На осмата Интернационална конференција СЕТИ (SETI VIII – Science, Education, Technology and Innovation), во организација на Меѓународната истражувачка академија (МИАНУ) од Белград, беа презентирани 80 академски трудови од 24 земји од областа на природните и хуманистичките науки, како и од сферата на дигиталните технологии и медиумите.
Конференцијата се одржа од 9 до 11 октомври, а за време на нејзиното одржување највисокото признание – Златната повелба за животно дело – му беше доделено на македонскиот писател со светско реноме и претседател на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, Јордан Плевнеш.
Претседателот на МИАНУ, проф. д-р Владица Ристиќ, во своето обраќање пред меѓународната асамблеа истакна дека Плевнеш со своето уметничко и академско дело ја презентира македонската култура и идентитет низ целиот свет.
Според него, со бројните интернационални признанија, како и со присуството на неговите дела на светските театарски сцени и во книжевниот простор, Плевнеш го афирмира и Балканот како поле на цивилизација на љубовта, препознаено во Европа и во повеќе од педесет јазици на кои се преведени неговите дела.
Јордан Плевнеш изрази благодарност до Интернационалното жири на МИАНУ, нагласувајќи дека признанието го доживува не само како лично, туку и како признание за македонската култура и високото образование.
Тој порача дека токму културата, науката и уметноста се мостови кои ја поврзуваат човечноста во време на глобални кризи.
„Непобедливоста на љубовта е единствената форма со која човештвото може да ја гради сопствената иднина во мир и толеранција, а научното и уметничкото творештво го создаваат тој сонуван свет без граници“, истакна Плевнеш.





































