Фото: Принтскрин

Првите три ката од седумкатна зграда се урнаа утрово во населбата Малтепе, во азискиот дел на Истанбул. Од урнатините досега се спасени пет лица, меѓу кои две деца, објави агенцијата „Анадолија“.

Несреќата се случила околу 5.40 часот на улицата „Догу“. Причината за уривањето засега не е позната. На местото веднаш биле испратени пожарникари, полицајци, екипи на Управата за катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), како и медицински тимови.

Спасувачите најпрво ги евакуирале станарите од повисоките катови, кои останале неоштетени, а потоа започнала потрагата по евентуално затрупани лица. Утврдено е дека текстилната работилница на приземјето во моментот на уривањето била празна.

Со помош на кучиња трагачи, спасувачките екипи извлекле пет лица од урнатините. Повредените се пренесени во болница, а за време на интервенцијата на еден пожарникар му се слошило и тој бил хоспитализиран.

Во акцијата се ангажирани голем број спасувачи. Противпожарната служба учествува со 175 лица, 56 возила и кучиња трагачи, додека АФАД е на терен со 25 лица, пет возила и две кучиња.

Полицијата ги затворила околните улици и го обезбедила подрачјето за да им овозможи непречена работа на спасувачките екипи. Поради опасност од дополнително уривање, спасувачите работат со зголемена претпазливост.

Местото на несреќата го посетил истанбулскиот гувернер Давут Ѓул, заедно со началникот на истанбулската полиција Селами Јилдиз.

Ѓул изјавил дека зградата била изградена во 1987 година и имала деловен простор на приземјето и шест станбени ката со вкупно 12 станбени единици.

Според него, причината за уривањето ќе биде утврдена во рамки на судска и управна постапка. Спасувачката акција продолжува под координација на АФАД, а евакуираните станари ќе бидат привремено сместени во хотел обезбеден од агенцијата.