Илустрација креирана со ВИ

Од творештвото на Александар Кујунџиски

Денеска, драги наши читатели, во катчето што често ѝ го посветуваме на македонската литература наменета за вас, наместо расказ, песничка или пиеса, објавуваме пет гатанки од нашиот мошне плоден автор Александар Кујунџиски. Покрај тоа што ја сака книжевноста, тој многу ја сака природата, која пак му дава инспирација. Сигурни сме дека така е настаната и неговата книга „Природо, љубов моја“, која сега е лектирно издание за четвртоодделенците. Но ништо не е случајно, па ниту објавата од творештвото на Кујунџиски во октомври. Тој на почетокот на овој прв есенски месец славеше роденден, одбележувајќи 80 години живот и 60 години литературно творештво. „Колибри“ со најубави желби му го честита јубилејниот роденден и му посакува уште многу инспирација за нови дела што ќе ги радуваат децата!

***
Природата наша ја красат
секое дрво, билка, цвет.
Заеднички назив за сето тоа,
за сиот растителен свет?
(флора)
***
Сите животни
на планетата наша
опфатени се со еден збор,
ставени во иста „чаша“.

(фауна)

***
Неговата рака гради,
неговиот ум создава чуда,
добрите дела заслужуваат фалби,
а грешките – да се кудат!

(човек)

***

Неа и родата си ги сакаме
уште од денот штом се
родиме,
штом посакаме чист воздух,
зеленило
во неа на излет треба
да одиме.
(природа)

***
За таа наука, во последно
време,
сѐ повеќе се зборува,
љубовта кон чистата животна средина,
сѐ повеќе се разгорува.

(екологија)

Од еколошката читанка „Природо, љубов моја“ на Александар Кујунџиски, „Антолог“, 2018


Активност за ученици:

Земи го весникот в рака, а со прстот покриј го решението во заградата и прочитај им ја гатанката на другарчињата. Победник ќе биде оној што ќе ги даде точните одговори на сите пет гатанки.

Подготвил: Ф.Д.