Кучето не е единствениот избор за миленик

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (37)

  • Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, за да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.

Кога едно семејство ќе реши да земе миленик, во најдобар случај првото прашање е: куче или мачка? А потоа следуваат расата, бојата, големината, дали е слатко, дали е модерно и дали му се допаѓа на детето. Ретко кој го поставува вистинското прашање: дали нашиот живот во следните години навистина одговара на потребите на тоа животно?
И можеби најважно: не постои „најдобар миленик“. Постои миленик што е соодветен или несоодветен за конкретен човек и конкретно семејство. А изборот не треба да се прави само според тоа како живееме денес, туку според тоа како реално очекуваме да живееме во следните пет, десет или петнаесет години. Миленикот не знае дека детето в година ќе тргне во средно, дека родителите можеби ќе сменат работа, дека семејството планира второ дете, дека ќе се пресели или дека за три години ќе сака да патува повеќе. Животното само ќе остари во нашиот дом и неговите потреби нема да исчезнат затоа што нашиот живот станал покомплициран. А што доколку неговиот животен век го надминува нашиот? Затоа пред изборот би требало да направиме нешто што ретко кој го прави: временска проекција на сопствениот живот. Колку време имаме денес, а колку веројатно ќе имаме за пет години? Колкав простор имаме? Каков ќе биде нашиот работен ритам? Кој ќе се грижи за животното кога ќе патуваме? Колку можеме да издвоиме за храна, нега, превенција и ветеринарна грижа? И што ќе направиме ако животното се разболи? Ова не е песимизам. Ова е одговорност.
Од мое лично искуство, уште од времето кога пред околу 25 години завршив како дипломиран ветеринарен техничар, па до денес, најголемиот проблем што го гледам не е недостигот од љубов кон животните. Напротив. Проблемот е што луѓето често имаат многу љубов, а премалку реална претстава што значи да живееш со одреден вид животно. Кучето е одличен пример. Кучето не е само холивудскиот „најдобар пријател на човекот“. Тоа е животно на кое му треба време, движење, социјализација, ментална стимулација, обука, рутина и човечка интеракција. Ако работите десет часа дневно, патувате често и очекувате кучето само да ве чека дома, можеби проблемот не е во кучето туку вие сте избрале погрешен миленик.

Од друга страна, мачката не е „полесна верзија на куче“. Таа има сосема различен репертоар на потреби и однесување. Мачките се способни за учење, решавање проблеми и сложена интеракција со средината, но нивната комуникација не е организирана според нашите очекувања. Ако некој очекува животно што ќе го следи низ станот, ќе доаѓа на команда и ќе биде постојано расположено да се гали и преде, можеби мачката повторно е погрешен избор. А потоа доаѓаат животните за кои најчесто воопшто не размислуваме. Зајакот не е играчка за дете. Папагалот не е „птица што зборува“. Рибата не е декорација за дневна соба. Рептилот не е егзотична играчка. А тарантулата не е доказ дека некој е чуден. Секој од овие организми има специфична биологија, потреби, способности и начин на интеракција со околината.
И тука станува интересно прашањето за интелигенцијата. Зошто постојано се обидуваме сите животни да ги мериме според една човечка скала? Кучето има извонредна способност да чита човечки гестови и социјални сигнали. Папагалите покажуваат импресивни когнитивни способности. Мачките учат и решаваат проблеми. Рибите сепак можат да учат и паметат. Зајаците препознаваат луѓе, учат рутини и покажуваат сложено социјално однесување. Тоа што едно животно не прави нешто што нас ни изгледа „интелигентно“ не значи дека е глупаво. Можеби само ние сме премногу ограничени во начинот на кој ја мериме интелигенцијата. Токму затоа во МИЛО – Едукативниот центар за одговорни сопственици не почнуваме од прашањето „кое животно да го земам“, туку од прашањето „што значи да преземам одговорност за животно“. Целта е антиципација, а не гасење пожари откако ќе се појави проблем. Не е поентата да научиме како да реагираме откако сме зеле миленик, туку да знаеме што нè очекува пред да го внесеме во домот. На крајот, изборот на миленик треба да биде сериозна одлука и никогаш импулсивно купување. Направете проекција за следните години, не само за следниот викенд. Прашајте се што ќе се случи ако детето изгуби интерес, ако работата ви се смени, ако се преселите, ако добиете уште едно дете, ако почнете почесто да патувате или ако животното доживее длабока старост и бара многу повеќе грижа.
И едно непријатно, но фер прашање: дали навистина сакате миленик или ја сакате идејата дека имате миленик? Разликата меѓу овие две работи може да биде огромна – и најчесто животното ја плаќа цената ако ја промашиме. Затоа следниот пат кога некој ќе ве праша „кое куче да го земам“, можеби најдобриот одговор е: „Чекај малку. Зошто воопшто куче?“ Можеби вашиот живот навистина бара куче. Можеби мачка. Можеби зајак, аквариум, птица или нешто сосема друго. А можеби, барем во овој момент, најодговорниот избор е да немате миленик. И тоа е сосема легитимен одговор. Зашто одговорното сопствеништво не почнува кога ќе го донесете животното дома. Почнува кога ќе бидете доволно искрени со себе за да признаете дали вашиот живот навистина има место за него. Во тоа е и суштината на МИЛО: не да создава уште еден сопственик на миленик, туку да создава информиран и одговорен сопственик.

Илија Петковски