ЏУДО – 16. МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „ПРИЛЕП ГРАД ХЕРОЈ 2026 – ЦЕВИТАНА КУП“

  • Настапија над 360 натпреварувачи од 40 клубa (15 од Македонија). Посебен дел од настанот им беше посветен на џудо-ветераните, кои одбележуваат 10 години од формирањето на Иницијативниот одбор на џудо-ветерани, при што претседателот на Одборот и селектор на ветеранската репрезентација на Македонија, Киро Здравески, им додели признанија на ветераните

Спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ беше домаќин на 16. Меѓународен традиционален турнир во џудо „Прилеп град херој 2026 – Цевитана куп“, на кој настапија над 360 натпреварувачи од 40 клубa (15 од Македонија), од Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Албанија, Словенија Грција, Косово и од Македонија. Натпреварите се одржаа во машка и во женска конкуренција во категориите деца (до 12 години), помлади пионери (до14 г.) и пионери (до16 г.), на четири боралишта. За регуларното одвивање на борбите се погрижија судии од Македонија и од странство.
Турнирот го организира џудо-клубот Сеишин од Прилеп, традиционално во чест на националниот празник 11 Октомври. Настанот е дел од програмата на Општина Прилеп за одбележување на празникот. Свеченото отворање почна со обраќање на потпретседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Миодраг Стојановиќ, по кого се обрати џудо-експертот на Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ), Романецот Георге Дани. Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, го прогласи турнирот за отворен.
Посебен дел од настанот им беше посветен на џудо-ветераните, кои одбележуваат 10 години од формирањето на Иницијативниот одбор на џудо-ветерани. Притоа претседателот на Одборот и селектор на ветеранската репрезентација на Македонија, Киро Здравески, им врачи признанија на ветераните, информираат од Сеишин.

Најуспешни клубови по возрасни категории се: момчиња до 12 години ЏК Панионис (Грција), девојчиња до 12 години ЏК Кастриоти (Косово), момчиња до 14 години Џудо Тим (Турција), девојчиња до 14 години ЏК Гњилане (Косово), момчиња до 16 години ЏК Тигар Академија (Грција), девојчиња до 16 години ЏК Сеишин (Македонија). Во силна конкуренција, џудистите на ЏК Сеишин повторно покажаа квалитет, борбеност и спортски дух, освојувајќи вкупно 21 медал (шест златни медали, две сребрени, 13 бронзени). Злато освоија Софија Ѓорѓиоска, Иван Јошески, Кирил Ангелески, Јована Цветкоска, Дила Пупаловиќ, Дино Кулевски и Бисера Цветкоска. Продолжуваме заедно, посилни и помотивирани кон нови спортски предизвици.
– Со големиот број учесници, меѓународниот карактер и силната конкуренција, Цевитана куп уште еднаш го потврди своето место меѓу препознатливите традиционални џудо-настани во регионот и придонесе за достојно одбележување на 11 Октомври во Прилеп – велат од ЏК Сеишин. Г.И.