Фото: ЕПА

ИОК

Седум земји покажале интерес да бидат домаќини на ЛОИ 2036

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) потврди дека Јужна Африка покажала интерес да стане првата африканска земја-домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2036 година, Унгарија, Индија, Катар и Турција исто така работат на тоа првпат да станат домаќини, а Германија и Јужна Кореја се во преговори со ИОК, откако претходно веќе биле домаќини на ЛОИ, пишува „Би-би-си“. Од ИОК соопштија дека седумте земји водат „континуиран дијалог“ со раководното тело и дека е одреден рок до 31 октомври за поднесување изјави за интерес, пишува „Би-би-си“.
Предлогот на Јужна Африка вклучува организација на игрите во Кејптаун, Дурбан и во Јоханесбург. Ахмедабад ќе биде градот-домаќин во кандидатурата на Индија. Будимпешта и Доха се во кандидатурите на Унгарија односно на Катар. Истанбул е градот номиниран во кандидатурата на Турција. Германија била домаќин на ЛОИ 1936 во Берлин и ЛОИ 1972 во Минхен, а Минхен повторно поднесе кандидатура за 2036 година. Сеул, главниот град на Јужна Кореја, кој бил домаќин на Игрите во 1988 година, е дел од кандидатурата за ЛОИ 2036. Игрите во 2028 година ќе се одржат во Лос Анџелес, а Австралија треба да биде домаќин на ЛОИ по пауза од 32 години, во Бризбејн во 2032 година, пишува „Би-би-си“. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Кристалните глобуси во центарот на вниманието на 60-годишнината од првата трка во СК

Поткомитетот за Светскиот куп (СК) во алпско скијање се состана на есенските состаноци во Женева (Швајцарија), во пресрет на сезоната во која ќе се прослави 60-годишнината од првата трка во СК, одржана во Берхтесгаден (Германија), на 5 јануари 1967 година (во слаломот за мажи победи Хајнрих Меснер од Австрија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Основните вредности на СК останаа константни во текот на тие шест децении. Од 1967 година победникот во машка конкуренција и од 1968 година во женска конкуренција го добиваат големиот кристален глобус. Малите кристални глобуси по првпат беа доделени во 1978 година.
Од оваа сезона ќе се посвети поголемо внимание на глобусите, зголемувајќи ја нивната препознатливост како симболи на успехот на СК, пишува ФИС.
Сезоната 2026/2027 почнува во Зелден (Австрија) на 24 и 25 октомври, а треба да биде заокружена во Сан Вали (САД), како и во сезоната 2024/2025. Централната точка на сезоната ќе биде Светското првенство (СП) во алпско скијање во Кранс Монтана (Швајцарија) од 1 до 14 февруари. Н.М.