но јасно е дека преседанот би се направил со тоа што една земја што е во војна би влегла во ЕУ (геополитички потег), но и закана за европскиот пазар, особено за интересите на француските земјоделци.

Втора голема земја во која дуваат ветриштата на промените (според рок-групата „Скорпионс“) е Германија. Алтернатива за Германија (АфД), која е речиси на 30 проценти популарност на национално ниво и му бега на ЦДУ за речиси десет проценти, предупредува Европа да не брза со своите проекти и го објавува својот проект за реформи на ЕУ. Реформи според германски модел. ЕУ како идна заедница на суверени држави, со ремонтиран пазар, ремонтиран и скусен Европски парламент, па и можно враќање на германската валута марката до конечното – дегзит – излегување на Германија од ЕУ. Што им фали на Швајцарците што не се во Унијата? Прашање како можен патоказ за иднината на Европа. И втор дел од прашањето – што им фали на Британците што излегоа од ЕУ? Некои го користат овој дел од прашањето како излез од ЕУ-кризата, со најави дека Лондон сака да се врати во Унијата. Но, се чини, тој воз си замина.
На самитот ќе биде присутен и претседателот на Украина, кој има своја математика за тоа колку земјата ја чини војната. Отидоа милијарди, а резултатот е војна што влегува во петта година. Премногу жртви и загуби. Уште колку милијарди ќе бидат потребни и како да се најдат? Атмосферата е таква што ако треба, за војна ќе се најдат. Не се сите за тоа, но главниот мотор, како што е Германија, е токму во таква функција. Иако пропаднатиот француско-германски проект за заеднички тенк неодамна неславно пропадна, идејата да се победи Русија не е умрена. И токму во буџетот на Фон дер Лајен може да се види тој патоказ (Брисел сега зборува за патокази за идните членки), кој води до масовна гробница. Американците во тој случај треба да подготвуваат нов Маршалов план. И ќе повторат – нели ви кажавме. А мигрантската бомба е пред експлодирање.