Фото: МИА

Министерството за здравство, во координација со Универзитетскиот институт за радиологија, информира дека во тек е сервисирање на апаратите за компјутерска томографија кои се во дефект, а се преземаат мерки за нивно што побрзо враќање во функција, пренесе МИА.

Од Министерството посочуваат дека од почетокот на оваа недела е направена реорганизација во упатувањето на пациентите, со цел навремено да ја добијат потребната здравствена услуга.

-За обезбедување континуитет на здравствената заштита, непречено згрижување на итните пациенти и навремена КТ-дијагностика, до нивно повторно ставање во функција, пациентите се згрижени, односно снимањата се вршат во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Здравјето и безбедноста на пациентите се наш приоритет – соопшти Министерството за здравство.

До повторното ставање во функција на апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија, пациентите упатени за компјутерска томографија во ГОБ „8 Септември“, во Одделот за дијагностичка и интервентна радиологија, се снимаат во термините од 8 до 14 часот и од 20 до 2 часот.

Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, КТ-снимањата се вршат од 14 до 20 часот и од 2 до 8 часот.

Од Министерството нагласуваат дека организацијата е привремена и ќе се применува до повторното ставање во функција на апаратите на Институтот за радиологија.

-Ги молиме пациентите и лекарите доследно да ја почитуваат наведената временска динамика. За секоја промена на состојбата, како и за повторно воспоставување на редовниот режим на работа, сите релевантни здравствени установи, служби и јавноста ќе бидат навремено информирани – наведуваат од Министерството.

Во соопштението се додава дека Министерството вложува максимални напори за што побрзо сервисирање и ставање во функција на апаратите, со цел да се обезбеди непрекинато и квалитетно спроведување на здравствената заштита.

Дополнително, се прават напори за обезбедување термини за КТ-снимања и во други соодветни јавни здравствени установи.

Од Министерството апелираат темата да не се користи за дневнополитички цели, посочувајќи дека сегментот е веќе реорганизиран и дека пациентите продолжуваат да ја добиваат потребната здравствена услуга.