Фото: „Нова Македонија“

Во врска со случувањата поврзани со Ива Михајлова, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјазко Радуков, соопшти Министерсвото за надворешни работи.

– На амбасадорот му беше пренесено дека начинот на кој Ива Михајлова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи. Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции – информираат од МНР.

Оттаму додаваат дека на средбата било посочено дека од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, се очекува постапување во согласност со основните европски принципи – почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото.

На амбасадорот му беше пренесено дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

На средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна.